Достапни линкови

Тешко време за сиромашните - потребно е системско решение


Илустративна фотографија.

Мерките за парична помош на ранливите категории граѓани за справување со енергетската криза стигнаа во Собранието. Парите ќе бидат исплатени следниот месец засебно од пензиите и другите исплати. Помошта е добредојдена, но и натаму постои загриженост дали ќе биде доволна и за храна и за греење.

Штипјанката Ѓулетмана Мустафова во моментов е невработена и прима социјална помош, откако мината година ја загубила работата во фабрика за производство на чевли, а сега е ангажирана да извршува општо-корисна работа преку Агенцијата за вработување.

Иако живее сама, таа вели дека е скапо да ги обезбеди основните прехранбени производи во денот, како сирење, домати, јајца или леб, а прашува како ли преживува четиричлено семејство кое треба да купи месо и други продукти.

„Најевтиното месо е 450 денари, а каде е зеленчукот и другите производи. Еве и лебот веќе е поскапен на 40 денари. Јас еден леб можам да го јадам два дена, ама не повеќе. Што ќе прави четиричлено семејство, може ли да помине со еден леб?“, вели Мустафова.

Народни кујни: Добро е што има кој да даде
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

Владата го усвои Предлог-законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории и го испрати во Собранието. Се очекува пртениците да го изгласаат по брза постапка за граѓаните да можат што поскоро да ја добијат помошта. Ако законот биде изгласан месецов, тоа значи граѓаните помошта почнат да добиваат од ноември до февруари следната година.

Оние кои се опфатени со мерката нема да треба да поднесуваат барања за да ги добијат парите. Министерството за труд и социјална политика ќе ги исплаќа средствата врз основа на списоци на корисници на финансиска поддршка изготвени според податоците на Министерството, Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Финансиската поддршка ќе се исплаќа засебно од пензиите или другите права кои произлегуваат од системот за социјална заштита, според одговорот кој Радио Слободна Европа го доби од Министерството за труд и социјална политика.

„Финансиската поддршка ќе се исплаќа на корисници на правата согласно овој предлог закон, започнувајќи од наредниот месец од денот на влегувањето во сила на овој закон во траење од четири последователни месеци“, велат од Министерството.

Мустафова ја поздравува како добредојдена оваа дополнителна помош на оние 3.000 денари кои ги добива секој месец. Но, и покрај тоа, вели дека ќе биде тешко да се помине зимата со зголемените сметки за струја.

„Веќе три до четири месеци сметките за струја се зголемени. Од летото наваму сметките се зголемени за 25 проценти. Што попрво да се направи, дали да се плаќа струја, дали да се плаќа водата...?“, прашува Мустафова.

Инаку, со владината помош за ранливите категории граѓани опфатени се околу 180 илјади граѓани или 10 отсто од популацијата.

Пари ќе добијат ранливите категории кои досега не добиле помош од државата, а во категоријата невработени опфатени се само стечајците и пензионерите со пензии до 14 илјади денари. Со новата мерка не се земени предвид луѓето со ниски плати.

Енергетската криза и растечката инфлација веќе ги зголемија месечните трошоци за живот на граѓаните за 18,7 проценти во однос на септември минатата година, според податоците на Државниот завод за статистика. Храната е поскапена за 30 проценти.

Според податоците на Светската банка од оваа година, во Македонија 18 проценти од населението живее во сиромаштија.

Раст на цени на сирење и кашкавал од ист производител 2021 - 2022
Раст на цени на сирење и кашкавал од ист производител 2021 - 2022

Според Билјана Дуковска – претседателка на Македонската платформа против сиромаштија, со еднократната мерка тешко дека ќе се дојде до позитивни променти. Потребни се системски решенија и политики за државата да може да се справи со проблемите кои ги предизвикува сиромаштијата и со последиците од неа, вели таа.

„Сиромаштијата е мулти-димензионална состојба во којашто не може само системот за социјална заштита да направи промена, ниту пак само економски мерки да го дадат посакуваното решение. Потребно е да има сет од услуги, финансии и активација на населението за да може да дојдат до едно основно ниво од каде ќе може да напредуваат“, вели Дуковска.

Дуковска вели дека ја охрабруваат Владата да продолжи да инвестира во најранливите граѓани, но смета дека периодов примателите на гарантирана минимална помош (ГМП) требало да добијат зголемувања на примањата кое што ќе ги следи трошоците за живот и растот на минималната плата.

„Исто така сметаме дека треба да се работи на зголемување на опфатот на лица коишто го остваруваат правото на социјални бенефиции, затоа што во моментов и според нивните статистики и од она што го гледаме на терен е дека не сите на коишто им е потребно користат одредени мерки“, вели Дуковска.

Македонската платформа за сиромаштија организираше конференција насловена „Сиромашниот два пати плаќа“. Од организацијата велат дека со сите покачувања на цените сиромашните луѓе ќе плаќаат двојно поскапо ако навреме не обезбедиле средства за да ја поминат зимата. Тие кои не купиле навреме дрва сега ќе плаќаат двојно повеќе, но и оние кои немаат добра изолација во домовите. Влијанието од кризите врз луѓето е големо, велат од организацијата, прво ковид-кризата, а сега економската и енергетската криза.

Ивана Вучкова од Фондацијата „Фридрих Еберт“ вели дека владините програми за сузбивање на енергетската сиромаштија, како поставувањето на фотоволтаици и субвенции за фасади и прозори, треба да бидат донесени поблиску до ранливите категории граѓани.

„Овие домаќинства се засегнати од несоодветни услови на топлинска изолација во нивните домови, стари апарати кои не се енергетски ефикасни и со тоа плаќаат повисока цена на струјата и многу повеќе се засегнати од покачувањето на цените“, вели Вучкова.

Откако Собранието ќе ја усвои новата мерка, во следните четири месеци по 3.000 денари ќе добиваат корисниците на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, корисници на право на надоместок заради попреченост, луѓе со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, луѓе кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.

Потоа, 3.000 денари ќе добијат и невработени луѓе корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок.

Корисниците на право на пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 1.500 денари месечно и оние кои имаат пониски пезнии од 11.525 денари месечно.

По 750 денари ќе добиваат граѓаните кои добиваат пензии не пониски од 11.526 денари и не повисоки од 14.000 денари месечно. Иста сума ќе добиваат граѓаните со право на надоместок поради телесно оштетување.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG