Достапни линкови

Во најава масовна продажба на државно земјоделско земјиште кое ќе може да се пренаменува


Необработено земјоделско земјиште. Илустрација.

Новото законско решение предвидува продажба до 50 илјади хектари државно земјоделско земјиште по ниски цени. Но, во законот стои можност земјиштето да се пренамени во градежно и да се даде под концесија за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини.

Со новиот нацрт закон ќе се продава државно земјоделско земјиште за цена од 0,20 евра до 1 евро по метар квадратен или од 12 до 61 денар. Ќе може да се продадат до 50 илјади хектари слободно земјоделско земјиште. Освен утврдената цена, она што е различно од законското решение донесено во 2013 година е што после 10 години земјоделското земјиште освен за градежни активности ќе може да се даде и под концесија за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини.

Професорот Драги Димитриевски вели дека бил против законот донесен во 2013 година, а не се согласува ни со сегашното решение, бидејќи се најавува масовна продажба, а тоа би било сериозен удар за земјата која има мал капацитет на обработливо земјоделско земјиште. Целите кои се поставени, како што наведува, не се во корелација со одредбите во законот. Според него, законот ќе ги оневозможи малите семејни земјоделски стопанства да го купуваат, бидејќи тие финансиски не се способни. Со продажбата на земјиште на приватни компании, како што наведува, државата повеќе ќе нема контрола и тоа може негативно да се одрази кон малите семејни стопанства.

„Тие може да воспостават други односи. Може да ги ограничат семејните земјоделски стопанства во користење на инфраструктура која во моментов е на тоа државно земјоделско земјиште, како пристапни патишта и системи на наводнување и итн. Со тоа навистина ќе се нанесе еден негативен удар врз тие мали семејни земјоделски стопанства“, вели Димитриевски.

Согласно законот, за 1 евро ќе се продава земјоделско земјиште за I и II класа, 0,50 евра за земјоделско земјиште III и IV катастарска класа и 0,20 евра за земјоделско земјиште од V до VIII катастарска класа.

Право на земјиштето, согласно законот, ќе имаат македонски државјани и правни лица кои се резиденти на државата и во кои сопственоста на акциите или уделите во процент од најмалку 51 отсто треба да биде во сопственост на македонски државјани или правни лица резиденти на државата кои не се подружници на странски правни лица.

Од 02 иницијативата реагираа дека наместо одгледување на храна, приватни лица, компании, странски или домашни, ќе може да градат на државното земјоделско земјиште, хотели, згради, да отвораат нови индустрии, рудници и сл.

„Ова е сценарио со кое ќе бидеме кираџии во сопствена земја, каде нема да може да се има контрола врз производството на храна. Во време на климатски промени каде нашата земја ќе биде силно погодена, веќе сме сведоци на тоа, поради негативното влијание на променливата клима врз земјоделското производство, поради измрзнување, град, поројни поплави, високи температури и суша, Владата планира распродавање на земјоделско земјиште на ангро за џабе. Наместо програми за агроекологија, насока која Обединетите Нации ја даваат, ние распродаваме земјоделско земјиште“, велат од иницијативата.


И според Димитриевски проблем е можноста за пренамена на земјиштето за 10 години.

„Постојат примери и во опкружувањето и во светот дека поведени од бизнис интереси, дури и компании кои не се занимаваат со земјоделство, дури и инвестициски фондови вложуваат во такви недвижности и после одреден период чекаат да го пренаменат и да го продадат и остварат екста профит. Исто така може да се користи за производство на култури кои не се користат за храна. Често пати се користат за производство на енергија, етаноли. Сето тоа ја намалува можноста на државата да производува храна за сопственото население“, смета Димитриевски.

Но, земјоделско земјиште освен што по 10 години може да биде дадено под концесија за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини или пренаменето во градежно, законот предвидува и исклучок од овој член. Односно, продаденото земјоделско земјиште може да биде предмет на пренамена во градежно земјиште заради реализација на објекти од јавен интерес утврден согласно законот за експропријација, пренаменето во градежно во површина потребна за реализација на инвестиција превземена со договорот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост.

Нацрт-законот е ставен на ЕНЕР и е отворен за коментирање. Од 02 иницијатива наведуваат дека според 17 одлуки на Владата, со сегашниот на сила закон донесен во 2013, продадени се нешто над 280 хектари државно земјоделско земјиште врз кое има оранажерии, помошни објекти или објекти во стопански двор.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG