Достапни линкови

Пасошите не се стигнати, има само уште 1700 обрасци


Илустрација - Пасоши

Од МВР информираат дека се прават напори пратката од 100.000 патни обрасци да пристигне за најбрз можен рок. Но, пред една недела беше најавено дека првата пратка на пасоши ќе пристигне денеска. Останати се само 1700 обрасци.

Првата пратка со пасоши која беше најавена дека ќе пристигне денеска, се уште не е испорачана. Од МВР велат дека се во постојана комуникација со германската компанија Веридос и како што наведуваат, се прават напори пратката од 100.000 патни обрасци да пристигне во најбрз можен рок.

„Кога ќе пристигне пратката ќе им бидат издадени патни исправи на сите граѓани кои во меѓувреме поднеле барања, а не им биле издадени патните исправи. Инаку, моментално во Министерството за внатрешни работи на располагање има околу 1700 обрасци за патни исправи“, соопштуваат од МВР за РСЕ.

Техничкиот заменик министер за внатрешни работи Славјанка Петровска пред една недела ја најави првата пратка на пасоши.

„Со лични карти проблем немаме, но со пасоши имаме и тоа јавноста веќе подолго време го знае. Првата пратка ја очекуваме на 6 март да биде испорачана и на тој начин веќе ќе почнува да се враќаме во една нормална состојба на испорака на патните обрасци“, изјави Петровска.

За кризата со патните исправи се дозна на почетокот на минатиот месец. Преостанати тогаш беа само 3.700 обрасци, а од нив 650 како што најави тогаш техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, ќе бидат искористени за издавање патни исправи по итна постапка, а останатите ќе се издаваат по приоритет. За таа цел беше формирана и Комисија на МВР која одлучува по барањата за пасоши.

„Приоритет ќе имаат сите оние случаи каде е неопходно издавање пасоши заради здравствени причини“, рече тогаш Чулев.

Одговорност за тоа кој е виновен за недостигот на пасоши никој не презеде, но затоа имаше обвинувања меѓу засегнатите страни. Чулев реагираше дека недостигот на пасоши е последица на несовесното работење на неговиот претходник, а сега технички премиер Оливер Спасовски.

„Постојат инцидиции со материјални докази кои велат дека се спроведувале постапки спротивно на законот и за истите се склучувале договори во тек на постапка за јавна набавка, се менувале членови на комисии, се случувале рамковни спогодби и скоро секогаш се излегувало надвор од предвидената финансиска рамка, се воделе тендерски постапки без претходно да биде изведена тендерска спецификација“, рече Чулев.

На што Спасовски возврати дека додека тој бил во министерството немало такви проблеми и му порача „да седне и да си го реши проблемот“.

„За се што има постојат документи, а органите нека истражат се што е правено и како е правено. Се што е направено е направено во интерес на граѓаните врз основа на една легална и законска процедура“, рече Спасовски на прес-конференцијата во Владата.

Според Чулев, во февруари имало околу 16.500 поднесени барања во редовна постапка за издавање на пасоши.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG