Достапни линкови

Заев засега останува, ќе остане ли и Владата?


Зоран Заев на прес-конференција поднесе оставка од претседател на СДСМ и од премиер по поразот на локалните избори на 31 октомври 2021
Зоран Заев на прес-конференција поднесе оставка од претседател на СДСМ и од премиер по поразот на локалните избори на 31 октомври 2021

Најавената па одложена оставка на Зоран Заев од премиерската и лидерската позиција во СДСМ ќе влијае лошо врз неговиот личен рејтинг и врз оној на партијата, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија. Во меѓувреме се прават калкулациите за утрешното гласање на доверба на владата.

ВМРО-ДПМНЕ нема да ја повлече иницијативата за гласање на доверба на Владата за која седницата е закажана за в четврток, туку ќе се изнајде начин да се задоволи и барањето на пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи кој инсистираше дека неговиот потпис не може да стои заедно со потписите на двајцата пратеници од Левица. Ова го брифираат извори од ВМРО-ДПМНЕ за Радио Слободна Европа по најавата на Реџепи дека го прифаќа предлогот на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски да одбере 19 пратеници од неговата партија и заедно да поднесат иницијатива.

Ваквата опција ја отфрли претседателот на Собранието Талат Џафери кој рече дека ако не се гласа на седницата закажана за четврток, потоа 90 дена не може да има гласање на доверба на владата. Реџепи одбива да биде дел од иницијатива со Левица затоа што како што вели таа партија е анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-американска и е против Договорите од Охрид и од Преспа.

Но, утре пратениците ќе гласаат со уште еден нов момент- одложената оставка од премиерската и лидерската функција во партијата на Зоран Заев. Тој оставката ја најави пред десет дена, вечерта по вториот круг на локалните избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, а по синоќешниот состанок на највисоките партиски тела ја смени одлуката.

„Имаме одлука на Централниот одбор за одложување на оставките. Ниту моите оставки се дискутираат, ниту се одлучува по нив. Кога ги најавив на 31-ви вечерта, потврдив дека останувам да се задржи мнозинство и ако може да се појача. Очекувам парламентарното мнозинство да се стабилизира, особено она мнозинство кое е за ЕУ, за мултиетничко општество. Вечерта на 31-ви, реков останувам периодот за да помогнам во одржување на мнозинството“, рече Заев по излегувањето од партиските состаноци.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија ако ова е времена одлука, a oставката е одложена само за неколку дена земајќи предвид дека се дестабилизира целата ситуација можеби и ќе придонесе за некакво смирување на страстите.

„Меѓутоа, ако сето ова е маневарски изговор да не се поднесе воопшто оставка тогаш секако дополнително ќе биде урнисан рејтингот и на партијата и на Заев“, вели Трошановски.

Тој додава дека недоследноста во политичките изјави и постапки секој политичар порано или подоцна го чини рејтинг во најмала рака.

„Перцепцијата за лидер кој едно вели друго прави дефинитивно ќе се одрази и по рејтингот на партијата што е во слободен пад “, вели Трошановски.

Инаку, Заев е четврти претседател на СДСМ. Со партијата од 1990 до 2004 година раководеше Бранко Црвенковски. Потоа не неговото столче седна Владо Бучковски кој по две години го замени Радмила Шекеринска. Црвенковски се врати на партиската раководна позиција во 2009 година и ја водеше СДСМ се до 2013 година по што, Заев стана лидер. По владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година, Заев ја донесе на власт СДСМ во 2017 година, па веќе петта година е и премиер и лидер.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG