Достапни линкови

Вооружени пресметки на бандите како на филм, истрагата е во тек


илустрација
илустрација

Телата на убиените во синоќешната престрелка во Старата скопска чаршија се предадени на обдукција, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот што ја вознемири јавноста. Според професорот за безбедност Стефан Буџаковски, само навремено и ефикасно дејствување на безбедносните служби може да не заштити од организиран криминал и вооружени пресметки меѓу криминалните банди

Двајца мртви и еден ранет, кој е пуштен на домашно лекување. Ова е исходот од синоќешната престрелка во угостителски објект во Старата скопска чаршија.

Како во филмска сцена, пет лица облечени во црна облека со фантомки од огнено оружје пукале кон Ј.К. (37), Е.И. (28) и кон А.Т. (34) од Скопје. Првите двајца починале на местото на настанот, додека третиот бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош.

Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека по увидот од страна на јавен обвинител, телата се веќе предадени на обдукција. Јавното обвинителство соопшти дека засега се обезбедени и подигнати траги и материјални местото на настанот и се предадени на вештачење.

„Обезбедени се снимки од видео надзорот на самиот објект, на околните објекти, како и на системот „Безбеден град“, кои детално ќе бидат проверени. Јавниот обвинител издаде наредба да бидат извршени разговори со повреденото лице, со неколку други лица кои биле присутни во угостителскиот објект за време на настанот, како и со други лица кои би можеле да имаат некакви сознанија за инцидентот“, се вели во соопштението на ОЈО.

Автомобилот со кој најверојатно избегале сторителите, бил опожарен на патот кон Горно Оризари, потврдуваат од полицијата.

Според неофицијални медиумски информации, убиените биле дел од криминалното подземје. Едниот од нив се поврзува и со други поранешни инциденти, како што беше вооружениот напад во еден од скопските хотели во 2019 година, во кој наводно, и тој бил дел од групата во која се пукаше. И тогаш напаѓачи со автоматско оружје и фантомки на лицето упаднаа во хотелот, а поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите и пукал во напаѓачите во самоодбрана.

Со соопштение до јавноста реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека порастот на убиства и криминални пресметки на наркобосови се случува во мандатот на оваа власт.

„Додека Спасовски е прв човек на полицијата 8 години, се случија стотина нерасветлени убиства. Што друго да се случи за Спасовски да си даде оставка? Треба да одговори дали има политичка конотација ова двојно убиство и каква е поврзаноста со крилата на криминализираните ДУИ и СДС?“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Радио Слободна Европа веќе пишуваше за криминалните пресметки во борбата за превласт во скопското подземје на две криминални групи. Според полициски извор, едната група делува на територија Сарај - Грчец, а втората Чаир и Сингелиќ.

Мотивите за ваквите криминални пресметките, според истиот извор, се битки за преземање на криминалните пазари со наркотици во земјава, расчистување со повеќегодишни несредени односи, како и крвна одмазда.

Стручните лица ја критикуваат зачестеноста на вооружени напади во градот забележувајќи дека и натаму се шетаат на слобода познати нарко дилери и криминалци со дебели досиеја кои тешко се апсат и уште потешко се процесуираат постапки за кривично дело против нив.

Стефан Буџаковски, професор од областа на безбедносни науки и кривично право, вели дека секое криминално дело од областа на организираниот криминал мора да се „пресече“ навреме и оти тоа е најдобрата превенција против овој вид криминал.

Буџаковски: Криминалот мора да се пресече навреме
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:47 0:00
Директен линк

„Кај овој вид на криминалитет, најдобра превенција е навремено следење, детектирање на нивните криминални активности, навремено апсење за да не дојде до меѓусебни престрелки и пресметки. А во рамките на тие мерки, (тука се применуваат посебни истражни мерки (пим), службите може да дознаат дека одредени криминални структури ќе почнат меѓусебе да се убиваат“, вели професорот Буџаковски.

Интересен е податокот дека криминалните групи отсекогаш успевале да се поврзат со партиите, особено тие што се на власт, истакнува нашиот извор, па така некои од нивните членови можат да се видат и на фотографии со политичари.

На пример Камер Идризи, кој беше убиен пред две години во престрелка во скопски Бутел откако кон него биле испукани 90 куршуми, беше фотографиран со познати функционери на СДСМ. Токму тој ја предводел групата кон која беше пукано и во вооружениот напад во скопскиот хотел во 2019 година.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG