Достапни линкови

Дојавите за бомби ја кратат наставата - МОН ги остави училиштата сами да се снаоѓаат


Архива - Полицијата пред гимназијата Јосип Броз во Скопје поради дојава за бомба.
Архива - Полицијата пред гимназијата Јосип Броз во Скопје поради дојава за бомба.

Речиси две недели до крајот на полугодието, а учениците треба да ги одработат пропуштените часови поради дојавите за бомби кои веќе со недели ги празнат училниците. Онлајн, дополнителни часови, продолжување на учебната година, како ќе се надоместуваат изгубените часови?

Утринава повторно во 15 скопски училишта пристигнала електронска пошта дека е поставена бомба. По извршените проверки, полицијата соопшти дека и овој пат станува збор за лажни дојави. Дел од учениците и денеска си отидоа дома и повторно губеа часови.

Меѓу училиштата во кои имаше дојава за бомба денеска е и средното училиште „Орце Николов“ каде учи матурантот Леонардо Змајшек. Тој вели дека веќе се навикнале на движењата за евакуација, па со оглед на зачестеноста на ваквите дојави, тоа веќе им станало пракса.

„Знаеме дека ако ѕвончето не се огласи во регуларен термин тогаш тоа е поради дојава за бомба“, вели Леонардо кој утринава бил меѓу учениците кои беа евакуирани.

Ситуацијата која веќе трае со недели, вели дека предизвикува фрустрираност кај него и кај неговите соученици. Првата лажна дојава за поставена бомба до скопските средни училишта беше пратена на 26 октомври, а последната денеска. Во тој период 13 дена училиштата добивале закани за поставени бомби, што во просек би значело дека учениците изгубиле околу шеестина часови од наставата.

Пред крајот на полугодието како матурант Змајшек е загрижен и за тоа како ќе бидат надополнети изгубените часови. Од тоа колку ќе научи годинава ќе зависи и неговата оценка и за матурскиот испит.

„Дојава за бомба значи веднаш одење дома. Многу малку насоки добиваме како ќе ги надоместиме изгубените часови и се' варира од професор до професор како ќе се договориме, дали онлајн или со некои материјали или пак во дополнителни часови надвор од редовниот распоред“, вели Змајшек.

Вознемирен денеска беше и професорот по ликовна уметност, Сергеј Дамовски кој исто така предава во гимназијата „Орце Николов“. Револтиран е што ситуацијата веќе трае со недели без да се реши од страна на надлежните институции. Во меѓувреме професорите се снаоѓаат како знаат и умеат за да не трпи наставниот процес.

„Имаме насоки од МОН како да се справиме со изгубената настава, дали часот да се подели во два или темите да се поделат, тоа е се по пат на снаоѓање во дадената ситуацција, која трае веќе со недели“, вели професорот.

Но, тој го нагласува и психолошкиот момент, за што вели дека ова веќе станува психолошко насилство врз најранливите - децата, но и врз родителите и професорите.

„Навистина е страшно. Како ние да се справиме со ситуација со која и надлежните институции не знаат да се справат. Мораме да постапуваме по протоколите кои што ги добиваме. Чекаме да дојдат безбедносните служби да проверат дали имало бомба и тоа е протоколот кој што ние го добиваме“, вели професорот и сугерира дека полицијата треба повеќе да биде во контакт за да ја смири ситуацијата кај засегнатите страни.

Слична е ситуацијата и во регионот каде што од март годинава, српски, хрватски, босански и црногорски полицајци од антитерористичките единици работното време го поминуваат на терен во проверка по лажни дојави за поставени бомби често пати исто така во училишта.

Поради зачестените дојави, црногорските власти поради тоа одлучија наставата да се одвива онлајн.

МОН: Училиштата до крајот на првото полугодие да ги надоместат изгубените часови

Од нашето Министерство за образование не размислуваат какви мерки да се преземат доколку продолжат дојавите за бомби. Сметаат дека се работи за дел од средните училишта и затоа само им порачуваат на училиштата сами да најдат начин како ќе ја надоместат изгубената настава и тоа до крајот на ова полугодие или за две недели.

„Наставата во средните училишта во Скопје каде во изминатите денови имаше повремени прекини, мора да продолжи, а училишните раководства кои се најодговорни за квалитетен и безбеден воспитно – образовен процес, согласно позитивните правни прописи, имаат должност да изнајдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштени часови“, велат од ресорното министерство од каде повикуваат што побрзо да се најдат и да се санкционираат сторителите.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека лажните дојави за бомби се хибридна војна и „скоро апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата“, но дека МВР секојдневно комуницирало со партнерските служби и членките на НАТО во обид да се откријат сторителите.

„Кај голем дел од овие дојави се работи за впн врски хостирани во странство, при што речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, бидејќи се приватни виртуелни мрежи хостирани во странски држави и затоа се работи со партнерските служби“, истакна вчера Ковачевски.

Средни и основни училишта, станбени згради, трговски центри, министерства и други институции речиси три месеци се мета на лажни дојави за поставени бомби во земјава.

До сега полицијата соопшти дека е поднесена една кривична пријава до Обвинителството против малолетник кој е осомничен дека од компјутерот на мајка му креирал електронска адреса преку провајдер што нуди нуди криптирање и заштита на комуникацијата и на 4 декември испратил заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта. Но заканите за поставени бомби продолжуваат и засега нема ниту еден друг осомничен.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG