Достапни линкови

Вести

Пристигна првата пратка од руските вакцини

Министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин.

Пратка од 3000 вакцини од рускиот производител „Спутник Ве“, пристигна денеска на скопскиот аеродром. Тоа е правата пратка од руските вакцини што пристигна во државата. На аеродромот пратката ја дочекаа министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин.

Пратката пристигна со редовен лет на „Ер Србија“ од Белград , а е преземена преку службата на ДХЛ од Москва во Белград каде стигнале и одредени количини за Србија, заедно со овие 3000 за нас.

Вакцините се чуваат на температура од – 18 до -20 степени, а ќе се чуваат во фрижидерите во пунктот во „Јане Сандански“. Вакцинацијата со овие вакцини најверојатно ќе почне в среда во пунктовите во Здравствениот дом – Скопје, рече министерот. Согласно националниот план, први вакцина ќе примат најстарите граѓани со хронични болести и луѓето сместени во старечките домови, рече тој.

Во упатството на вакцината на „Спутник Ве“ има препорака за претпазливост само кај трудници и доилки. Не е наведена никаква друга контраиндикација, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Според Филипче, од кинеската вакцина се очекуваат 200.000 дози од кои одредена количина може да дојде за кратко време, но се уште не е точно потврдено кога. Од руската вакцина исто така треба да пристигнат вкупно 200 илјади дози, а заедно со вакцините на АстраЗенека земјава треба да има 2,2 милиони дози од вакцините против ковид-19. Досега, пак, преку системот за пријавување за вакцинирање се пријавиле 120 илјади граѓани дека сакаат да се вакцинираат.

Рускиот амбасадор рече дека вакцината ќе придонесе за спасување човечки животи и за враќање на македонската економија на траекторијата на раст.

„Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на македонските граѓани со кои уживаме во вековните традиции на пријателство и споделуваме заеднички вредности“, рече рускиот амбасадор.

Вакцинацијата во земјата почна на 17 февруари со 8000 вакцини на Фајзер, кои земјава ги доби од Србија. Тие се наменети за медицинскиот персонал од ковид-центрите.

види ги сите денешни вести

Рашковски спроведен во затворот во Шутка

Поранешниот генералнен секретар на македонската Влада Драги Рашковски на прес конференција во Владата

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски попладнево е спроведен во затворот во Шуто Оризари. Директорот на затворот Филип Андонов во изјава за МИА вели дека Рашковски согласно протоколите за заштита од Ковид-19, ќе биде сам во ќелија десетина дена.

Попладнево, Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција ја прифати жалбата на јавниот обвинител и му определи 30-дневен притвор на Драги Рашковски и Даниел Станчевски во врска со „истрагата за набавка на софтвер“. На 16 април, на Рашковски му беше определен куќен притвор по четиричасовен распит во Кривичниот суд.

Поранешниот генерален секретар на Владата и доскоро висок владин службеник е осомничен во случајот за јавна набавка на софтер за сообраќајни прекршоци кој што Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело. Во случајот осомничен е и Даниел Станчевски од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“, од кое Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни.


Граѓаните кои примија прва доза АстраЗенека, може да се ревакцинираат во Србија

Србија- медицинска сестра подготвува вакцина против Ковид19 во вакционален пункт во Белград, 25.03.2021

Граѓаните кои примија прва доза од вакцината „Астра Зенека“, а сакаат да се ревакцинираат со истата вакцина, тоа може да го сторат во соседна Србија. Министерството за здравство останува на препораката да не се прима ревакцината од „Астра Зенека“ кај лица помлади од 60 години.

„Доколку граѓаните сметаат и имаат волја да ја примат втората доза на вакцината на „Астра Зенека“ тоа може да го сторат во соседна Србија. Ние не препорачуваме да се прими ревакцина од вакцината „Астра Зенека“ кај сите кои имаат возраст помала од 60 години“, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“.

Филипче - Со стратешкиот договор со „Торлак“ обезбедуваме сигурен извор на вакцини во иднина

Засега, Министерството останува на ставот оваа вакцина да се дава на лица постари од 60 години.

„Ние засега нема да ја даваме вакцината на „Астра Зенека“ кај помлади лица од 60 години затоа што сепак има мала бројка на тромботични ситуации кои се посебно предизвикани кај помлади луѓе и сметаме дека треба да бидеме внимателни. Се уште нема јасна препорака, иако има некои најави, дали лицата кои се помлади од 60 години, а примиле прва доза од „Астра Зенека“ дека треба да примат друга вакцина. Од препораките што ќе произлезат од националните агенции на некои европски држави или од Европската агенција за лекови, ќе зависат и нашите препораки, рече Филипче.

Појасни дека тромботичните реакции се јавуваат отприлика 14 дена по примањето на првата доза од вакцината. Околу 15 000 македонски државјани според српскиот министер за здравство Златибор Лончар се вакцинирале во Србија. Голем дел од нив ја примија вакцината АстраЗенека.

Во Црна Гора уапсен првиот човек на Кавачкиот клан

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора Сергеј Секуловиќ денеска потврди дека на 20 април е уапсен наводниот шеф на еден од криминалните кланови во таа земја Слободан Кашчелан. Тој е уапсен поради постоење на основано сомнение дека организирал криминална група за која постои сомнеж дека е создадена да извршува најтешки кривични дела. Министерот Секуловиќ ова го соопшти во разговорот со американската амбасадорка во Црна Гора Џуди Рајнке, која ја поздрави акцијата.

Кашчелан кој се смета за прв човек на Кавачкиот клан беше уапсен во Чешка во 2018 година по распишана црногорска потерница. Откако и беше предаден на Црна Гора во Подгорица почна судскиот процес против него. Судот ја прифати понудената гаранција од половина милион евра и му дозволи да се брани од слобода.

Кавачкиот клан е инволвиран во шест години долгата војна со друг црногорски криминален клан исто така од Котор, во која се убиени десетици лица и во Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Шпанија и Италија.
Црногорската полиција соопшти дека се уапсени и други лица, но не соопшти детали наведувајќи дека акцијата е во тек.

Мицотакис најави контролирано фазно отворање на Грција

Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис

Отворање на угостителските објекти на трети мај, со скратен полициски час од 23 часот, враќање на сите ученици во училишните клупи на 10 мај и отворање на туризмот на 15 мај, заедно со укинување на забраната за движење меѓу градови, се трите точки од планот на грчката Влада за постепен излез од карантинот, што попладнево го соопшти премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во видео пораката до граѓаните, Мицотакис истакна дека предуслов за конкретниот план е да нема ново зголемување на случаите на Ковид-19.
Угостителските објекти, основните и средните училишта ќе се отворат со задолжителни селф тестови, односно брзи тестови за домашна употреба, како за вработените, така и за учениците и професорите.

Туризмот, како што е веќе познато ќе се отвори со сертификат за вакцинација или негативен тест за посетителите. Во однос на претстојните велигденски празници, Мицотакис соопшти дека нема да биде дозволено движење меѓу региони, односно патување од еден во друг град.

Грчкиот премиер во пораката до граѓаните рече дека пандемијата се чини дека се стабилизира, здравствениот систем одговара на притисокот, а индексот на позитивност се намалува, но, истакна дека сепак најважна е ефикасноста на вакцините. Паралелно, најави дека од следната седмица ќе започне нов, како што рече, брз процес за вакцинација на лицата над 30 години, за побргу да се стекне колективен имунитет.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин со воведен полициски час од 21 часот, а со исклучок на продавниците, фризерските салони, берберниците, археолошките локалитети и повисоките класови од средните училишта, останатите активности во земјата се затворени.

Рашковски од домашен, оди во затворски притвор

Поранениот генерален секретар на Владата Драги Рашковски

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по жалбите од Обвинителството за куќниот притвор за поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски и сопственикот на Инвока Даниел Станчески го преиначи решението на судија на претходна постапка и на двајцата место куќен им изрече 30 дена затворски притвор, информираат од Основен кривичен суд Скопје.

Судијата на претходна постапка во петокот на двајцата одлучи да им изрече мерка домашен притвор додека Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал бараше ефективен притвор и најави дека ќе ја обжали одлуката.

Поранешниот генерален секретар на Владата и доскоро висок владин службеник е осомничен во случајот за јавна набавка на софтер за сообраќајни прекршоци кој што Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело.

Во случајот осомничен е и Даниел Станчески од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“, од кое Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни.

Нови 627 заразени со Ковид19, пријавени 47 починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2.865 тестирања, а регистрирани се 627 нови случаи на Ковид19. Од нив најмногу во Скопје – 218, а потоа следуваат Битола – 66, Куманово – 54, Прилеп – 31, Охрид – 22, Струмица – 21, Тетово – 20, Велес – 19, Штип – 18, Кавадарци – 16, Гостивар и Кичево – по 15, Кочани – 13 и Гевгелија – 12. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка новозаразени.

Пријавени се вкупно 47 починати лица, најмногу од нив од Скопје 22 лица. Меѓу починатите најмладиот е на 44 годишна возраст, а највозрасниот на 92 години. Од починатите пациенти, три лица се починати во домашни услови, а останатите 44 лица во болнички услови, информираат од Министерството за здравство, од каде што нагласуваат дека од оваа бројка 15 лица се починати во тек на март во една приватна клиника, а истите се пријавени денеска.Во последните 24 часа регистрирани се 765 оздравени пациенти.

Со ова вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 148.618, бројката на оздравени пациенти е 125.593, на починати е 4.556, а бројот на активни случаи изнесува 18.469.

Жител од Шишево непрописно фрлал отпад во Нерези, доби кривична пријава

Кривична пријава против жител на село Шишево, сопственик на фирма, е поднесена поради основано сомнение дека сторил кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“.

Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти дека Ј.С. како сопственик на фирма во периодот кон крајот на мај и почетокот на јуни 2020 година организирал транспорт на повеќе поврзани пратки на отпад (градежен шут и смет) од Инфективната болница при Клиничкот центар „Мајка Тереза“ во Скопје до локација на втора заштитна зона на бунарското подрачје „Нерези Лепенец” во општина Карпош.

„Тој отпад заедно со веќе постоечкиот затекнат на дивата нелегална депонија, спротивно на прописите за заштита на животната средина и спротивно на прописите и одредбите од Елаборатот-Експертизата за заштита на бунарската зона „Нерези-Лепенец” и без поседување на дозвола, бил закопан под површината на земјата, со што го сторил кривичното дело“, информираат од МВР.

Рот: фантазиите за промена на балканските граници припаѓаат на минатото

Германскиот министер за Европа Михаел Рот

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот изјави дека промената на границите не решава никаков проблем на Западен Балкан, како и дека таа приказна може да биде многу опасна и повторно да ја отвори „Пандорината кутија“ полна со конфликти.

Во интервју за Дојче веле на албански јазик, по повод таканаречениот „нон-пејпер“, наводно доставен од словенечкиот премиер Јанез Јанша до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, Рот рече дека сегашноста и иднината на Западен Балкан се во помирување, блиска регионална соработка и оддалечување од национализмот и реваншизмот.

„Земјите од Западен Балкан се и остануваат земји на мултирелигиозни и мултиетнички општества. Ова е предуслов за мир, просперитет и демократија. Убеден сум дека словенечката Влада јасно се огради од фантазиите за промена на границите, бидејќи никој во Европа не е заинтересиран за тоа“, рече Рот.

Тој додаде дека сеќавањата за војната во 90-те треба да бидат доволно предупредување за сите и посочи дека „фантазиите“ за промена на границите припаѓаат на пропаднато минато.

Намалена фрекфенцијата на границата со Албанија по одлуката за карантин

Граничен премин „Блато“ меѓу Македонија и Албанија

Одлуката на Тирана за воведување на карантин за лицата кои влегуваат од Македонија во Албанија ја намали фрекфенцијата на патници на двата гранични премини помеѓу Македонија и Албанија кај Дебар. Во текот на вчерашниот ден кога беше и првиот ден на стапувањето во сила на одлуката, на граничните премини ,,Блато“ и „Џепиште -Требиште“ границата во двата правци ја минаа нешто повеќе од 205 патници, додека еден ден пред оваа одлука дневната фрекфенција изнесуваше над 1500 патници на влез и излез.

Портпаролката на СВР – Охрид за западната граница Мерлинда Ислами информираше дека вчера на граничниот премин „Блато“ кај Дебар 53 албански државјани влегле во Македонија, а од Македонија во Албанија влегле 36 албански државјани. Што се однесува до граничниот премин Џепиште – Требиште , регистрирана е фрекфенција на само 15 албански државјани од кои за влез девет додека, а за излез шест.

За време на денешната посета дописникот на РСЕ од Дебар Кенан Мимидиновски на граничниот премин ,,Блато“ за повеќе од два часа не е регистриран влез во земјава на ниту еден албански државјанин.

На одлуката на албанската влада реагираат и дебарските трговци кои велат дека вчера и денеска е опаднат прометот, бидејќи секојдневно над 40 отсто од прометот го реализираат албанските државјани од пограничните градски и селски населби.

Бајден ја поздрави пресудата за смртта на Флојд

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден ја поздравија судската пресуда на сега веќе поранешниот полицаец во Минеаполис, Дерек Шовин за смртта на Џорџ Флојд. По нешто повеќе од 10 часа размислување, поротата од 12 лица го прогласи Шовин за виновен за сите три обвиненија. Смртта на Флојд на 25 мај 2020 година, при обид за апсење за фалсификувана сметка од 20 долари во продавница, поттикна неколкумесечни понекогаш насилни протести против тешката полициска тактика и предизвика национална пресметка за расни прашања.

Бајден, кој претходно разговараше со семејството на Флојд за да изрази сочувство, по пресудата рече дека осудата на Шовин „може да биде огромен чекор напред во маршот кон правдата во Америка“.

„Не можеме да застанеме тука“, рече претседателот, кој ја презеде функцијата во јануари по кампањата во која тој го оспори ставот на актуелниот претседател Доналд Трамп за расните прашања.

Во телефонски повик со семејството на Флојд по пресудата на кој му се придружи потпретседателот Камала Харис, Бајден им рече „барем сега има одредена правда“, но дека „ќе направиме многу повеќе“.

Повторувајќи ги зборовите наЏиана, 7-годишната ќерка на Флојд, Бајден рече за осудата: „Сега ќе започне да се менува (светот)“.

Снимката од апсењето покажа дека Шовин го држи неговото колено на вратот на Флојд повеќе од девет минути.

Жителите на Ново маало со петиција да се гради кај Холидеј Ин

Парцелата1.1 спроти хотелот Холидеј Ин во центарот на Скопје

Жителите на скопската населба Ново Маало најавија дека денеска ќе поднесат петиција од 350 потписи до Владата и до Општина Центар за да не се спречува изградбата на висококатници кај хотелот „Холидеј Ин“.

„Слушаме гласини се шират, имал некој контра петиција. Сите тие луѓе кои беа против, денеска и вчера ни се јавуваат и сакаат да потпишат во наша корист. Ние како жители на тоа маало знаете во кои услови живееме и ова ни е единствена шанса да го обезбедиме нашиот начин на живот после 100 години лажење, манипулации од Општината, од институциите кои 100 години не држат во лавиринт“, рече Игор Стојанов, жител на Ново Маало.

Тие го повикаа градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ да издаде дозвола за почеток на градба за зградите спроти „Холидеј Ин“. Во спротивно, како што порачаа на прес-конференцијата, ќе пдонесат тужби, доколку Деталниот урбанистички план се стави под суспензија.

„ Да не помислуваат градоначалникот и институциите да направат суспензија на планот, тогаш ние ќе ги преземеме сите мерки што треба да се преземат од наша страна, на цивилизиран, пристоен начин, со огромни тужби, со штети кои треба да ги плаќаат сите граѓани на Република Македонија“, рече Стојанов.

Тој посочи дека се во преговори со инвеститорот да бидат обесштетени. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека службите на министерството ќе постапат веднаш доколку Општина Центар до нив достави елаборат за суспензија на спорниот ДУП за парцелите спроти Холидеј Ин каде треба да се градат висококатници.

Оштетените од „Еуростандард банка“ ја поздравија одлуката на Уставниот суд

Еуростандард банка


Здружението на оштетени физички и правни лица од Еуростандард банка „Правда за штедачи” упатија честитки до уставните судии за поведената постапка по нивната иницијатива за оценка на уставноста на членот 163, став 3 од Законот за банки.

„Оваа историска победа е за сите граѓани во државата и истата треба да биде поттик да во овие тешки времиња на пандемија и економска криза уставниот поредок да служи како поддршка на граѓаните, а не за лични интереси на поединци и лоби групи. Се надеваме дека институциите нема да запрат тука и дека конкретниов случај на носење на историски праведна одлука ќе служи за пример како да делуваат понатаму. За историски одлуки се потребни херои, а денес тоа се уставните судии. Ви благодариме што останавте на страната на правото и правдата!“, стои во денешното соопштение од Здружението.

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за оценка на уставноста на членот 163, став 3 од Законот за банки, според кој, побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители. Судот изрази сомнеж за уставноста на оспорената законска одредба. Уставните судии пред неполни два месеца не поведоа постапка по иницијативата поднесена за истата одредба од Законот за банки.

Влада: Ќе продолжиме да реагираме на заканите кон медиумските работници

Владиниот портпарол Душко Арсовски

Владиниот портпарол Душко Арсовски соопштувајќи го ставот за последниот извештај на организацијата „Репортери без граници“ изјави дека Владата со целиот капацитет ќе се насочи кон тоа повеќе да нема случаи на притисоци врз новинари и медиуми кои се наведени во документот. Според него, забелешките ќе бидат земени сериозно предвид.

Тој ги повика сите општествени фактори да бидат на висина на сопствената одговорност, да учествуваат во натамошното подобрување на состојбата и да придонесат во нагорниот тренд во медиумската слобода во земјата. Арсовски наведе и дека Владата реагирала во случаи кога неколку претставници на институции од извршната власт имале непримерна комуникација со новинарите и за нивните постапки биле преземени соодветни мерки.

„За мал дел од случаите беше побарана постапка од МВР, како во случајот со заканувачот кон две новинарки, што институциите експресно го расчистија. Затоа, го повторуваме апелот- секој случај да биде пријавен во полиција и тоа е најбрзиот и најсигурниот начин да се сузбие оваа појава. Го охрабруваме и Обвинителството и судството побрзо да ги процесираат случаите. Владата ќе продолжи и понатаму најенергично да реагира на појавите на закани кон медиумските работници, но треба да се има предвид и дека свој придонес и еднаква одговорност за перцепцијата за слободата на медиумите носат и сите други чинители, како што се политичките партии и останатите фактори во општеството, активни во сферата на јавните комуникации“, истакна владиниот портпарол на редовната прес-конференција на која информираше за одлуките донесени на вчерашната седница.

Северна Македонија во најновиот Светски индекс за слободата на печатот што вчера го објави организацијата Репортери без граници, е на 90 местото на табелата со индекс 31,67. Со тоа земјата е рангирана во портокаловата зона односно во групата земји кои имаат проблематична средина за слободата на печатот. Во претходниот извештај на Репортери без граници Македонија беше на 92-то место.


Путин се закани со одговор на странските провокации

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин го искористи неговотo 17-то годишно обраќање на нацијата на заедничката седница на рускиот парламент за да упати закани против, како што рече, странски провокации, ветувајќи дека Москва ќе одговори остро и на брз начин.

Путин зборуваше на само неколку часа пред приврзаниците на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални да се соберат на масовни протести на кои ќе побараат тој да добие независна медицинска нега и за време на подготовките за изборите што ќе се одржат пред 19 септември и во услови на социјален пад од глобалната пандемија на коронавирус.

Националното телевизиско обраќање доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу Москва и САД и ЕУ во врска со конфликтот во источна Украина и немирите во соседна Белорусија по спорните претседателски избори минатиот август.

Во својот говор, Путин рече дека Москва се стреми да има добри односи со други земји, но предупреди дека ниту една странска држава не треба да ги преминува „црвените линии“ на Русија.

„Секој што организира какви било провокации што ја загрозуваат нашата безбедност, ќе зажали на начин на кој никогаш претходно не жалеле за ништо“, рече Путин.

На почетокот на своето обраќање, Путин се фокусираше на ковид пандемијата, која силно ја погоди Русија. Путин рече дека Русите треба да добијат колективен имунитет од болеста до оваа есен и ги повика сите граѓани да се вакцинираат против коронавирусот.

Бочварски: Ќе постапиме кога ќе добиеме елаборат за суспензија на ДУП-от во Центар

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека службите на министерството ќе постапат веднаш доколку Општина Центар до нив достави елаборат за суспензија на спорниот ДУП за парцелите спроти Холидеј Ин каде треба да се градат висококатници.

„Во моментот кога ќе го добиеме барањето од која било општина, дали е Центар или која било, во рок од 15 дена ќе се изјасниме во однос на суспензија на тој план, тоа е наше мислење коешто се враќа во Советот на матичната општина и потоа гласат советниците. Додека не добиеме барање за суспензија или елаборат за суспензија ние немаме предмет по кој ќе постапуваме. Не знам зошто се создава слика дека некој нешто избегнува да одговори или јавноста не е запознаена, или се создава некаква забуна кога реков и повторувам дека во моментот кога ќе се добие тој елаборат ќе ја информирам јавноста секако и ќе постапиме во законскиот рок за потоа да го вратиме предметот во општината да си се изјасни“, изјави Бочварски.

Според него, досега од општината испратиле само прашалник како да се изработи елаборатот. Елаборатот го изработуваат стручните служби на Општина Центар, Комисијата за урбанизам, и го доставува до Министерството за транспорт и врски, рече Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на договорот за брз автобуски превоз во Скопје.

Инвеститорот „МГ Фешн“ преку електронскиот систем на општината поднел барање за градежна дозвола, а изградбата може да се спречи доколку Советот на општина Центар донесе одлука за суспензија. Но, штетите доколку се влезе во постапката за суспензија, а не се постигне посакуваниот ефект, ќе ги сноси општината.

Приведени Чеси кои планирале да им се приклучат на проруските сепаратисти во Украина

Илустрација

Чешката национална единица за борба против организираниот криминал приведе најмалку петмина Чеси осомничени дека планирале да патуваат на истокот на Украина за да се борат заедно со сепаратистите поддржани од Русија во услови на зголемени тензии меѓу Прага и Москва.

Истражителите од државното обвинителство се сомневаат дека приведените се подготвувале да се приклучат на Народната Република Доњецк, милитантна група која се спротивставува на Киев и контролира дел од источна Украина во близина на границата со Русија, изјави чешкиот државен обвинител Мартин Били, кој додаде дека сè уште никој не е обвинет.

Чесите и Русите веќе протераа дипломати од своите земји. Чешките власти обвинуваат двајца руски офицери на тајната единица за воени разузнавачки служби ГРУ за експлозија на депонија со муниција во 2014 година, во која загинаа двајца чешки државјани. Експлозивите што се активираа во Врбетице, во југоисточниот дел на земјата, наводно биле дел од планираната пратка преку бугарски бизнисмен за снабдување на украинските сили кои се борат против сепаратистите.

Премиерот Андреј Бабиш го отфрли терминот „државен тероризам“ за наводната руска операција против неговата земја-членка на НАТО, предизвикувајќи национална дебата за односите со Русија. Но, неговата влада нареди протерување на 18 руски дипломати, предизвикувајќи негирање од Москва и поголемо протерување на чешки државјани од руска страна.

Германија планира повлекување на војниците од Авганистан до 4 јули?

Германски војник во Авганистан. Архивска фотографија.


Медиуми јавуваат дека Германија планира повлекување на своите трупи од Авганистан до 4 јули. Германската новинска агенција ДПА и француската АФП го цитираа портпаролот на Министерството за одбрана дека пратениците биле информирани за планот и дека во тек се консултации со НАТО.

„Сегашното размислување ... е да се скрати периодот на повлекување. Се разгледува датумот на повлекување на 4 јули“, рече портпаролот на Министерството за АФП, нагласувајќи дека конечната одлука ќе ја донесе НАТО.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела објави повлекување на американските трупи од Авганистан до 11 септември, четири месеци подоцна од крајниот рок од 1 мај, договорен од претходната администрација на САД со талибанците.

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер претходно ја постави средината на август како краен рок за отстранување на германските војници од Авганистан.

Според договорот од Доха, сите странски сили требаше да го напуштат Авганистан до 1 мај во замена за безбедносни гаранции од милитантната група, како што се раскинување на врските со Ал-Каеда и талибанците да не засолнуваат странски терористи. Талибанците исто така ветија дека ќе преговараат за прекин на огнот и договор за поделба на моќта со Кабул.

Филипче: Мерките даваат резултати, но да бидеме внимателни

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска информира дека бројот на хоспитализации во болниците се намалува, а се зголемува бројот на исписи на пациенти со ковид-19. Тој на неговиот профил на Фејсбук напиша дека се намалува и бројот на позитивни пациенти, што значи дека мерките даваат резултати.

„Без разлика што бројќите паѓаат, периодов мора да бидеме исклучително внимателни, поради непредвидливоста на вирусот“, додава Филипче во објавата.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 952 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1641 и има околу 380 празни болнички кревети во ковид центрите.

Постојните мерки за ограничување на движењето и за другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на ковид-19 ќе продолжат да се применуваат до 27 април 2021 година, реши Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести.

Малолетно девојче во Велес тепало врсничка, други деца го снимале настанот

Илустрација

Дванаесетгодишно девојче од Велес физички нападнало девојче на возраст од 11 години, додека тоа и се јавувало на телефон на нејзината мајка и барало помош. Останатите девојчиња го снимале настанот, а видеото се шири на социјалните мрежи. Настанот се случил на 17 април, а вчера бил пријавен во полиција.

Портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски информира дека пријавеното девојче за два дена злоставувало две малолетни двеојчиња, како и дека полицијата во соработка со Центарот за социјални работи работи на овој случај.

„Во врска со настанот, во полициска станица, во присуство на родител и социјален работник, бил извршен разговор со малолетното девојче, како и со уште една малолетничка која учествувала во настаните. Се преземаат и дополнителни мерки и по целосно документирање на случајот во координација со Центарот за социјални работи ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, како и пријава против родителот С.И.(39) од Велес поради негрижа за дете“, појасни Додевски.

Приведена и портпаролката на Навални

Кира Јармиш

Руската полиција ја привела и Кира Јармиш, портпаролката на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални пред најавените денешни протести за негово ослободување.

„Јармиш беше приведена од полицијата додека го напушташе својот дом да оди на шопинг во Москва“, рече нејзиниот адвокат во посебна објава на Твитер, истакнувајќи дека според условите на нејзиниот куќен притвор, дозволено и е да биде надвор еден час на ден. Повеќе детали за нејзиното приведување засега нема.

Претходно приведена беше и Љубов Собол, адвокатката на Фондацијата за борба против корупција на Навални.

Московските власти соопштија дека не одобриле протест за поддршка на Навални, планиран за денеска, објави новинската агенција Интерфакс. Според нив, планираните протести се незаконски и ги предупредија луѓето да не излегуваат на улица. Состојбата на Навални нагло се влоши по штрајкот со глад од две и пол недели, што ги натера приврзаниците да кажат дека тој би можел да умре за неколку дена и објавија протест низ целата земја.

Покренато обвинение против сопственичката на Диамед

Зградата на јавното обвинителство.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против сопственичката на Диамед, Вера Иванова за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари и други приноси од казниво дело.

„Обвинетата В.И., како одговорно лице- управител на ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје, искористувајќи ги овластувањата, во 2013 година со намера за себе да прибави противправна имотна корист, искористила прилика како трговско друштво да учествува во постапка организирана од Министерството за здравство за добивање на лиценца за извршување здравствена услуга- дијализа. Целта на обвинетата не било да извршува здравствена дејност- дијализа, туку со здобивање на лиценца од 20 години, а со тоа и монополска положба на пазарот на овој вид здравствени услуги, да обезбеди повеќекратно зголемување на вредноста на уделот во правното лице“, информираат од Обвинителство.

Оттаму додават дека откако ја основала приватна здравствена установа Диамед, чиј основач е ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје, на 14 февруари, 2014 година со Министерството за здравство склучила договор за лиценца за дијализа во траење од 20 години.

Тоа, според соопштението, на обвинетата и овозможило да постигне значително повисока цена за уделите на трговското друштво од запишаната вредност на уделот кој тогаш изнесувал 231.000,00 денари. Во текот на 2015 година, обвинетата со цел да го продаде јавниот монопол во здравството, започнала преговори со странско правно лице шведската компанија Дијаверум Шведска АВ за продажба на удели во ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје.

Обивнетата за да ја избегне обврската за добивање претходна согласност од Министерството за здравство за пренос на уделот, уделот го пренела на ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје. Без да овозможи Министерството за здравство, како јавен партнер, да утврди дали Дијаверум Шведска АВ ги исполнува на 31 октомври, 2018 година склучила договор со шведската компанија. Со тоа, обвинетата вредноста од уделот во Метрополитен кој бил 231.000,00 денари го зголемила на 11.560.000 евра за колку и го продала на новата фирма.

Обвинетата, како што наведуваат од обвинителството, парите ги пуштила во оптек и тоа износ од 3.275.000 евра, на сметка отворена на нејзино име, во банка во земјава, како и износ од 8.281.000 евра, на сметка во банка во Монако што гласи на правното лице, чиј краен сопственик е обвинетата.

Аферата, која медиумите ја нарекоа Рекет 2, беше отворена во 2019 година. Сопственичката на Диамед тогаш обвини дека властите ја опструирале продажбата на нејзината фирма за да ја рекетираат. Тогашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев кој потоа поднесе оставка обвини дека фирмата незаконски го добила тендерот за дијализа и дека зад фирмата стојат поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот кум од првиот брак Ристо Новачевски.

МОН: Средните училишта се подготвуваат за државната матура

Средношколци. Архивска фотографија.

Министерството за образование и наука соопшти денеска дека средните училишта се подготвуваат за полагањeто на државната матура. Директорите на средните училишта на онлајн-средба со министерката за образование и наука, Мила Царовска информирале дека постапуваат согласно заедничкото решение на Владата и Сојузот на средношколци за спроведување на завршниот испит.

„Најголем дел од училиштата веќе ги објавиле интерните испити. Уште еднаш повикав да се исполнат сите договорени елементи од матурата, затоа што тоа е во интерес на нашите ученици“, рече министерката Царовска.

Директорите на средните училишта, според министерството, информирале и дека целосно ќе бидат спроведени сите безбедносни и заштитни мерки за полагање на матурата.

МОН порачува дека матурските предметни комисии имаат обврска да подготват испитни задачи по секој предмет и да ги објават најдоцна три седмици пред полагањето. Од тие испитни задачи потоа се изготвува тестот за интерните испити.

Приведена соработничка на Навални

Љубов Собол

Љубов Собол, адвокатката на Фондацијата за борба против корупција на Алексеј Навални, е приведена од полицијата од засега непознати причини на само неколку часа пред планираните протести на национално ниво, со барање за итно ослободување на затворениот опозициски политичар.

"Полицијата спроведе план за "пресретнување ", извлекувајќи ја Љубов Собол од такси во близина на метро-станицата Автозаводскаја. Според неа, многу полицајци во униформи биле вклучени во нејзиното приведување. Не е јасно каде ја водат", напиша на Твитер, нејзиниот адвокат, Владимир Воронин.

Минатата недела, на Собол и беше изречена условна казна од една година за незаконско присилно влегување во станот на офицерот на Федералната служба за безбедност, Константин Кудријавцев во декември, неколку часа откако Навални објави снимка од, како што рече, телефонски разговор со Кудријавцев.

За време на 49-минутниот телефонски повик, во кој Навални се претставил како службеник на службата, Кудријавцев опишува детали за операцијата за труење на критичарот на Кремљ во август. Собол, која отишла во станбената зграда на Кудријацев да го испраша, го отфрли обвинението велејќи дека случајот е покренат за да ја замолчи.

Навални беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија, кадесе лекуваше по то со нервен агенс во Сибир. Состојбата на Навални нагло се влоши по штрајкот со глад од две и пол недели, што ги натера приврзаниците да кажат дека тој би можел да умре за неколку дена и повикаа на протест низ целата земја.

Истрага за убиството во Струга

Илистрација - Полиција, полициска СТОП лента.

Јавното обвинителство соопшти денеска дека телото на починатата 34 годишна жена од Струга што синоќа со нож ја уби нејзиниот сопруг, ќе биде дадено на обдукција.

„Според првичните сознанија, по претходна меѓусебна расправија, сопругот и нанел неколку смртоносни убоди со нож на жената, а потоа се обидел да се самоубие. Настанот се случил во домот на нивни пријатели, каде сопружниците биле во посета“, соопшти Јавното обвинителство.

Од местото на настанот, според соопштението, биле прибрани траги докази за вештачење, а ќе бидат испитани и сведоците на случувањата.

„По наредба на јавниот обвинител ќе биде извршена обдукција врз телото на починатата. Од лице место прибрани се траги и докази кои ќе бидат вештачени, меѓу кои и оружјето со кое било извршено кривичното дело. Заради утврдување на фактите, јавниот обвинител ќе ги испита и сведоците на настанот“, појаснуваат од обвинителството.

По обидот за самоубиство, 39-годишниот осомничен е опериран и се наоѓа надвор од животна опасност.

Кралицата Елизабета полни 95 години

Британската кралицата Елизабета Втора

Британската кралицата Елизабета Втора денеска официјално полни 95 години. Сепак, нејзиниот роденден традиционално се слави со спектакл низ Лондон познат како Trooping the Color, во јуни. Парадата низ центарот на Лондон до Бакингемската палата е откажана, поради ковид-19, по втор пат по ред, во 69-годишното владеење на кралицата. Настанот се одржуваше секоја година иако имаше моменти кога беше укинат, особено за време на Втората светска војна и во 1955 година, кога штрајкот на железницата го наруши превозот.

Почина принцот Филип, сопругот на кралицата Елизабета

Оваа година, официјалниот роденден на кралицата се очекува да се слави приватно во замокот Виндзор, каде што живее откако го напушти Лондон по појавата на ковид-19 во март лани. Нејзиниот сопруг принцот Филип, војводата од Единбург, почина на 99-годишна возраст, а неговиот погреб - церемонијален кралски погреб наместо државен, се одржа во саботата во замокот Виндзор.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG