Достапни линкови

Како легалната марихуана заврши во рацете на криминалците?


Лист од марихуана. Илустрација.
Лист од марихуана. Илустрација.

МВР во две одделни акции пронајде марихуана украдена од фирми за производство на канабис во медицински цели. За прв пат полицијата трагаше по легално одгледана марихуана што отвори многу прашања.

Низ полицискиот билтен постојано може да се сретнат информации за запленета дрога и за приведени дилери. Но, два случаи во теков на месецов беа нетипични, бидејќи стануваше збор за украдена марихуана во сопственост на две фирми лиценцирани за производство на медицински канабис. Всушност за прв пат полицијата трагаше по легално произведена марихуана во земјава, а крадците се сомничат за недозволена трговија и шверц со дрога.

На 7 декември беше спроведената акција во Арачиново откако во селото Јосифово кое се наоѓа во општина Валандово биле украдени близу два тони марихуана во сопственост на фирмата „Херб индустри“. Сопственици на фирмата се Ѓорѓе Ташевски, Љубиша Стојков, Горјан Ангов, Марјан Јовев и Перо Шумкаров. Во акцијата беа пронајдени само 231 килограм марихуана, а подоцна јавноста дозна од премиерот Зоран Заев дека останатиот дел завршил во Косово. Истрагата во меѓувреме беше проширена.

Пред некој ден во викенд куќа во селото Вробец во близина на Крушево беа пронајдени и одземени вреќи со околу 60 килограми марихуана, за која постои сомнение, како што соопшти МВР, дека е одземена од простории на правно лице од крушевско. Се работи за фирмата “5 летерс“, чии сопственици се Зоран Јаневски и Крис Алан Свафер. Еден од осомничените е роднина на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши.

Отворени дилеми?

За да се извлече толкава количина на марихуана од обезбедувани простории мора во позадина да постои некаков договор, вели поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески. Особено, што според него, станува збор за цветот од марихуаната кој е најскап на пазарот, бидејќи токму од него се произведува маслото од канабис за употреба во медицински цели.

„Значи мора да го имаме во предвид коруптивниот елемент и инволвираноста на државните службеници, пред се полициските службеници со тие организирани криминални групи, коишто би можеле да бидат добар извор на податоци, каде има, колку има и како е складирано. Исто така, сомнителен е делот на вработените во обезбедувањето. Знаете кој се доби лиценца за обезбедување. Околу 20 отсто се лица со криминално досие кои работат за 12 илјади плата и се лесен плен за подмитување за да одработат за организираните криминалци“, вели Ѓурчески.

На прашање дали има поврзаност меѓу овие два случаи од МВР одговараат негативно.

„Не станува збор за поврзани случаи. Министерството за внатрешни работи продолжува и во наредниот период со континуирани активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, како и на другите видови криминал“, наведуваат од министерството.

Ѓурчески смета дека од Косово, марихуаната требало да заврши во Германија, бидејќи таму има недостиг од производот. Тој за разлика од МВР е убеден дека двата случаи се поврзани меѓу себе.

„Овие два случаи не би биле такви, ако не ги поврземе по неколку основи. Прво по основ на вработени во обезбедување. Второ по основ на крупно осомничени лица. Повторно се врти Арачиново и ни се вртат функционери од власта, неспорно дали се од ДУИ, СДСМ или и од ВМРО-ДМНЕ иако не се на власт, но ни се вртат функционери од политиката. Тоа се основи по кои случаите се поврзуваат. Каде завршува дрогата, кој е правецот на движење и кои се тие лица коишто би можеле да располагаат со таа информација дека на одредено место има складирано таков производ“, додава тој.

Сомнеж за инволвираност, според Ѓурчески, со двата случаи се фрла и на сопствениците на фирмите и најблиските околу нив кои исто така треба да се проверат и елиминираат како осомничени.

Нејасни надлежности

Заменик-министерот за внатрешни работи Буши во изјава за телевизија Алсат реагираше дека инволвираноста на негов роднина во случајот во Крушево е индивидуална одговорност на осомничениот. Тој притоа ги повика властите, иако има раководна функција во МВР, кое е и надлежно за случаите, да го испитаат и неговото лично обезбедување, кој е брат на осомничениот.

Премиерот Заев од една страна откри дополнителни детали за случаите и се стави во одбрана на полицијата. Но, од друга страна не знаеше дека во еден од осомничените е поврзан со владин функционер. Заев порача дека МВР постапува ефикасно и информираше дека постапува и комисијата за издавање на лиценци која направила детална контрола. Според него, не е важно кој е инволвиран и треба да одговараат без разлика дали се поврзани со важни или неважни личности во државата.

Невозможен извоз

Уште пред околу една година производителите на канабис се собраа пред Владата и од неа побараа да предложи законско решение кое ќе се овозможи извоз на сув цвет од марихуана. Нивната причина беше дека имаат големи залихи на цвет, а доколку истите не се извезат, ќе предизвикаат големи загуби на фирмите производители. Со постојниот Закон за контрола на опојни дроги е дозволено само одгледување на марихуана за медицински цели, но не и извоз.

Складираниот производ стои, фирмите губат милионски суми, а со тоа секао се отвора можност за криминалците, додава Ѓурчески.

„Нека се донесе законот за извоз на цветот и да тргне бизнисот. Парламентот е сега пречка на бизнисот кој ќе носи многу пари. Од тие пари ќе има и данок за државата. Полицијата ја ставија на услуга на криминалните организирани групи затоа што Парламентот ни е неспособен и не може еден закон да донесе“, додава Ѓурчески.

Премиерот Заев Заев пред некој ден изјави дека верува оти Парламентот е подготвен да ги донесе измените на Законот за контрола на опојни дроги со кои ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели, а в година да се отвори дебата за декриминализација и за целосна легализација. Претседателот Талат Џафери излезе со спротивен став и рече дека не се создадени предулови за легализација на марихуаната.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG