Достапни линкови

Европската десница зема замав, расте ли евроскептицизмот?


илустрација

Тешко е да се предвиди што за политиката за проширување на ЕУ ќе значи подемот на крајно десните партии, откако во неколку европски земји власта ја освои десницата. Некои од тие партии се антиевропски, но не сите го делат евроскептицизмот, вели професорот по политички науки Огнен Вангелов

Убедлива победа на крајно десничарскиот блок во Италија. Десничарите кои ги предводеше Џорџа Малони имаат доволен број на гласови за контрола на двата дома на парламентот.

Две недели претходно на парламентарните избори во Шведска, победи десницата, односно националистичката популистичка партија Шведски демократи.

Во јуни францускиот претседател Емануел Макрон го загуби своето парламентарно мнозинство по големите изборни добивки на новоформираната левичарска алијанса, но и на екстремната десница. Десното Национално собрание на лидерката Марин Ле Пен освои 89 места, додека десничарските републиканци добија 61 место во францускиот парламент.

Во април годинава унгарската десничарска партија Фидес на премиерот Виктор Орбан оствари многу појасна победа отколку што се очекуваше. Фидес освои 53,1% од гласовите, а опозицијата оцени дека нејзината победа се должи на огромната пропагандна машинерија на партијата и нејзината доминација во медиумите.

Победата на десничарските партии во Европа не е нова ситуација, вели Огнен Вангелов, професор по политички науки во Американ колеџ во Скопје.

Овој тренд трае повеќе од 20 години, но она што е забележително е трендот на зголемена поддршка на крајната десница во Европа. Ако на почетокот на 2000 година поддршката беше од 3 до 5 проценти, денеска таквата поддршка е од 15 до 20 проценти. Вангелов вели дека е тешко да се предвиди што ваквиот тренд ќе значи за евроинтеграциите и воопшто за Европската Унија.

„Тешко е ова да се каже бидејќи овие крајно десни партии формираат меѓусебни коалиции на ниво на Европа. Некои од нив се антиевропски, односно евроскептични, но други пак бараат коалиции со слични партии во други европски земји сметајќи дека таквата поврзаност ќе доведе до формирање на некоја нова Европа, по некои нивни критериуми. Но, не се сите сами по себе евроскептични“, вели Вангелов.

Како таков пример Вангелов ја посочува десничарската партија Фидес на чело со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Оваа партија веќе 12 години е на власт и не се смета за евроскептична партија, иако има некои антибриселски политики, вели професорот. Од друга страна, додава Вангелов, оваа партија се залага за брза интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

„Тие имаат друга визија за тоа како треба да изгледа Европа, така што многу е тешко да се предвиди како би се однесувале овие влади ако многу повеќе земји добијат влади од крајно десни партии, дали тоа ќе значи стоп за евроинтеграцијата или стоп за европскиот проект како што го знаеме сега или преобликување на ЕУ во нешто сосема ново. Тоа е непредвидливо, но трендот е тој и не е изненадување тоа што сега во Италија и Шведска ќе имаме влади во кои доминантни се десничарските партии,“ вели Вангелов.

Десницата со друга визија за Европа

И со Полска владее ултра-конзервативната влада која често застанува на страната на Орбан. И тие изразија задоволство од изборниот резултат во Италија, а полскиот премиер Матеуш Моравјецки ги означи како „скандалозни“ коментарите на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека ЕУ има „алатки“ да се справи со земја-членка ако работите „одат во погрешна насока“.

Идната италијанска премиерка Мелони вели дека не сака да ги напушти Европската Унија и еврозоната, но од друга страна го поздравува Брегзит и ги поддржа Полска и Унгарија во спорот за владеењето на правото.

На прашањето како подемот на десницата во европските земји ќе се одрази на Европската Унија и евроинтегративниот процес, министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека европската идеја е доволно отпорна за кој било скептицизам кој може да се појави од каде било.

„Овие се циклични промени во земјите во ЕУ, се разбира тоа е одлука на граѓаните во секоја земја да избира своја власт. Имаше периоди кога беше десницата на власт, па потоа имаше и периоди кога граѓаните се одлучуваа за алтернативни опции. Мислам дека ЕУ е влезена во тој стадиум на развој каде што е доволно отпорна за осцилации предизвикани од евроскептицизам“, вели Османи.

Доминира отпорот кон мигрантите

Она пак што им е заедничко на сите крајно десни партии е отпорот кон миграција од неевропски земји, претежно муслимански, велат аналитичарите. Некои од овие партии се и против миграции од посиромашните региони, како што е и западен Балкан, особено од Косово.

Политичкиот аналитичар Етем Азири пак не гледа опасност од десничарските партии и потезите кои тие би ги воделе во однос на политиката на евроинтеграции.

„Мислам дека десницата во Европа нема негативно да се рефлектира врз проширувањето на Европската Унија оти мислам дека врз тоа влијаат други фактори, а не партиската идеологија. Целосно гледано десницата се покажала како доста конструктивна и не можеме априори да кажеме дека нивната победа негативно ќе влијае врз некои пошироки трендови, како што е политиката на проширување, а од друга страна ЕУ се соочува со внатрешна криза“, вели Азири.

Според познавачите на состојбите во Брисел, победата на Мелони се очекува да биде „проблем“ за Брисел кој во новата владејачка структура во Италија забележува политики кои се во судир со европската агенда.

Најголемото влијание на италијанската десница во европската политика најверојатно ќе биде во спорните политички области како што се имиграцијата, абортусот и правата на ЛГБТ - сите прашања на кои таа силно се спротивставува. Очекувано е Рим повеќе да ги поддржи Будимпешта и Варшава во нивните препукувања со Брисел околу се, од владеење на правото до слобода на медиумите до правата на хомосексуалците односно во сите теми кадешто ЕУ се обиде да биде повлијателна во последниве години, но што може да биде потешко ако Италија не се согласува со тоа.

Она на што укажуваат нашите соговорници е и можноста за промена на реториката кај тие партии во периодот пред изборите и откога ќе формираат влада.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG