Достапни линкови

Државните детски одморалишта ги „јаде“ времето, и неодговорноста


Детското одморалиште Пелистер
Детското одморалиште Пелистер

Повеќето детски одморалишта кои останаа сопственост на државата зјаат празни и полека се претвораат во руини. Државата неколкупати се обиде да ги продаде, но засега нема конкретен план што понатаму со нив. Затоа битолчани сега пробуваат да си го вратат назад детското одморалиште „Пелистер“.

Облечен во костум, со машна и скејтборд, битолчанецот Иван Чулакоски и овој март се спушти по Пелистер за да побара детското одморалиште „Пелистер“ државата да го отстапи на користење на Општина Битола. Веќе трета година година по ред, Чулакоски кој инаку е советник од независната листа Поинаку, на овој начин се обидува да го привлече вниманието на јавноста за потребата да му се врати сјајот на Пелистер како туристички центар.

Вели дека детското одморалиште е едно од најубавите места во Битола. Се сеќава кога тука одел на одмор. Првпат влегол во диско, во трето одделение. Научил да скија. Пронашол многу пријатели. Затоа сега е разочаран кога гледа како местото е буквално е оставено да се распаѓа.

„И знаете, кога е нешто државно, кога ќе е оставено само од себе, кога никој не го одржува... јас со секое одење таму гледам дека почнуваат да недостасуваат некои работи, дали тоа се краде или намерно се руинира, не знам, меѓутоа, веќе почнува да личи на руина“, објаснува Чулакоски.

Смета дека битолчани подобро ќе се грижат за објектот. Убеден е дека со враќањето на одморалиште во функција, ќе се вратат не само децата, туку и туризмот на Пелистер.

„Детскотото одморалиште во Битола значи едно убаво и култно место кое што неколку влади претходно го ветуваа, каде што луѓе изградија политички кариери на тоа детско одморалиште меѓутоа еве ден денес е во катастрофална состојба, објектот се распаѓа сам од себе и мислев дека е време, како нова да кажам локална власт во Битола да пробаме да го побараме од Владата и од МТСП да ни го врати на раководење во општина Битола. Да ни го врати во наша сопственост“, бара Чулакоски.

Десет одморалишта отишле во приватни раце

Детските одморалишта се градени на најатрактивните и чисти локации, во недопрена природа. Сепак, по осамостојувањето на државата и процесите на приватизација, голем дел од нив беа оставени на забот на времето.

Одморалиштето „Пелистер“ сега ја дели судбината со уште пет други вакви објекти врз кои корисничко право има Министерството за труд и социјална политика МТСП. Тука се „Малешево“ и „Суви Лаки“ во Берово, Николиќ“ во Дојран и „Мајски Цвет“ - Струга, додека во сопственост на МТСП е и одморалиштето „Бунец“ во Гостивар.

Од сите овие одморалишта, како што појаснуваат од МТСП, единствено она во Струга во изминативе две години било користено како летувалиште за деца од социјален ризик.

Голем дел од детските одморалишта беа продадени во периодот од 2009 до 2016 година, откако државата реши да ги приватизира овие објекти. Во 2010 година нов сопственик добија „Асамати“ во Ресен, „Висока Чука“- Гевгелија и „Попова Шапка“ во Тетово, а една година претходно и „Пљачковица“ во Радовиш.

Во 2011 година се отуѓува одморалиштето „Мите Богоевски“ во Претор, но и „Македонија“ во Тиват“, Црна Гора. Две години подоцна се продадени „Голак“- Делчево и „Михајлово“ - Кавадарци, а последни во 2015 и 2016 година сопственик добиле одморалиштата Шула Мина“ во Крушево и „ Ѓуриште“ во Свети Николе.

Од МТСП појаснуваат дека иако имаат корисничко право, сепак Владата е таа која одлучува што ќе се прави со нив, дали ќе се реновираат, обноват или продадат.

„Основна заложба на Министерството за труд и социјална политика е детските одморалишта коишто се во сопственост на МТСП или за кои МТСП има право на користење е да ја задржат својата основна намена, односно да бидат во функција на потребите на децата од ранливите семејства, но и за сите деца во државата. За таа цел во Министерството се прават анализи и проценки со цел да се изнајде ефикасен механизам детските одморалишта да бидат во употреба“, наведуваат од Министерството.

Инаку, дејноста одмор и рекреација може да се обезбедува и остварува во јавно и приватно детско одморалиште. Ако не е приватно, одморалиштето може да биде општинско, државно или јавно, зависно од тоа кој е негов основач.

Нема профитабилност во работа со детско одморалиште

Сместено во срцето на Кожуф планина, на 1200 метри надморска висина среде стара борова шума, детското одморалиште „Михајлово“ со нови газди започна да работи во 2013 година. Според јавно достапните информации, проценето беше на околу 150 000 евра.

Како што објаснува раководителот Љупчо Глигоров, продажбата била клучна за објектот да остане во функција. Роден е во Кавадарци, па и самиот добро се сеќава детскиот џагор и на летувањата минати во „Михајлово“, заедно со другите деца од градот. Не верувал дека еден ден, тука ќе биде и неговото работно место.

„Не сум го замислувал дека ќе ми биде толку убаво со деца. Јас како угостител се пронајдов и многу ми е убаво, дури ми е неубаво кога е празно одморалиштето, кога немам смени, немам активност. И едвај чекам да дојде зимување или летување, тогаш сум максимално ангажиран. Летниот распуст ми минува како да се два дена, а не три месеци... “, вели Глигоров.

Вели дека пред повторно да се отвори, била неопходна реконструкција на одморалиштето и нов инвентар што барало поголеми инвестиции. Пандемијата им нанела голем удар кој се уште го чуствуваат бидејќи се забранети екскурзиите и наставата во природа. Без помош од државата и соодветни закони за заштита на функцијата на детските одморалишта, Глигоров смета дека не е многу профитабилно да се работи во овој сектор. Затоа престојот кај нив не е ограничен само на деца, туку добредојдени се сите посетители. Задоволен е што неодамна е реновиран патот до објектот, бидејќи тоа е основно за нивната работа.

„Инфраструктурата е основа за секој бизнис, па угостителството е многу зависно од тие работи. Значи пат, канализација, води, струи, поготово на такви места каде што е потешко пристапно или нема население. Ама добро е што ова одморалиште функционираше од претходниот систем, од бивша Југославија, и тогаш до таму било се донесено, инаку сега да правиш нешто такво во планина, тешко ќе е да се донесе струја, вода, канализација“, вели Глигоров.

Пропаднати обиди за продажба

Ако „Михајлово“ релативно брзо се продаде, детското одморалиште „Пелистер“ неколкупати досега беше понудено на продажба. Но без успех. Неговата проценета вредност е на околу 700 000 евра. Располага со околу 300 легла, а зафаќа површина од околу 4000 м2 со придружните објекти. Само дворот има над 36.000 м2, а поседува и две мали стази за скијање со ски лифтови. Во 2006 година било издадено под закуп на вработените во времетраење од 20 години, но договорот бил раскинат.

Кон крајит на 2014 година беше еден од последните обиди за продажба на пет детски одморалишта. Почетната цена за наддавање за „Ѓуриште“ беше 57000 евра, за „Шула Мина“ 75 000 евра, „Суви Лаки“ 170 000 евра, „Николиќ“ за 315 000 евра и „Малешево“ 515 000 евра. Согласно огласот и согласно постоечките детални урбанистички планови, новите потенцијални сопственици на овие капацитети по нивното купување требаше да ја задржат дејноста туризам.

Притоа продадено беше само едно одморалиште, „Шула Мина“ во Крушево.

За тоа што планира да прави Владата со детските одморалишта кои се во државна сопственост, оттаму само кусо не упатија на антикризните мерки усвоени на 28-мата седница, а со кои се бара рационализација на трошоците во јавниот сектор. Со овие мерки буџетските корисници се задолжени да ги намалат расходите за стои и услуги за 10 проценти. Тие до 21 март до Министерството за финансии треба да достават предлог за тоа како ќе ги намалат трошоците.

Сепак битолчанецот Чулаковски се надева дека државата ќе има слух за нивното барање, со цел да се спречи целосно пропаѓање на објектот. Вели дека по природа е оптимист. Запрашан за тоа која е првата мисла кога сега го гледа одморалиштето ќе рече:

„Зошто сме оставиле нешто да пропадне толку многу и да се уништи нешто што сме го имале и функционирало. Тоа е првотот што ми доага на памет. И следната слика што ја гледам е повторно дворот исполнет со детски џагор, со смеа, со забава“.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG