Достапни линкови

„Вистината за ДУИ“ на Ел Чека на штета на Владата


Ел Чека повикува на протести пред Владата и во Тетово. На неговиот Фејсбук профил и натаму се објавуваат секојдневно нови прислушувани разговори. Аналитичарите велат дека објавувањето на „бомбите“ не и носи ќар на опозицијата, ама непостапувањето на институциите и носи политичка штета на власта.

Само во последните 48 часа одекнаа нови десетина „бомби“ за лидерот на ДУИ Али Ахмети, за дел од раководството на ДУИ како и разговорите на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Новите прислушувани разговори се објавени од кичевчанецот Шеќерим Ахмети познат во јавноста како Ел Чека од Чикаго.

Со новите бомби, тој објави и повик за протест пред Владата против владејачката партија ДУИ. Ел Чека ги повикува и лидерите на опозициските партии Зијадин Села и Билал Касами да учествуваат на протестот.

„На секој протест кој ќе го организираме да бидат присутни заедно со нивните членови, и да не молчат. Молчењето е криминал и на секој протест што ќе го одржиме да бидат присутни заедно со нивните членови. Протестите се национални. Редот е на партиите да го поддржат народот. Оние кои не го поддржуваат не се со народот. Секој протест надвор од овој е национална поделба“, напиша Ел Чека на Фејсбук.

„Вистината за ДУИ“ на Ел Чека

Еден од организаторите и учесниците во протестот Шпатим Положани кој е претседател на Здружението на затвореници и прогонувани Албанци во Македонија, вели дека објавувањето на бомбите од СДСМ се покажа како продуктивно за уривање на режимот на Груевски и дека сега ова е само продолжение како „Вистината за ДУИ“.

„Овие бомби кои што се објавија беа успешни за уривање на режимот на Груевски но остана неговата десна гангренизирана рака која треба исто така да се отсече преку притисокот што ќе го врши јавното мислење за ДУИ како коалиционен партнер и соучесник во сите криминали на ВМРО-ДПМНЕ. Јас апелирам до Јавното обвинителство да делува по допрен глас, да оформи предмет за барањето мито на Али Ахмети кон турски инвеститор. Ахмети бара илјада евра од метар квадратен а турскиот инвеститор сакал да гради индустриски објект од три милиони евра“, вели Положани.

На прашањето кој стои за Ел Чека, Положани вели дека не верува оти зад него стои некое политичко сценарио.

„Ел Чека изјавува дека бомбите му ги даваат затвореници кои се казнети со доживотен затвор од кумановската група. Здравата логика упатува дека изворот на тие бомби е некој што сака да направи проевропски и прогресивни промени во државата“, додава Положани.

Кој стои зад Ел Чека е прашање за кое надлежните се уште немаат одговор. Ако премиерот Зоран Заев во 2015 година тврдеше дека добил 5 до 7 проценти од нелегалното прислушуваните разговори од „свиркачи“ од Управата за безбедност и контраразузнавање, се наметнува прашањето од каде таканаречениот Ел Чека ги добива прислушуваните разговори кои сега се објавени.

Професор Ќебир Абзиу од тетовскиот универзитет вели дека од независноста па наваму прислушувал кој стигне и истите лесно се наоѓаат на црниот пазар.

„Во последните две декади во Македонија, се инсталирани голем број софистицирани прислушни апарати во повеќе служби, што им дало можност на повеќе службени лица да имаат пристап до разговорите на граѓаните. Имало во ДБК, во Агенција за разузнавање која е под капа на претседателот, воени разузнавачки служби, се збореше дека имало и приватни организации кои во минатото располагале со таква опрема. Наивно е да се мисли дека денеска е тешко да се обезбеди таква опрема. Аферата за прислушување мислам дека е многу поголема од објавената за 20 илјади прислушувани граѓани“, вели Абзиу.

Непостапувањето по содржината на „бомбите“ штета за власта

Од друга страна пак, ново објавените нелегално прислушувани разговори прават голема политичка штета на Владата, вели политикологот Петар Арсовски. Тој објаснува дека во овој момент е тешко да се предвиди на кого политички му одговара, но додава дека едноставниот одговор е на опозицијата. Арсовски истакнува дека е најважно во моментов истражните органи да постапат брзо и ефикасно за содржината на објавените прислушувани разговори.

„Непостапувањето по снимените материјали кои се појавија во нов оптег ќе има релативно висока политичка цена по сегашната гарнитура ако ги остави така да седат без истрага. Тие мора да постапат брзо и ефикасно по таа истрага ако сакаат да ја санираат политичката штета која бомбите евентуално би им ја направиле. Ова не е директен ќар за опозицијата но е политичка штета за Власта . Опозицијата се уште го нема рехабилитирано својот имиџ за да може да биде условно кажано легитимен укажувач за власта но секако може да и наштети на власта и мислам дека тоа е причината зошто бомбите се појавуваат релативно анонимно“, вели Арсовски.

Против Ел Чека засега е покренато обвинение во кичевскиот основен суд. Првото рочиште беше одложено за 26 август, затоа што се чека од полицијата официјален одговор дека тој е недостапен. Но, обвинението се однесува на незаконското објавување на прислушувани разговори, не и за содржината и набавката на овие разговори.

Во однос на содржината на прислушуваните разговори од Јавното обвинителство велат дека тие ги следат будно објавувањата на „бомбите“ и дека доколку наидат на наводи за сторено кривично дело ќе преземат обврски спрема законските надлежности. За суштината на разговорите се надлежни и од Специјалното јавно обвинителство кои исто така велат дека ги следат разговорите кои ги објавува Ел Чека, но не откриваат повеќе детали.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG