Достапни линкови

Заев: Бизнисмени од внатрешноста мета на рекет


Премиерот тврди дека мета на рекет биле и бизнисмени од внатрешноста, но и дека непосредно пред одземањето на телефонот на Катица Јанева не се слушнал со неа. Во однос на „бомбите“ на Ел Чека, Заев му порача дека ќе одговара.

Бизнисмени од внатрешноста му се пожалиле на премиерот дека биле мета на уцени и дека тој како што вели, како и секој граѓанин тоа го пријавил до надлежните. На прес - конференцијата премиерот Зоран Заев демантираше дека разговарал со специјалната обвинителка Катица Јанева непосредно пред Јавното обвинителство да и го одземе телефонот како дел од проверка на докази во предметот „Рекет“. Во дел од медиумите беше објавено дека пред да и се појави полицијата на Јанева пред врата таа се јавила кај некој поранешен дипломатски претставник во Македонија и кај висок владин функционер.

На информациите во јавноста дека неколку функционери биле инволвирани во уценувањето на бизнисмени, Заев одговарајќи на новинарски прашања изјави дека не може да потврди за кого тоа се зборува, но осомничениот Бојан Јовановски се дружи со многу луѓе од партиите и естрадата, но тоа не е изговор за криминално дејствување. Во однос на тоа дали осомничениот од „Империја“ добил помош од странска држава, односно дали Бугарија му помогнала да го документира случајот, Заев одговори дека не знае, односно дека за тоа одговор треба да даде ОЈО.

„Ќе му се јавите на бизнисменот ќе го прашате, од каде јас да знам дали му дала помош. Бугарија е наш пријател, една од првите која се бори за нашите интегративни процеси, и тоа го докажува премиерот Борисов и бугарската држава секако. Апсолутно да шпекулирам дали таа држава или друга странска е инволвирана во криминални или квази криминални дејствија што се случува овде нема да си го дозволам никако. Јас реков дека ќе испратиме нота, во постапките и процедурите кои што се протоколи во дипломатијата се разговара. Затоа Димитров рече, ние имавме и состанок, за вакво прашање не се испраќа протесна нота, затоа што таа е негативен чин, со пријатели се разговара. Разговарано е со амбасадорот и со соодветните носители на функции во Бугарија“, одговори Заев.

Заев нагласи дека истрагата треба да покаже каква е улогата на Јанева и додаде дека додека не се докаже дека таа е инволвирана во криминал, важи пресумпцијата на невиност.

Заев испрати порака до Ел Чека - Ќе одговара!

Премиерот запрашан за коментар за изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека „бомбите“, кои ги објавува Ел Чека, се насочени само кон ДУИ, а не и кон СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, вели:

„Ако имате некој телефон од господинот Ел Чака, дајте ми за да му се јавам „чекај бе, пријател, зошто ти само за господинот Ахмети објавуваш, а не и за мене?“ Еве јавно нека објави и за мене. За секој што мисли дека треба да објавува. Треба да знае дека има одговорност за тоа. Постои закон и кривично се одговара за тоа. Приватноста е заштитена и апсолутно кога не била заштитена, јас сум водел грижа и други воделе грижа. Овој човек не води грижа за тоа и треба да одговара. И ќе одговара! Светот е глобално село и кога тогаш ќе одговара. Дали треба да го мотивирам и за мене да објави? Ќе одговара кога тогаш, ако има нека објави сега оти ова директно од премиерот му е: ќе одговара!“, рече Заев.

Во однос на лидерската средба Заев го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да им се приклучии дека таа ќе се одржи и без него, но додаде дека е подготвен да разговара за сите прашања кои ќе ги утврдат на дневниот ред.

„Мицкоси вели за предвремени избори треба да разговараме, велам ок, ама човек прво за изборен законик треба да се договориме. Имаме препораки од ОДИХР да ги вградиме. Како опозиција молевме да ги вградиме сега како власт молиме да ги вградиме. Не го сфаќам. Јавното обвинителство не е само моја обврска, не можеме да оставиме да не донесеме закон за јавно обвинителство. Сите теми се потенцијал за разговор, но немам намера да исполнувам желби за предвремени избори иако знам дека ќе победам“ , рече Заев.

Инаку ,на почетокот на прес- конференцијата премиерот најави дека на владината седница ќе предложи смена на директори и членови на управни одбори во јавни претпријатија и неколку државни институции. Меѓу нив сменети ќе бидат директорите на МЕПСО и ЕЛЕМ, на Македонија пат и на Македонски Железници Инфраструктура, како и на Агенција за лекови и биро за јавни набавки.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG