Достапни линкови

Отворен Балкан во поширок состав


Лидерите од регионот на вечера во рамки на Самитот Отворен Балкан во Охрид.

Лидерите на Отворен Балкан од синоќа се во Охрид каде се одржува Самитот на оваа регионална иницијатива. Централниот настан е денеска, на кој освен премиерите на Македонија Димитар Ковачевски и на Албанија Еди Рама, како и на претседателот на Србија Александар Вучиќ, учествуваат и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија. Иницијативата е отворена повторуваат лидерите и се надеваат на скорешно проширување.

Соработката во областа на туризмот и културата е во фокусот на Самитот на Отворен Балкан, кој се одржува во хотел Метропол во Охрид. На крајот од Самитот предвидено е да бидат потпишани договор за соработка на Западен Балкан за меѓусебно признавање дипломи и научни оценки издадени во високообразовни установи и други овластени институции и меморандуми за разбирање за соработка во областа на туризмот, културата и даночната администрација.

Иницијативата Отворен Балкан основата пред неколку години предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу земјите-членки.

Самитот започна синоќа со работна вечера на премиерите на Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија. Последните двајца во својство на набљудувачи. Но иницијаторите на иницијативата се надеваат на проширување.

„Ја нагласувам иднината, затоа што докажавме дека Отворен Балкан го става зад себе минатото. Наместо ѕидови како некогаш, Отворен Балкан гради мостови. Отвора нови перспективи за нашите држави, за нашите народи, за нашите економии и за нашите општества“, рече премиерот Ковачевски по пречекот на лидерите .

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ во Охрид
Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ во Охрид

Тој се надева дека оваа иницијатива ќе се проширува и понатаму и нагласи дека е отворена и за сите земји од регионот. И српскиот претседател Александар Вучиќ пред да дојде во Охрид рече дека Отворен Балкан е отворен за сите, но дека нема никого да моли да и се придружи на оваа иницијатива. Тој по доаѓањето во Охрид рече дека и Приштина е добредојдена. Вучиќ оцени дека Отворен Балкан е извонредна иницијатива од која корист имаат сите.

„Бројките за економската соработка меѓу Србија, Македонија и Албанија растат, што значи дека некои луѓе живеат од тоа и ги прехрануваат семејствата. Да не зборуваме за размена на земјоделски производи, индустриски производи, услуги… Тоа е важно за нас. Им благодарам на сите во светот што се грижат, што и посакуваат добро на иницијативата, но таа е наша иницијатива, на нашите народи и јас сум горд на тоа. Тоа е нешто што ни припаѓа нам“, рече српскиот претседател.


Премиерот на Црна Гора, Абазовиќ е критикуван од јавноста во земјата бидејќи не ја исклучува можноста Црна Гора да се приклучи на „Отворен Балкан“, иницијатива покрената во 2019 година, која до денес, и покрај тоа што има поддршка од ЕУ како и од претходната и сегашната администрација на САД, не оствари проширување.

Претседателот на Владата на Република Црна Гора Дритан Абазовиќ во Охрид
Претседателот на Владата на Република Црна Гора Дритан Абазовиќ во Охрид

Босанските медиуми јавија дека Тегелтија, пак, пред да дојде во Охрид пратил писмо до државното претседателството во кое бара да се разгледа и даде согласност за пристапување на БиХ во „Отворен Балкан“.

Косовскиот премиер Албин Курти ја одби поканата да присуствува на Самитот.

Централниот настан на се одржува денеска, а освен посочените лидери, воведни видео обраќања ќе имаат и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и помошник на државниот секретар на САД Габриел Ескобар.

На сесиите за туризам и култура за придобивките од оваа иницијатива и за тоа кои мерки ќе се преземат за регионален развој на овие области ќе зборуваат министрите од трите земји, претставниците на бизнис заедницата, стопански комори, директори на институции, тур-оператори, хотелиери, културни работници...


Во 14:30 предвидена е прес-конференција на лидерите.
Лидерите на Отворен Балкан се среќаваат само еден ден откако Македонија, Црна Гора и Бугарија го затворија воздушниот простор за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој требаше да ја посети Србија.

Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи во изјава за ТВ Сител рече дека под прашање било доведено одржувањето на Отворен Балкан во Охрид ако се случеше посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија.

„Иако Србија, се разбира, е независна држава која што сама ги одлучува своите надворешно политички приоритети, меѓутоа во рамки на некои регионални иницијативи во кои учествуваме како што е Западен Балкан, се разбира важно ни е сите земји што соработуваме да сме на една линија на некои вредносни системи“, рече Османи.

Македонија се приклучи кон санкциите на ЕУ за Русија по инвазијата на Украина, а го затвори и воздушниот простор за прелет на компании кои што се сопственост на Руската Федерација. Од друга страна Србија не се приклучи кон санкциите против Русија ката Федерација.

Иницијативата која на почетокот се нарекуваше Мини Шенген, е основана во октомври 2019. Од тогаш се одржани неколку состаноци. Последниот се одржа во декември 2021 во Тирана, кога беа потпишани договорите за слободен проток на пазарот на труд меѓу трите земји, како и неколку договори од областа на ветерината и фотосанитарната инспекција.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG