Достапни линкови

Филмот „Шпионот кој ме вакцинираше“ нема да се емитува


Илустрација
Илустрација

Премиерот Зоран Заев рече дека се јавувал по тајните служби, во британската МИ6 да помогнат да набавиме вакцини. Можеби ќе дојде строен маж во црн костум кој ќе ни рече „Ви донесов Зенека, Астра Зенека“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.

Вакцините во Македонија никако да стигнат, а премиерот Зоран Заев завчера рече дека се јавувал и во британската тајна служба МИ6 да бара да му помогнат.

Можеби очекувал да го испратат агентот 007 лично да ги донесе, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Социјалните мрежи се полни со шеги и иронични коментари, кои алудираат на најпознатиот британски филмски шпион Џејмс Бонд. Можеби ќе дојде строен маж во црн костум кој ќе ни рече „Ви донесов Зенека, Астра Зенека“, се дел од коментарите, а ние ќе го почестиме водка-мартини, протресена, не промешана.

Заев очигледно се надевал дека премиерно ќе го емитува филмот „Шпионот кој нè вакцинираше“, ама се чини дека вакцините за Македонија, завршиле кај „Доктор Но“ на Јамајка, па македонските граѓани ќе се вакцинираат „некој друг ден“. Освен подарокот од Србија, симболична доза на вакцини стигна само „Од Русија со љубов“. Сега ќе треба да го почекаме „човекот со златна вакцина“ за да ни даде „Трошка надеж“ дека епидемијата може да се стави под контрола.

Други, пак, се сомневаат дека можеби Заев повторно разговарал со руските пранкери, кои наместо како Петро Порошенко или Грета Тунберг, овојпат се претставиле како М, шефицата на Џејмс Бонд.

Премиерот Зоран Заев вчера рече дека при набавката на кинески вакцини побарал помош и од фирмата Синохидро, која го гради автопатот Кичево – Охрид.

Македонија е една од ретките земји во Европа, каде што не е почната вакцинација на населението. Со 10-тината илјади дози од вакцината што досега пристигнаа се вакцинираат здравствените работници. Поради засиленото ширење на коронавирусот, од вчера во земјава е воведен полициски час од 22 до 5 часот наутро.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG