Достапни линкови

Во Русија се шири црниот пазар на лажни ковид сертификати


Русија, фалсификуван сертификат за примена вакцина против ковид-19

Построгите ограничувања насочени кон спречување на ширење на коронавирусот во Русија доведоа до ново зло - нагло зголемување на бројот на лажни сертификати за вакцинација потребни за работа, редовно лекување и патување. Глеб Беличенко и Мајкл Сколон

Живеењето во Русија со можност за патување, одење во ресторан или дури и на работа во канцеларија се повеќе бара доказ за вакцинираност против КОВИД-19. За милиони Руси кои се двоумат дали да се вакцинираат или воопшто не планираат да се вакцинираат, тоа значи телефонирање за добивање медицинска документација која покажува дека биле вакцинирани - дури и ако не биле.

„Здраво. Можете ли да ми издадете сертификат за вакцинација против ковид?“ праша дописникот на „Тековно време“ една фирма која нуди такви документи. „Да, тоа ќе ве чини 3.000 рубли (околу 40 американски долари). Имаме многу нарачки, затоа подобро е да побрзате со давањето податоци“, беше одговорот.

Стравот најголем противник на вакцинацијата

Како што ветија, следниот ден курир испорача свежо отпечатен сертификат со сите официјални печати, потписи и регистрациски броеви. „Тековно време“, мрежа на руски јазик, предводена од РСЕ во соработка со Гласот на Америка, откри десетици интернет страници кои нудат сертификати за вакцинација. Регистрацијата во официјалната база на податоци за вакцинација пак, чини 350 долари.

Истражувачкиот новинар Христо Грозев, алудирајќи на лажните теории на заговор дека вакцините се користат како покритие за обележување на луѓе со микрочипови, на 19 јуни саркастично објави на Твитер: „Нема потреба да одите лекар и да ризикувате вградување чип. Нема ништо што не се продава во Русија“.

Потребата од документи за вакцинација нагло се зголемува, бидејќи некои регионални власти и претпријатија воведоа нови мерки. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков се осврна врз ситуацијата за време на неговиот секојдневен брифинг.

„Реалноста е таква што дискриминацијата неминовно ќе започне. Луѓето без вакцинација или имунитет нема да можат да работат насекаде. Не е можно. Тоа ќе претставува закана за оние околу нив“, рече тој.

Во Москва новите ограничувања ќе стапат на сила на 28 јуни и ќе ја ограничат посетата на ресторани на луѓе кои не биле вакцинирани или не можат да докажат дека имале ковид-19 во последните шест месеци, а прекршителите ќе подлежат на казни од 5.000 рубли (70 долари).

Публиката на концерти, спортски натпревари и други настани, исто така, ќе биде ограничена на помалку од 500 лица, освен ако организаторите не можат да обезбедат дека сите присутни биле вакцинирани.

И во Русија минимум вакцинирани

Низ целата земја, Русите ги поддржаа предлозите за попусти во кафулињата, бесплатни билети за музеи и театри и лотарии со парични награди за луѓето кои носат сертификати за вакцинација. Во Москва е усвоен декрет со кој вакцинацијата се прави задолжителна за повеќето работници во услужниот сектор.

„Потребна ни е сигурна заштита од опасната болест, од смртта на илјадници московјани. Постои таква заштита - вакцинација“, напиша градоначалникот Сергеј Собјанин при објавувањето на мерката.

Иако Собјанин ги замоли луѓето „да ја поддржат оваа исклучително тешка, но неопходна и одговорна одлука“, не секој е желен да се вакцинира. Анкетата на Центарот „Левада“ овој месец покажа дека 55 проценти од Русите не се плашат од заразување со коронавирусот, а тој број расте.

Слично истражување во април покажа дека довербата во вакцините е намалена, а само 26 проценти од испитаниците биле подготвени да се вакцинираат со домашно произведената вакцина Спутник V.

Претседателот Владимир Путин на почетокот на овој месец објави дека околу 18 милиони од 144 милиони жители на Русија биле вакцинирани, иако тој не посочи дали примиле само една доза или две како што се бара.


Телекомуникациската надзорна организација во Русија се зафати со борба против дезинформациите за ковид-19, објавувајќи неодамна дека отстранила околу 1.000 веб-страници што содржат неточен материјал за ковид-19 и блокирала или избришала околу 150 веб-страници, вклучувајќи и неидентификуван број што продаваат лажни сертификати за вакцинација.

Адвокатот Вадим Кудријавцев за „Тековно време“ изјави дека луѓето можат да бидат гонети, на пример, за обид да ги користат сертификатите, предвидувајќи дека може да има наплив на кривични случаи и инспекции на медицински установи.

Русија е подготвена да обезбеди вакцини Спутник V за 50 милиони Европејци

Па дури и ако некои страници што продаваат сертификати се затворени, рече експертот за сајбер безбедност Јуриј Другач, има уште стотици во мирување кои чекаат да бидат активирани.

Бела Брагвадзе, педијатар и имунолог од Москва, изрази жалење за ситуацијата во која се наоѓа Русија. „За 3.000 рубли, вашата вакцина ќе се истури во мијалникот и ќе ви биде даден сертификат“, напиша таа, оценувајќи:

„Какво злосторство !!! Целиот цивилизиран свет ќе започне да живее нормален живот, а ние ќе продолжиме да ги исполнуваме единиците за интензивна нега. Можете ли да замислите ако светската заедница дознае за нашите купени сертификати ???“.

Како додаток на негодувањето во објавата на Телеграм, во која се потенцира итната потреба да се запре практиката на продажба на лажни сертификати за вакцинација, авторот и водител на руското радио Универзитет Дмитриј Конанихин има подеднакво страшно размислување.

„Вирусот не е мртов, тој не се грижи за вашата лукавост и измама“, напиша тој, додавајќи дека коронавирусот ќе го даде својот одговор со звукот на патентот на пластичната вреќа со некое мртво тело.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG