Достапни линкови

Османи: Очекуваме најдобар извештај на ЕК и кристално чиста препорака


Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи

“Очекуваме дека ќе го добиеме еден од најдобрите извештаи на Европската комисија од досега добиените и ќе добиеме кристално чиста препорака, а земјите-членки треба да ја одобрат. Во услови кога европската идеја е се повеќе нападната, оспорена и загрозена, Република Северна Македонија направи преродба на нејзините основни принципи, едноставно таа е еден остров на Балканот кој ја преродува и заслужува повеќе од кога било и од кој било да почне овој процес”, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешната средба со новинарите.

Според него на аргументите на Франција дека Европа треба прво да се продлабочи пред да се прошири, може да се одговори со фактот дека ние не бараме утре да влеземе во ЕУ и сметаме дека додека Западниот Балкан се подготвува за членство ЕУ има време да се продлабочи.

Османи посочи дека денеска е последниот ден пред извештајот на Европската комисија што ќе се објавува после два месеци околу 29 мај. Но, имајќи предвид дека утре почнува предизборната кампања, а пред таа да заврши ќе почне изборната кампања за Европскиот парламент, до 29 мај и во земјите-членки на ЕУ ќе имаме една вонредна состојба во која фокусот ќе биде на изборите, а не на евроинтегративниот процес. Според него, тоа не значи дека во овие два месеца ние нема да продолжиме со иста динамика и темпо, за да се постигнат стандардите и критериумите што сме ги поставиле.

“Едно важно поглавје во кое имаме со што да се пофалиме и ни е сериозен адут е владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата и создадовме суштински систем за борба против корупцијата и се испорачаа резултати”, изјави Османи

Нагласи дека добра е одлуката да не се објави извештајот во април, затоа што со објавувањето на неговата содржина во предизборна атмосфера би можело да се предизвика голем притисок, имајќи предвид дека во некои земји-членки не е многу популарно проширувањето на ЕУ, со проширувањето со Западен Балкан.

Посочи дека во овие 20 месеци создале како што рече „свето тројство“ на институции, независни институции за борба против организираниот криминал и корупцијата, а тоа се, како што рече, Антикорупциската комисија, Антикоруциското специјално обвинителство и Координативното тело за борба против организиран и сериозен криминал, и додаде дека тие покажале резултати.

XS
SM
MD
LG