Достапни линкови

Едногласна одлука на Советот -Русковска не се враќа во обвинителство


Седница на Совет на обвинители

Суспендирана останува шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, одлучи Советот на јавни обвинители, постапувајќи по нејзината жалба. Несоработката меѓу Русковска и Јовески доведе до оваа непријатна состојба, заклучува претседателот на Советот, Јолевски.

Ниту еден обвинител од Советот на јавни обвинители не застана на страната на обвинителката Вилма Русковска, која до Советот се пожали за нејзината суспензија. По затворена седница, осум членови јавно едногласно гласаа жалбата да и биде отфрлена, односно Русковска да остане оддалечена од работа.

Советот треба да има 11 члена, но двајца се пензионирани, а републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој по должност е член на Советот не присуствуваше на седницата, поради конфликт на интереси.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски вели дека одлуката била тешка, оти ретко имале вакви случаи.

„Од една страна доаѓа основен јавен обвинител кој треба да гони организиран криминал и корупција, од друга страна имаме јавен обвинител. Несоработката меѓу нив доведе до овие непријатни состојби“, изјави Јолевски.

Русковска ќе биде суспендирана додека се води кривичната постапка за нејзиното постапување при претресот во Финансиска полиција, поднесена од Арафат Муареми. Но суспензијата ќе трае и додека нејзиното обвинителство води постапка по пријавата за нерегуларности во Управата за финансиска полиција, за да не влијае на предметот.

Јовевски на 16 август ја суспендираше Русковска и поднесе предлог за поведување на дисциплинска постапка за утврдување на нејзина одговорност и на уште две обвинителки за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда при претресот во Финансиската полиција на 18 јули.

Првиот човек на Советот на обвинители вели дека Јовески не добил информација за сè што се случувало во врска со претресот во Финансиска полиција, ниту за доказите. Во случаи кои побудуваат интерес во јавноста, и во кои има судир меѓу две институции, во случајот, финансиска полиција и Обвинителството на Русковска, таа требало да го извести државниот обвинител за да има координација во работењето, а не за да и се меша во видот на одлуката.

Во жалбата што Русковска ја поднесе до Советот на 19 август повеќе имало за дисциплинската постапка, која не е предмет на оценка, вели Јолевски. Обвинителката тогаш изјави дека не е суспендирана само таа, туку и правото и правдата во земјата. Јолевски се надева дека суспензијата на Русковска ќе трае кратко.

„И ние сакаме што побрзо да заврши, сепак се работи за наш колега, испаѓа како сега да го казнуваме колегата, не сакаме така да испадне и да звучи дека ние ги отстрануваме сите оние кои работат, туку да го елиминираме делот на сомнеж дека некој врши влијание“, вели Јолевски.

Тој вели дека членовите на Советот се мислеле дали со решението ќе пратат погрешна порака до јавните обвинители дали се под надзор на државниот обвинител.

Советот денеска одлучуваше само за суспензијата, а во меѓувреме си тече дисциплинската постапка против Русковска и против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, кои на 18 јули извршиja претрес во Управата за финансиска полиција. За дисциплинската постапка нема рок во кој Комисијата треба да донесе одлука. Комисијата треба да утврди дали е сторена дисциплинска повреда, по што ќе донесе одлука дали ќе ја ослободи
Русковска од одговорност, дали ќе и изрече дисциплински мерки или пак ќе предложи до Советот на јавни обвинители да ја разрешат.

Поранешниот директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми на почетокот на август поднесе кривична пријава против Русковска и обвинителите Трајчева и Јосифовска. На пријавата и претходеше медиумска преписка и обвинувања, а Русковска побара и помош од владата и странска помош против, како што рече, притисоците од Муареми. Случувањата кулминираа со нејзина суспензија и со повлекување од функцијата на Муареми.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG