Достапни линкови

Дистрибуцијата поскапа од струјата – само во Албанија има поскапа мрежарина од Македонија


Илустрација: Далновод
Илустрација: Далновод

Само Црногорците плаќаат повисоки сметки за струја од македонските граѓани. Само во Албанија се плаќа поскапо за пренос и дистрибуција на струја отколку во Македонија. Најниски сметки плаќаат жителите на Косово.

Македонските граѓани плаќаат едни од најскапите пренос и дистрибуција на струја во регионот. Во земјава, повеќе чини да ви ја донесат струјата до дома, отколку самата струја. Според јавно достапните податоци од регулаторните комисии за енергетика, само Албанија плаќа повисока мрежарина.

Македонските граѓани исто така плаќаат едни од највисоките сметки за струја во регионот. Само Црногорците плаќаат малку повеќе. Косово и Србија имаат најниски сметки за струја.

Прашањето за мрежарината се отвори минатиот месец, откако граѓаните во сметките за струја почнаа да добиваат посебни ставки за цената на струјата, а посебни за цената на преносот и дистрибуцијата. Претходно овие ставки беа пресметани во конечната цена на струјата и граѓаните не знаеја колку точно чинат.

Надоместот за пренос и дистрибуција на струја, односно таканаречената мрежарина, се плаќа за изградба и одржување на преносната и дистрибутивната мрежа, трошоци за отчитување и одржување на мерните места, за помошни системски услуги и балансирање на мрежата, а со тие пари се покриваат и загубите на електрична енергија во мрежата.

Во голем дел од сметките се гледа дека за дистрибуција се плаќа повеќе отколку за самата струјата. Но, така е во речиси сите земји во регионот.

Сметките покажуваат дека семејство што троши 400 киловатчасови струја месечно, 200 во евтина, а 200 во скапа тарифа, ќе плати сметка од околу 2650 денари. Ако некој производител одлучи да им ги подари тие 400 киловатчаса, семејството ќе плати сметка од околу 1600 денари, зашто толку чини да им ја донесат струјата до дома.

Македонија – Поскапо чини дистрибуцијата отколку самата струја

Зошто некои сметки за струја изгледаат нелогично?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:01 0:00

Струјата во Македонија од 1 јули поскапе за просечно 7,4 отсто.

Новина е тоа што во сметките за струја, наместо како досега, да има само ставки за евтина и скапа струја, сега има и ставка пренос и дистрибуција. Тоа не е нова давачка, но за првпат во сметките ја има наведено посебно. Досега таканаречената мрежарина беше дел од вкупната цена на струјата.

Граѓаните на социјалните мрежи реагираа дека повеќе плаќаат за дистрибуција на струја отколку за самата струја. Тоа е така затоа што евтината струја во Македонија е скоро џабе, односно 0,6 денари за киловатчас.

Мрежарината се плаќа исто, и во скапа и во евтина тарифа, и изнесува 3,37 денари за киловатчас. Најголем дел од овие пари, односно над 3 денари одат за ЕВН Електродистрибуција, а помал дел за државниот преносен оператор МЕПСО, кој стопанисува со далноводите.

Новина во Македонија беше и воведувањето четири различни блок тарифи за скапа струја. Оние што трошат помалку ќе плаќаат поевтина струја. По најниска цена се плаќаат првите 210 киловатчаса скапа струја, поскапа е потрошувачката од 210 до 630 киловатчаса, уште поскапа од 630 до 1050 киловатчаса, а потрошувачката што надминува 1050 киловатчаса е скоро три пати поскапа.
Семејство што троши 400 киловатчаса месечно, 200 во скапа и 200 во евтина тарифа, ќе плати 2645 денари.

Албанија – Големо поскапување на струјата за тие што трошат повеќе, мрежарината остана иста

Албанија има најскапа мрежарина во регионот. Според податоците на нивниот Регулатор за енергија, мрежарината изнесува 7,27 леки за киловатчас. Кај нив нема евтина и скапа струја, туку цената е иста цел ден. Имајќи предвид дека 1 лек е 0,53 денари, мрежарината е 3,85 денари. Најголемиот дел од овие пари одат за дистрибуција, односно 3,4 денари, а помалку од половина денар се за пренос.

Пред неколку дена, албанскиот Регулатор за енергија донесе одлука за воведување блок тарифи. Струјата за оние што трошат над 800 киловатчаса месечно, ќе поскапи за дури четири пати.

Потрошувачката до 800 киловатчаса месечно ќе остане како и досега – 9,5 леки (5 денари), во која е вклучена и мрежарината. Секој киловатчас над оваа граница ќе се наплаќа по 42 леки (22,2 денари). Одлуката ќе важи од 1 октомври до 31 декември годинава.

Цената за пренос и дистрибуција остана иста.

Тоа значи дека мрежарината во Албанија е многу поскапа од цената на струјата, која е само 1,2 денари за киловатчас.

Така, семејство што троши 400 киловатчаса месечно во Албанија ќе плати сметка од 4660 леки, односно 2470 денари, сума во која е пресметана и таксата за телевизија, која во Македонија веќе не се плаќа.

Дополнително, ДДВ за струја во Албанија е 20 отсто, додека во Македонија беше 18 отсто, но како дел од антикризните мерки беше намалено на 5 отсто.

Србија – Скапа мрежарина, евтина струја

Податоците од српската Агенција за енергетика покажуваат дека во најголемата земја во регионот, со скоро 7 милиони жители, се плаќа најмалку за пренос и дистрибуција на електрична енергија. Кај нив, и за овие ставки има евтина и скапа тарифа. Така, во евтина тарифа мрежарината е 1,2 динари (0,63 денари), а во скапа 4,35 динари (2,29 денари).

И во Србија, надоместокот за пренос и дистрибуција е многу повисок од цената на самата струја.

Сепак, во нивните сметки има и други ставки коишто ги нема во Македонија. Па така, се плаќа и еднократен надоместок за гарантиран снабдувач од 142 динари (74,4 денари), како и пресметковна моќност, која за просечно семејство е 360 динари (189 денари).

Во Србија, исто така има блок тарифи, односно оние кои трошат повеќе плаќаат поскапо. За разлика од Македонија, каде што блок тарифите важат само за скапа струја, во Србија тие се и за скапа и за евтина струја. Најевтината, зелена зона е за потрошувачка до 350 киловатчаса месечно, сината е за потрошувачка од 351 до 1600 киловатчаса и црвената за секој потрошен киловатчас над границата од 1600 киловатчаса.

Дополнително, во Србија се плаќа акциза за струјата од 7,5 отсто и ДДВ од 20 проценти, како и такса за јавниот медиумски сервис од 300 динари (157 денари).

Сепак, и покрај овие трошоци, српските граѓани плаќаат пониски сметки од македонските. Калкулаторот објавен на сајтот на српското Електростопанство покажува дека семејство што месечно троши 400 киловатчаса струја, 200 во евтина и 200 во скапа струја, ќе плати сметка од 3749 динари (1968 денари).

Сметка за струја во Црна Гора
Сметка за струја во Црна Гора

Црна Гора – Секоја ставка посебно

Граѓаните на Црна Гора добиваат детални сметки, во кои се наведени цените на струјата, мрежарината и губитоците во мрежата. Дополнително, Црногорците плаќаат еднократен надоместок од 1,4 евра месечно за мрежен капацитет.
Во Црна Гора струјата е поскапа од надоместокот за пренос и дистрибуција.
Ангажманот на мрежен капацитет во скапа тарифа е 3,78 евроценти за киловатчас, а во евтина 1,89 евроценти. Губитоците во мрежата во скапа тарифа се 0,8 евроценти за киловатчас, и двојно поевтино во евтина.

Значи дека вкупно за мрежни услуги, Црногорците плаќаат 4,58 евроценти (2,8 денари) за киловат час во скапа тарифа и 2,29 евроценти (1,4 денари) во евтина тарифа.

Семејство што троши 400 киловатчаса струја месечно, 200 во евтина и 200 во скапа тарифа, би платило околу 45 евра за струја, односно 2767 денари, што е најмногу во регионот.

Босна и Херцеговина – Мрежарината малку поскапа од струјата

Според сајтот на Електростопанството на Босна и Херцеговина, мрежарината во висока тарифа е 0,085 конвертибилни марки (2,7 денари), а во ниска 0,043 конвертибилни марки (1,34 денари).

Според калкулаторот објавен на сајтот на босанското Електростопанство, семејство што троши 400 киловатчаса струја месечно, 200 во евтина и 200 во скапа тарифа, ќе плати сметка од 66,62 конвертибилни марки, односно 2097 денари.

Косово – Најмладата држава со најевтина струја

Жителите на Косово, кое прогласи независност во 2008 година, сè уште добиваат само една цена на струјата, во која е вкалкулиран надоместокот за пренос и дистрибуција на струја. Скапата струја е 7,36 евроценти за киловатчас (4,5 денари), а евтината 3,15 евроценти (1,94 денари) за киловатчас.

Според калкулаторот на електроснабдувачот Кесцо, семејство на Косово што троши 400 киловатчаса струја, 200 во евтина и 200 во скапа тарифа, ќе плати сметка од 23 евра, односно 1396 денари, што е најевтино во регионот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG