Достапни линкови

Заканите хибридни, осомничените домашни


Полиција, лента, увид
Полиција, лента, увид

Досега се поднесени само две кривични пријави за двајца малолетници. Но, се сомничат и дојавувач од Делчево и еден во Скопје. Денеска во училиштата во 4 македонски градови повторно дојави за бомби.

Пратениците во Собрание за прв пат зад затворени врати дискутираат за лажните дојави за бомби. Пред нив ќе реферира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Единствената точка на дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност е информација за преземени мерки и активности во врска со лажни дојави за поставени експлозивни направи.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата за одбрана од лажните дојави за бомби

Во меѓувреме основни и средни училишта во Скопје, Тетово, Прилеп и Битола и денеска беа цели на дојави за поставена бомба. Полицијата ги евакуираше учениците и вработените, а пристапот до училиштата блокиран. Антитерористичките единици со кучиња трагачи ги пребаруваат училниците. Според анализите на полицијата постојат три нивоа на причини кои се однесуваат на досега објавените лажни дојави за бомби.

Пред почетокот на затворената седница во Собрание, првиот човек на полиција Оливер Спасовски зад овие закани лоцира геостратешки интереси, политички интереси и таканаречени авантуристички интереси. Само за последните, истрагата досега открила дека зад нив стојат двајца малолетници. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека во рамка на истрагите кои се водат за оваа појава, една од нив за осомничен од Делчево е при крај и се очекува наскоро да биде поднесена кривична пријава.

Тој додаде дека за уште еден осомничен од Скопје се очекува да заврши процесот на прибирање докази и да се поднесе кривична пријава. Во последниве два случаја не станува збор за малолетник, како претходните две.

Лажните дојави за бомби Спасовски ги опиша како хибридни напади врз државата. Но, не прецизираше дали има осомничени во првите два столба од полициската анализа – геостратешки и политички, затоа што како што вели, истрагите не требало да се водат преку медиуми.

„Кога зборуваме за геостратешките интереси, се бележи тренд на зголемување по војната во Украина. Потоа зборувам за политички интереси, бидејки сметам дека има многу причинско последични настани кои се случувале во изминатиот период. Повеќе не можам да кажам во овој дел од истрагата“, изјави Спасовски на брифингот со новинарите.

Тој посочи дека симптоматично било дека во дел од пораките на маиловите со лажни дојави за бомби кои пристигнале во Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, биле со речиси ист текст.

Експертите посочуваат дека ако не се најдат набрзо виновниците, дојавите ќе продолжат понатаму и можеби ќе бидат уште побезобразни.

„Можеби ќе бидат на отворен простор, на кој е тешко да се изврши контрола, изјави за РСЕ неодамна професорот Злате Димовски.

Директен линк

Полицијата своите анализи и преземени мерки ги споделува со секторите за меѓународна полициска соработка со стратешките партнери, но и со земјите со регионот.

Претходно министерот на надворешна политика Бујар Османи на 17 декември изјави дека е побарана помош и од НАТО, по што добиле одговор дека тие се информирани и дека прават анализи за тоа што точно се случува.

Спасовски објаснува дека најавената помош од НАТО може да биде во форма на тим експерти кои утврдат ниво на заштитеност од сајбер напади.

„А истрагите си се на земјите. Со сите земји членки на НАТО, ЕУ и на Интерпол соработуваме. Тие ги разгледуваат и ние добиваме информации кои ги анализираме. Мегусебно разменуваме информации со Србија, Црна Гора и други држави“, изјави Спасовски.

Утре повторно ќе заседава собраниската комисија за одбрана и безбедност на е предвидено да се разгледува информацијата за преземените мерки и активности околу лажните дојави за бомби.

Владата најави и формирање на нов оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани со кој ќе раководи Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи. Оперативниот тим ќе биде составен од експерти од Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање. Предвидено е по потреба да бидат вклучени и други институции и експерти.

Првата лажна дојава за бомба на е- маил адреса пристигна на 26 октомври. На 9 октомври заканите освен кон училишта се проширија и кон јавни и приватни објекти како Транспортниот центар, трговските центри Ист Гејт и Бисер, зградата Флет Ајрон.

Македонските институции и пред лажните дојавите за бомби беа мета на хибридните напади но во поинаков формат. Некои од последните случаи кои беа пријавени на социјалните мрежи за хакирани владини сајтови е Бирото за јавни набавки, чија интернет станица во позадина „копаше“ криптовалути. На удар беа и министерствата за земјоделство и за образование.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG