Достапни линкови

Гоџи бери од Азија го бидува и на тетовската почва


Гоџи бобинки во Тетово
Гоџи бобинки во Тетово

Агрономите објаснуваат дека во изминатите десетина години земјоделците одлучуваат на промена на културите на одгледување. Причините се во тоа што за новите култури има обезбеден откуп, помали трошоци, како и побрзо добивање на род.

Овошјето гоџи бери или гоџи бобинки, иако потекнува од далечната Азија, може да се огледува и на македонска почва. Такво е искуството на Славица Богдановска од Тетово, која веќе 5 години сади од оваа овошка, чија карактеристика е силно здравствено влијание и подобрување на имунитетот. Гоџи бери е на прво место со капацитет за радикална апсорпција на кислород на скала која го мери антиоксидантското ниво во храната.

„На интернет видов и прочитав дека е најздраво нешто на свет што има да се јаде со мала количина, 10 грама дневно е потребно. Десет до триесет грама, зависи. Покрива сè што треба, и минерали и витамини. Многу е добро за циркулација на крв, има германиум во него што ретко се среќава. Апсолутно сè има“, вели Славица.

Гоџи бери брзо расте, но е тешко за одгледување и собирање. Славица сади мал број садници, колку за домашна употреба и за блиските, но вели дека интерес има од други места.

„Јас некаде средина на јуни ги засадив. И беа многу мали, 10 сантиметри садници. И тие што ги видoа мислеа дека нема ништо да испадне. Меѓутоа јас веќе во септември имав род. Еве сега како што имаше дождови, па има сонце, пепелници такви работи, тоа сè ќе фати. Листот паѓа. А и листот е здрав многу, чај се пие од листот. Меѓутоа па на плодот ништо не му е и повторно плодот ќе се остане. Јас дури до декември имам плодови. Кажувам дека не е лесно да се собере. Многу се ситни. Различно време созреваат. Секое зрнце треба да го земеш само да го собереш, затоа што до него има недозреано, има зелено, има различни. Време треба. Саат, саат и кусур треба да собереше кило“, рече Славица.

Агрономите објаснуваат дека и во тетовско, како и во другите региони, изминатите десетина години, пред сè оние кои егзистираат од земјоделството, се одлучуваат на промена на културите на одгледување. Причините се во тоа што за новите култури има обезбеден откуп, помали трошоци, како и побрзо добивање на род.

„Површини кои некој пат биле со житарици стануваат овошни, затоа што оревот, лешникот и други коскести овошја имаат помали зафати во однос на трошоци за одржување. Инаку во старт имаат високи трошоци, но побрзо стасуваат. Сега имаме кои што втора, трета година почнуваат да раѓаат“, изјави агрономот Петре Петревски.

Наместо тетовските јаболка, сè повеќе на овоштарниците се садат и малини и аронија.

XS
SM
MD
LG