Достапни линкови

Година во која му тргна на Мијалков


Архивска фотографија: Сашо Мијалков во суд за Таргет - Тврдина
Архивска фотографија: Сашо Мијалков во суд за Таргет - Тврдина

Пред Божиќ минатата година, судот го пушти поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков во домашен притвор. Како што му тргна, среќно и му продолжи – во изминатата година скопска Апелација му укина две пресуди од вкупно 20 години затвор.

Изминатата 2022 година може да ја прогласиме за година на Сашо Мијалков. На неколку дена пред крајот на претходната 2021 година, судот му го укина притворот на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и го пушти во куќен притвор. На неговата домашна адреса – хотелот Мериот во центарот на Скопје. Зашто, како што рекле старите, кај и да си, за Бадник во Мериот да си.

Како што му тргна, годината среќно и му продолжи. Апелациониот суд Скопје му укина две пресуди од вкупно 20 години затвор. Тој беше осуден за нелегално прислушување и за спорната набавка на опремата за прислушување. Сега случаите се враќаат на почеток. Додека да се дојде до правосилна пресуда, има реална шанса делата да застарат.

please wait

No media source currently available

0:00 0:14:59 0:00

Граѓаните на социјалните мрежи иронично потсетуваат на култниот југословенски филм „Балкански шпион“ на Душан Ковачевиќ од 1984 година. Параноичниот поранешен сталинист Илија Чворовиќ се сомнева дека неговиот потстанар, кројачот Петар Јаковљевиќ, повратник од Париз, е „империјалистички шпион“. Илија и неговиот брат Ѓуро го киднапираат потстанарот и го тераат да признае дека е шпион.


Прашуваат дали ако се извиниме, Мијалков ќе ни прости што нè прислушувал.


Мијалков се спогоди со судот да одлежи три години затвор за случајот Империја и да врати 30 милиони евра. Тој смени адреса, си наметна „орелски крила“ и прелетна во струшкиот затвор кој е од отворен тип.


Пратеникот Мартин Костовски праша како еден функционер заработил толку пари.

„Ние сме тројца пратеници, земаме околу 1000 евра плата, па не можеме први со први да врземе, меѓутоа таков функционер со слични примања како пратениците, направил толкава голема империја“, рече Костовски во телевизиско гостување.

Го ожалија човекот. На социјалните мрежи веќе почнаа да се организираат да помогнат.


Владиниот портпарол Душко Арсовски излезе и со препораки како да се штеди.

„Краткото туширање заштедува вода, струја и пари на вашата сметка“, рече Арсовски.

Граѓаните за препораките за штедење струја: Не сум вампир да готвам навечер
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

Ако нема никаков млаз, уште повеќе ќе се штеди. Ама, па ќе се осеќаме.


Судството се отвори како пупка

По конфликтот со поранешниот директор на Финансиската полиција Арафат Муареми, беше разрешена обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска. На нејзиното место беше избран релативно анонимниот гостиварски обвинител Ислам Абази.

Од неговиот избор беше збунета и американската амбасадорка Анџела Агелер.

Во јавноста се појавија фотографии на Абази со братот на Али Ахмети, Фихри, во опуштена домашна атмосфера, како и фотографии со поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта и со други функционери на ДУИ. Абази вели дека нема ништо спорно во фотографиите, таму се нашле случајно. Со Бејта на планинарење, а со братот на Ахмети на свадба.

„Јас потекнувам од Зајас, а Зајас е село како што знаете. Се случува заедно да бидеме поканети со многу луѓе на иста свадба или настан. Таа фотографија е на свадба. Сме се сретнале со тие луѓе на свадба и тоа е тоа“, рече Абази за А1Он.


Оставка даде претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска, која соопшти дека нејзиниот избор „не ѝ одговал на судската - бизнис елита“. На нејзино место беше избрана Весна Дамева. Во јавноста се појави нејзина фотографија со Заев и други членови на СДСМ. Таа вели дека не е член на политичка партија.

„А таа фотографија или од било која фотографија не може да се стекне впечаток дека сум дел од лицата што се присутни на фотографијата“, рече Дамева.

Анкетата на Еуротинк покажа дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството. Барем не е ич.

Груевски трие раце

Можеби неповрзано, а можеби и токму во врска со укинувањето на пресудите, добра вест го пречека и помалиот братучед на Мијалков, со привремен престој во Будимпешта. Четири години откако избега во Унгарија за да не лежи затвор за спорната набавка на владиниот Мерцедес, поранешниот премиер Никола Груевски е најпопуларен политичар во Македонија. Неговиот рејтинг е навистина скромни 7 отсто, но рејтингот на останатите е на ниво на статистичка грешка.

Се чини дека за политичар е доволно да биде далеку, да не прави пакости извесно време, да пие вино на убавиот син Дунав и да се сонча на езерото Балатон за да му порасне рејтингот.

Анкетата на ИРИ покажува дека расте рејтингот на уште еден поранешен премиер и претседател – Бранко Црвенковски.

Тоа што поранешни премиери, кои биле сменети зашто граѓаните не биле задоволни од нив, имаат повисок рејтинг од актуелните политичари, кажува многу.

Ковачевски нов, Ахмети вечен

По оставката на Зоран Заев, премиер на почетокот на минатата година стана дотогашниот заменик министер за финансии Димитар Ковачевски, кому му се падна да се справува со економската и енергетска криза.

Веднаш доби и свој суфлер, кој со мал прекин од две години, веќе две децении е дел од владиниот ансамбл.


Лидерот на ДУИ Али Ахмети е најдолговечниот во власта, иако лично никогаш формално не бил дел од владата. Многумина велат дека не е само обичен суфлер, туку тој ги влече конците од заднина.

За да спречи понатамошен пад на рејтингот на владата, премиерот Димитар Ковачевски се растрча на средби со граѓани, се слика како јаде во студентски домови и со работници, и организира партиски трибини на кои ги фали своите министри.

Прва за пофалба дојде министерката за одбрана Славјанка Петровска.

„Да им порачам од тука: Моја Славјанка вреди повеќе од цел Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ заедно. Стани Цаци да те види сала“, рече Ковачевски на еден од митинзите.

Кога зборуваше за автопатот Кичево - Охрид, на ред за станување дојде и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

„Одговорен патот да биде готов во јануари 2024 година си ти како министер за транспорт и врски и затоа Благој еве го тука. Стани Благој да те видат сите. Дајте му поддршка“, рече Ковачевски на партиска трибина во Охрид.

На трибината во Штип стигна на ред и пратеникот Илија Николовски од Партијата на пензионерите, кој е пензиониран генерал.

„Генерал Николовски, стани да те види сала“, рече Ковачевски.

Уметниците да го расположат народот

Бугарија продолжува да ги кочи македонските евроинтеграции. Кај уметниците постои стравување дека уметничката креација и слободната мисла ќе бидат подложни на политичка контрола за да нема говор на омраза против Бугарија. Уметниците се плашат дека е нејасно кој ќе утврдува што е говор на омраза.

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска рече дека Министерството не е полицаец и дека нема да има цензура.

„Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро“, посочува министерката за култура за Гласот на Америка.

Оваа нејзина изјава наиде на реакции во јавноста. Ако треба да ја расположуваме јавноста тогаш не ни треба ни Шекспир ни антички трагедии. Нема ништо потажно од недозволена љубов и самоубиство на малолетници, како во Ромео и Јулија. Или кутрата Антигона, која била жива закопана – нејзиниот брат Едип си ги извадил очите, мајката Јокаста се обесила, а браќата Етеокле и Полиник се убиле во меѓусебна борба. Тажно. Дајте една весела.

Нашето знаме никогаш не го згрешиле

Во октомври во Македонија дојде словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон. Ја пречекавме со словачко знаме. Словачка, Словенија, кој ќе ги разликува. Плус знамињата им се скоро исти – бело, сино, црвено. Се разликуваат само грбовите. Добро е што нашето го погодија.

„Тоа беше едно од десетте знамиња. Знаете, кога имате интензивна агенда може да се направат и такви грешки. Морам да кажам дека директорот на протокол, иако немаше никаква директна одговорност, поднесе оставка којашто ја прифатив поради тој гаф, како што велите, иако велам немаше никаква директна одговорност, бидејќи други луѓе оперираат во тој дел, но поради морална одговорност поднесе оставка до мене и јас таа оставка ја прифатив“, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Потоа се испостави дека директорот на протокол ќе биде испратен за амбасадор.

Човечки е да се греши, но функционерски е вината да се префрли на друг.

Ова не е прв ваков гаф на службите за протокол. Во 2018 година го пречекавме тогашниот австриски канцелар Себастијан Курц со знамето на Летонија. Поранешниот француски амбасадор Кристијан Тимоние во 2019 година во Охрид беше пречекан со холандското знаме. Претседателот Стево Пендаровски го пречека неговиот црногорски колега Мило Ѓукановиќ со наопаку поставено црногорско знаме.

Граѓаните на социјалните мрежи коментираа дека кога доаѓаат во Македонија, најдобро е странските гости да си носат знаме. Да бидеме на чисто.

Други, пак, велат какви учебници имаме добро е и толку што погодиле.

Во новиот учебник по историја за петто одделение пишува дека Македонија на исток се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија и дека Монт Еверест е висок 29 илјади метри, наместо над 8800.

Во учебникот по географија за осмо одделение, пак, кај лекцијата за Португалија стои шпанско знаме.


Во исто време, учениците од прво, второ, четврто и петто одделение си истераа цело полугодие без учебници. Наместо тоа, добија материјали за учење, односно една книга во која има содржини од сите предмети.

Не знае човек што е полошо, да немаат никакви или да имаат згрешени.


Во ваква ситуација не е чудно што лани во земјава биле препишани 1,4 милиони рецепти диазепам.


Во Македонија не може да се преживее без лекови за смирување, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG