Достапни линкови

Судирот Русковска - Муареми покажува во правосудството е дојдено „нож до коска“


илустрација, Арафат Муареми и Вилма Русковска
илустрација, Арафат Муареми и Вилма Русковска

Европската обвинителка Лаура Ковеши вели дека не планира наскоро да ја посети Македонија откако и обвинителката Русковска и директорот на Финансиската полиција Муареми побараа странска помош по нивниот јавен судир. За правните експерти овој судир е потврда дека правниот систем е во сериозна криза.

Странските амбасади во земјава и Европската обвинителка Лаура Ковеши не одговорија на повикот на двете главни институции за откривање финансиски криминал и корупција да посредуваат во нивниот судир што кулминира деновиве.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми денеска ја повика јавната обвинителка Вилма Рускоска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал, да ги докаже и на јавноста да и пласира обвинителен акт против него. Претходно Муареми најави кривична пријава против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои на 18 минатиот месец извршија претрес во Управата, по пријава на граѓанин.

Ова е неговата реакција на синоќешното отворено писмо на шефицата за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска преку кое таа ги повика на помош амбасадите на САД и ЕУ, владата и јавноста од, како што го нарече, загрозувачкиот притисок од претставник на владата, односно од Муареми.

Русковска ги повика сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Таа ја повика и Европската обвинителка Ковеши, доколку е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на ОЈО ГОКК откако е на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Драги Рашковски, Мухамед Зекири и за Арафат Муареми.

„Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за “помош“- нека го потврдат и тие она што Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзор над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има“, вели денеска Муареми.

Владата бара професиооналност од институциите

Од Канцеларијата на европската обвинителка Лаура Ковеши за Радио Слободна Европа велат дека Обвинителката нема намера наскоро да ја посети Македонија. Оттаму објаснуваат дека имаат контакти со Јавното Обвинителство за воспоставување соработка и потсетуваат на нивниот мандат кој ги опфаќа само финансиските интереси на земјите членки на Европската унија.

Од Амбасадата на САД за РСЕ велат дека Амбасадата е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив.

„Се чини дека ова прашање е тековен процес и е прашање за надлежните органи да го решат“, велат од Амбасадата на САД.

И од Канцеларијата на Европската Унија со истиот став. Велат дека ова прашање треба да го решат надлежните органи.

„Европската Унија внимателно ги следи сите поврзани случувања, вклучително и неодамнешните јавни размени. Примената на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер за основи, кој прв ќе се отвори во пристапните преговори со ЕУ. Применливите закони ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат. Ова прашање треба да го решат надлежните органи“, велат во одговорот за РСЕ од ЕУ.

Од Владата, пак, апелираат сите институции професионално и одговорно да ги извршуваат задачите според своите надлежности.

„Сметаме дека никој не треба да влијае врз работењето на државен орган каков што е јавното обвинителство, и го охрабруваме да постапува законито, непристрасно и објективно“, ни одговорија од Владата.

Во меѓувреме, со реакција на писмото на Русковска се јави Здружението на јавни обвинители на Република Северна Македонија. Тие сметаат дека со писмото се нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители.

„Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето. Таквата контрола токму има за цел да се избегне незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката. Јавното обвинителство имало и има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации“, велат од Здружението на јавните обвинители.

Експерти - правниот систем под сериозни политички влијанија

Според експертите отворениот судир меѓу двете институции кои треба да бидат предводници во борбата против финансискиот криминал и корупција е доказ дека правосудниот систем во земјава е во сериозна криза.

Кризата не е нова, туку претставува една од поголемите ескалации, вели професорот по кривична постапка, Гордан Калајџиев.

„Самиот факт дека правниот систем е во криза и дека е под сериозни политички влијанија и дека се изразува повеќе како политички судир, откако како правен е повеќе од сериозен. Повикувањето на странски фактори значи дека работата е дојдена „нож до коска“ и со тоа се признава дека системот е во сериозна криза и мора сериозно да му се пријде. Палијативни решенија би можеле да бидат дел од кризата, но на подолг рок не треба да се избрзува. Треба да се почека да се разреши конкретниот случај и подоцна да се види зошто овие проблеми институционално запаѓаат во ваква криза“, вели професорот Калајџиев.

Директен линк

На исто мислење е и Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Стразбур. Таа вели дека овој конфликт меѓу двете институции е недозволив и создава негативна слика во јавноста.

„Ако има некаков проблем, тоа се работи кои треба да се решаваат внатре во рамките на органите и секој да сноси своја одговорност. Колку што јас се сеќавам ваквата несоработка меѓу овие две институции одамна лебди во воздух. Постојат органи коишто и овој проблем можат да го разрешат и многу е жално сега да се вика странски елемент за да ги разрешува работите, каде што согласно националната регулатива, апсолутно постои можност националните надлежни органи да утврдуваат кој што правел и кој какви пропусти направил. И не сфаќам зошто сега се повикува да се следат и некои други предмети, за Рашковски, Зекири итн. Постојат постапки за нив и не може никој сега од надвор во рамките на овие постапки да ги оценува, кога постојат органи“, вели Цаца Николовска.

Муареми на брифинг со новинарите, на 3 август, рече дека претресот бил тенденциозен, со единствена цел да му се наруши угледот, да се доведат во прашање сите постапки што ги водел и води. Од Финансиската полиција велат дека при претресот биле направени низа пропусти од страна на обвинителите, еден од тие пропусти е што претресот не бил правен според наредбата издадена од Судот, друго е што кога се прави претрес во државен орган, според Законот за кривична постапка, треба да се присутен старешината, во случајов министерот за финансии (или од него назначено лице), велат од Управата за финансиска полиција.

Професорот Калајџиев укажува дека слабости во постапувањето има и кај двете страни. Очигледно е дека Обвинителството има фалинки во процесниот дел, вели Калајџиев и потсетува дека не е прв пат судијата да не бара од Обвинителството сериозни аргументи кога одобрува упад во човековите права, конкретно сега при претрес, односно кога Судот и самиот не се покажува како сериозен арбитер.

„Во овој дел е најдобро да продолжи постапката, односно најдобро би било кога Судот би ја играл улогата на процесен арбитер. Според мене, најпожелно би било од своите функции да се суспендираат овие кои се сега влезени во политички конфликт, бидејќи тие се толку очигледно навлезени во конфликт на лична основа со политичка позадина. Значи, постапката е добро да продолжи со истрага која би ја водел друг обвинител, а исто така би требало да се суспендира од моменталната функција директорот на Финансова полиција, кој би можел да ги опструира и натаму истрагите, се разбира доколку тие против него се основани“, вели Калајџиев.

На 18 јули Обвинителството за организиран криминал, изврши претрес во Управата за финансиска полиција. Од Обвинителството тогаш посочија дека станувало збор за обемна документација и оти во истрагата биле опфатени повеќемина вработени во Управата. Русковска наредбата ја дала по пријава на група граѓани против директорот.

Инаку Финансиската полиција е еден од двата клучни органи на откривање на финансиски криминал и корупција, покрај Секторот за организиран криминал во МВР.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG