Достапни линкови

Во Турција мировни преговори, во Украина напади од руските сили


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се обрати пред почетокот на преговорите меѓу Русија и Украина
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се обрати пред почетокот на преговорите меѓу Русија и Украина

Во Турција започнаа преговорите меѓу делегациите на Украина и Русија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека е одговорност на двете страни да ја запрат трагедијата во Украина. Руските сили пак и денеска продолжуваат со нападите на украинските градови.

Без ракување меѓу преговарачите од двете страни денеска почнаа дводневните преговори меѓу Украина и Русија во Турција, објави украинската телевизија.

„Тоа беше ладно добредојде, без ракување“, изјави украинскиот репортер, без да појасни дали присуствувал на состанокот на делегацијата или му било кажано од официјални лица.

Михаил Подољак, политички советник на претседателот Володимир Зеленски, на Твитер објави дека делегациите разговараат за „основните одредби од преговарачкиот процес“.

„Делегациите работат паралелно на цела низа спорни прашања“, напиша Подољак.

Рускиот преговарач Владимир Медински пак, за руската државна телевизија изјави дека се надева дека ќе има изјави за неколку часа по разговорите.

Пред почетокот на разговорите на двете делегации им се обрати турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Напредокот во разговорите меѓу руските и украинските претставници кои започнаа денеска во Истанбул ќе го отвори патот за средба на лидерите на двете земји“, им изјави Ердоган на двете делегации.

Ердоган рече дека е дојдено време разговорите да дадат конкретни резултати и повика на итен прекин на огнот, велејќи дека „запирањето на оваа трагедија“ зависи од двете страни.

Во Истанбул разговори меѓу Москва и Киев
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Агенцијата Ројтерс објави дека и рускиот олигарх Роман Абрамович, кој е под западни санкции поради руската инвазија на Украина присуствува на мировните преговори.

Кремљ претходно соопшти дека Абрамович имал улога на почетокот на мировните преговори меѓу Русија и Украина, но процесот сега е во рацете на преговарачките тимови на двете страни. Во тој период, Абрамович патувал неколку пати меѓу Москва и Киев.

Медиумите објавија дека Абрамович и двајца украински преговарачи имале симптоми на труење на почетокот на овој месец по состанокот во Киев.

Инаку дводневните преговори меѓу украинските и руските претставници во Истанбул се со цел да се стави крај на војната. Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Таип Ердоган се договорија во неделата во телефонски разговор Истанбул да биде домаќин на разговорите, за кои Анкара се надева дека ќе доведат до прекин на огнот во Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина може да прогласи неутралност и потенцијално да прифати компромис за спорните области на истокот на земјата.

Тој додаде дека може да ѝ понуди безбедносни гаранции на Русија, кои ќе обезбедат мир без одлагање и дека само средба лице в лице со рускиот лидер Владимир Путин може да стави крај на војната.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека средба меѓу двајцата претседатели може да има, но откако преговорите ќе ги постигнат клучните елементи на потенцијалниот договор. Претходните разговори, не ѝ ставија крај на војната во која загинаа илјадници и мигрираа повеќе од 10 милиони Украинци, вклучително и речиси 4 милиони кои ја напуштија земјата. Турција, која е членка на НАТО, има блиски односи и со Украина и со Русија. Претходно овој месец беше домаќин на состанокот на министрите за надворешни работи на двете земји.

Руските напади продолжуваат

Во Украина пак продолжуваат нападите од руска страна. Утрово е погодена зградата на регионалната влада во пристанишниот град Миколаев. Гувернерот на тој град Виталиј Ким за агенцијата Франс прес изјави дека повеќето од луѓето во зградата избегале, но дека се уште се трага по неколку цивили и војници.

Украинска армија соопшти дека руските сили се фокусираат на бомбардирање на складишта за гориво.

Генералштабот на вооружените сили на Украина наведува дека руските сили продолжуваат да вршат ракетни напади врз станбени области низ целата земја, фокусирајќи се на пукање во единиците за складирање гориво во обид да ја „комплицираат логистиката“ и „да создадат услови за хуманитарна криза“.

Во последните денови, наводно, биле погодени складишта за гориво во неколку градови, како што е главниот град Киев, Лвив, Ривне и Житомир.

Британските разузнавачки служби пак денеска соопштија дека и Киев е се уште под закана од руските сили. Руските сили продолжуваат да претставуваат сериозна закана за Киев преку нивната ударна способност, иако Украинците продолжуваат да изведуваат локализирани контра напади на северозапад од главниот град на Украина, соопшти денеска британското воено разузнавање.

„Руските сили ја задржаа офанзивата на Мариупол со континуирано силно гранатирање на опколениот пристанишен град. Сепак, центарот на градот останува под украинска контрола“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Оттаму додаваат дека на други места, руските сили ги задржуваат блокирачките позиции додека се обидуваат да ги реорганизираат и ресетираат своите сили.

Портпаролот на градоначалникот на Мариупол изјави дека речиси 5.000 луѓе, меѓу кои околу 210 деца, се убиени во Мариупол, стратешко пристаниште на Азовското Море, кое пред војната имало 400.000 жители.

Сепак украинската вицепремиерка Ирина Верешчук се надева дека денеска ќе отвори три хуманитарни коридори, вклучувајќи го и Мариупол.

Таа изјави дека ова ќе вклучи обид да се воспостави безбеден коридор за луѓето да го напуштат опколениот јужен пристанишен град Мариупол со приватни возила.

Русија започна голема инвазија врз Украина на 24 февруари, уништувајќи ја украинската цивилна и воена инфраструктура со проектили и бомби и спуштајќи падобранци за да ги освојат клучните територии.

Од почетокот на војната во Украина, повеќе од 10 милиони луѓе се раселени. Според Обединетите нации, 4,2 милиони ја напуштиле земјата, а останатите се раселени внатре во Украина. Точниот број на загинати е непознат.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG