Достапни линкови

Децениски злоупотреби на лични податоци на граѓани


Македонски пасоши

„Двојник“ „Мафија 1 и 2“ се дел од имињата што им ги даде опозицијата на последните афери повразани со злоупотреба на лични податоци на граѓани. Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Димитар Ѓеорѓиевски, вели дека жртвите можат да тужат и да бараат отштета поради таквата злоупотреба

Кражба на идентитети на граѓаните искористена за 215 лажни пасоши, двојни матични броеви, сомнително издадени околу сто илјади образци за издавање на изводи од матична книга. Ова се само дел од аферите кои беа отворени во изминатиот месец, а се однесуваат на злоупотреба на личните податоци на македонските граѓани.

Проблемот лежи во недоволно добрата инстуционална организација и отсуството на внатрешна контрола на државните институци. Тие треба да спречат нивни вработени да прават криминал и да ги злоупотребат личните податоци и интегритетот на граѓаните, вели професорот на Факултетот за безбедност Трпе Стојановски. Според него, жално е што државните институции кои се создадени да прават ред, не го постигнуваат тоа за кое се создадени.

Стојановски: Власта имаше време да ги среди проблемите во МВР
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:07 0:00
Директен линк

„Државата ги има сите механизми за да ги регулира процесите, тоа што таа претходно не го направила квалитетно, можела да го направи во изминативе четири или пет години, а токму тоа беа и очекувањата од оваа власт, да ги стабилизира процесите, да ги направи процедури со кои ќе ги исправи нерамнините или ќе ги спречи можните злоупотреби и криминално однесување. Опозицијата сега што се повикува на слабости треба да се повика и да ги објасни слабостите кои што се случуваа кога таа беша на власт. Токму во нејзино време беа масовно доведување на луѓе од странство на кои им беа доделувани лични карти и документи“, вели професорот Стојановски.

Димитар Ѓеорѓиевски независен експерт и поранешен директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци вели дека е изненаден од молкот на Дирекцијата. Тој додава дека и секој граѓанин кој што смета дека му се злоупотребени личните податоци може и треба да поведе постапка за утврдување на злоупотребата според Законот за заштита на лични податоци како и надомест на штета.

„Бидејќи очигледно во прашање е обемна повреда на приватноста на поголем број на граѓани, и тоа се повредени податоци кои се посебни категории на лични податоци. Само да спомнам дека матичниот број се вбројува во посебна категорија што значи дека ужива и посебна заштита бидејќи тој е единствен идентификатор и за вас да се дознаат други податоци. Затоа и повредата е уште позначајна и потешка, затоа што високиот ризик кој резултира од овој случај е тригерот кој што налага дека и без некој да се обрати до агенцијата, агенцијата сама по сопствена инцијатива да отвори истрага за тоа и да биде предводник на истрагата и да ги утврди одговорните“, вели Ѓеорѓиевски.

Ненаучени лекции

Но, овие афери се само дел од децениската злоупотреба на податоците, но и приватноста на граѓаните. Неодамна за незаконското масовно прислушување на 20 илјади граѓани беше осуден поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков на 12 години казна затвор, заедно со неговите соучесници во предметот „Таргет Тврдина“. И тоа не е прв пат граѓаните да бидат незаконски следени и прислушувани.

„Во врска со најновите афери кои ја тресат државата а се поврзани со начелата за заштита на личните податоци можам да кажам дека сум изненаден од обемот и опфатот на ваквите нарушување на правата и приватност на граѓаните и да потсетам дека во контекст од 2015 година кога започна со објавата за незаконското прислушување па до ден денеска ништо не се сменило, очигледно не сме ја научиле лекцијата. Тие што се најмногу одговорни за безбедноста на податоците на граѓаните и обработката на нивните лични податоци за цели за издавање на лични документи се случуваат пропусти и гафови може да заклучиме дека во нашава држава нити се преземени мерки од препораките кои ги доби тогаш во времето на прислушувањето, ниту пак е тргнато на подобро. Џабе сите закони ако нема имплементација“, вели Ѓеорѓиевски.

Стојановски потсетува дека во времето кога биле издавани патните исправи со лажен или украден идентитет немаше доволно обрасци за издавање на пасоши за граѓаните на кои им истекол рокот на важноста. Станува збор за периодот од крајот на 2019 година и почетокот на 2020 година кога надлежните и објаснуваа на јавноста дека поради лошо планирање имало сериозен недостаток од обрасци за издавање на пасоши, па во тоа време право на пасош, по итна постапка, имаа само граѓани со здравствени проблеми кои мораа операции да прават надвор од државата. Во тој период, односно јануари минатата година, според новинарските истражувања, му бил издаден пасош на еден од мафијашите кои биле приведени со македонски пасош и лажен идентитет.
Партиските обвинувања за тоа кој е виновен за состојбата со злоупотребата на личните податоци во изминативе денови не стивнуваат. Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, истрагата за издавањето на пасоши со украдени индетитети започнала на 20-ти февруари 2019 година, што значи дека траела нешто повеќе од две години. Од друга страна, Наќе Чулев, кој стана технички министер за внатрешни работи на трети јануари 2020 година, на својот официјален Фејсбук профил објави дека министерот Спасовски имал „речиси цели четири години за да ја заврши истрагата“, со што имплицира дека таа била започната многу порано.

Со двоен идентитет беа приведени и поранешните разузнавачи и обвинети за неколку кривични дела Горан Грујевски и Никола Бошковски на аеродромот во Солун.

Стојановски вели дека сите досегашни примери и афери укажуваат на тоа колку е кревок и ровит правниот систем во сферата на јавните исправи каде што е потребно многу работи да се стабилизираат и да се воведат квалитетни контролни механизми.

Проблемот со двојните матични броеви е стар 40 години, прв пат бил забележан во 1981 година кога започнало дигитализација на матичните книги, велат луѓето од службите.

МВР- проблемот со двојните матични броеви е од 1981 година

Реалниот проблем настана минатата деценија, кога двојните матични броеви се користеле за изборни измами, едно лице да има право на две лични карти со различна адреса со што се овозможувало и гласање на две избирачки места, изјави неодамна универзитетскиот професор и национален координатор за погранично управување Владимир Пивоваров во емисијата „25 минути“.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 11 луѓе за случајот со злоупотреби при издавање пасоши, соопши Обвинителството. Според обвинението, 10 луѓе се обвинети за продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, а едно лице е обвинето за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG