Достапни линкови

Дали Русија во октомври ќе има вакцина против ковид-19?


илустрација

Истражувачите кои стојат зад една од двете руски кандидати за вакцини против коронавирус, кои минуваат низ процес на одобрување во таа земја, велат дека планираат да започнат со производство во ноември. Со тоа се доведени под прашалник официјалните руски ветувања дека ќе почнат да вакцинираат во октомври.

Генералниот директор на “Вектор”, државен центар за вирологија и биотехнологија, Ринат Максутов предвидува дека неговата институција ќе започне со производство на вакцина во ноември.

„Очекуваме да започнеме со производство веќе во ноември годинава“, рече Максутов за телевизијата “Росија 1”, додавајќи:

„Така, кон крајот на оваа и почетокот на следната година ќе можеме да зборуваме за вакцинација барем на луѓе од ризичните групи со понатамошно преминување кон масовна вакцинација“.

„Вакцински национализам“ - секоја земја сама за себе?

Руските власти постојано најавуваат агресивен распоред за вакцина против коронавирусот, кој инфицираше најмалку 849.000 и уби повеќе од 14.000 луѓе во Русија.

Генералниот директор на “Вектор”, државен центар за вирологија и биотехнологија, Ринат Максутов
Генералниот директор на “Вектор”, државен центар за вирологија и биотехнологија, Ринат Максутов

Многу странски експерти изразија скептицизам во врска со руските тврдења, со оглед нараширените обвинувања дека Москва излажала за многу аспекти на појавата и за постапувањето на службените лица.

Претседателот Владимир Путин и многу други официјални претставници се особено заинтересирани да го прикажат евентуалниот напредок како сведоштво за местото на Русија како главен глобален играч во областа на науката и медицината.

Министерот за здравство Михаил Мурашко дополнително изненади многумина кога на 1 август вети дека Русија ќе спроведе „обемна вакцинација“ во октомври.

Мурашко додаде дека на наставниците и медицинските работници ќе им се даде приоритет во програмата за вакцинација. Тој не достави други детали за вакцината или програмата за вакцинација.

Што ако никогаш не се развие вакцина за ковид-19?

Претходно, Ројтерс објави дека неименуван извор рекол оти првиот кандидат на Русија за вакцина против ковид-19 треба да обезбеди одобрение од владата во август.

илустрација
илустрација

Русија, според извештаите, има две вакцини кои би требало да бидат одобрени: Едната е на “Вектор”, а другата на московскиот институт „Гамалеја“ во соработка со Министерството за одбрана.

Малку потврдени детали се објавени за секоја од нив.

Дури над 100 најголеми напори за развивање вакцина продолжуваат низ целиот свет.

Станува збор за досега невидена посветеност на научните и медицинските сектори за пронаоѓање на безбедни и ефикасни вакцини и третмани против смртоносниот коронавирус, кој се појави во централна Кина кон крајот на минатата година и од него досега починале најмалку 685.000 луѓе.

Освен тоа милијарди луѓе се најдоа под карантин и беа опустошени економиите ширум светот.

Многу од најоптимистичките истражувачи сугерираат дека развојот на вакцината против вирусот САРС-КоВ-2 во шестмесечната пандемија што инфицира 18 милиони луѓе во светот, ќе трае до крајот на годинава, што е извонредно темпо во споредба со годините или децении што беа потребни за повеќето претходни вакцини.

Ветувачки резултати и надежи за вакцина против коронавирусот

Шефот на рускиот Фонд кој го финансира истражувањето на вакцините, Кирил Дмитриев, во врска со вакцината оцени дека ова бил ист момент како оној со „Спутник“, односно успешното лансирање на првиот сателит во светот во 1957 година од страна на тогашниот Советски сојуз.

„Американците беа изненадени кога го слушнаа сигналот на Спутник“, изјави Дмитриев за Си-Ен-Ен. „Исто е и со оваа вакцина. Русија прва ќе стигне до вакцина“.

Во сведочењето пред американскиот Конгрес на 31 јули, Ентони Фаучи, највисок официјален претставник за заразни болести во САД, изрази загриженост за пријавените вакцини во Русија и Кина.

„Се надевам дека Кинезите и Русите ќе ја тестираат вакцината пред да почнат да ја користат“, рече Фаучи.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG