Достапни линкови

Воената вежба „Брз одговор 22“ - симбол на заедништвото на сојузниците на НАТО


Одржување на воената вежба „Брз одговор 22“ на армискиот полигон Криволак
Одржување на воената вежба „Брз одговор 22“ на армискиот полигон Криволак

На спортскиот аеродром Стенковец, денеска беа изложени 45 најразлични воздухоплови, авиони и хеликоптери кои учествуваат во вежбата „Брз одговор 22“. Вежбата се изведува на полгонот Криволак и во неа учествуваат 4.600 војници од осум држави.

Околу 4.600 војници од осум држави, Северна Македонија, Соединетите Држави, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и Грција на армискиот полигон Криволак ја започнаа воената вежба „Брз одговор 22“, што се смета за најголемата воена вежба реализирана во земјава.

На спортскиот аеродром Стенковец, денеска беа изложени сите воздухолови кои учествуваат во вежбата, а тоа се 45 најразлични воздухоплови, авиони и хеликоптери. Покрај тие изложени се и воздухопловите на Армијата и МВР.

Американската амбасадорка во земјава, Кејт Мери Брнз истакна дека изложбата која е дел од вежбата, го покажува заедништвото на сите земји сојузнички на Алијансата.

„Би сакала да ја истаканам својата благодарност на многу луѓе коишто придонесоа во спроведувањето на овој приказ, се разбира во спроведувањето на целата вежба. Навистина инспиративно е она што може да се види тука и што може да се постигне, а овој тим тоа го покажа. Ова денешна изложба е извонредна можност да се сретнеме со авијатичарите од НАТО и да видиме што ова значи за граѓаните, па и тие да се запознаат со тоа што прави НАТО. Најважно е што сме сите заедно сега, точно 77 години откако Европа ги победи диктатурата и фашизмот“, рече американската амбасадорка Брнз.

Амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, порача дека изложата е демонстрација на способностите и капацитетите на НАТО.

„Тоа што го видовме денеска со изложбата на различни воздухоплови и летала е приказ на способностите на НАТО и начинот на кој досега функционираме и ќе продолжиме да функционираме заедно и во иднина“, рече Галовеј.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска изрази убедување дека припадниците на македонската Армија и на МО ќе го покажат тоа што најдобро го знаат и умеат.

„Ова е дел од воздухопловите кои учествуваат во вежбата. Многу е значајно она што го правиме овој период, а вежбата е силна порака за тоа дека кога сте во НАТО, сите сојузници сме заедно. Таа покажува одлична соработка меѓу воздухопловните власти на Република Северна Македонија и воздухопловните власти на Грција кои се дел од политиката за обезбедување на воздушниот простор на нашата држава“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Инаку целта на вежбата „Брз одговор 22“ има два аспекта. Тоа е подготвеноста на македонската Армија за вакви комплексни вежби што ги изведуваме заедно со сојузниците, при што се покажува нејзината подготвеност, нивото на операбилност, но и начинот на кој се соработува со армиите во рамки на НАТО. Второ, вежбата ги покажува капацитетите и способностите на тренинг центарот Криволак.

Според премиерот Димитар Ковачевски пак ваквите вежби се потребни во услови на нови безбедносни ризици со кои се соочува светот.

„Ја поздравувам посветеноста на нашата војска. Северна Македонија како домаќин покажува дека нашите армиски капацитети се подготвени да одговорат на операциите како и сите сојузнички армии. Следејќи ја будно состојбата во Украина, гледаме зашто оваа подготвеност е повеќе од неопходна. Вербата покажа дека сме подготвени заеднички да делуваме во справувањето со безбедносните предизвици. Оваа вежба е манифестација на способноста на армијата бидејќи е резултат на долг планирачки процес“, истакна премиерот Ковачевски.

Неодамна на армискиот полигон Криволак, се одржа и воената вежба „Блесок 22“, преку која се оценуваше борбената готовност на копнените сили. Преку изведување на офанзивни операции на единиците од составот на Лесниот пешадиски баталјон, со поддршка на хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ и артилериски орудија, се демонстрираа постапки и активности со кои се прикажа подготвеноста во изведување на воени операции според единствените НАТО стандарди, кои се потребни во заедничкото делување и со тоа се потврди добиената оценка „борбено оспособени за извршување на својата мисија“.

Оценувањето на копнените сили беше реализирано според дефиниран сет на стандарди и критериуми преку кои се мерат подготвеноста, интероперабилноста и оперативната способност. Тоа беше првото оценување на поголем состав по нашето полноправно членство. Претходно и помал состав од баталјонот за специјални сили го помина ова оценување кое беше организирано во соработка со Грција. И пред нашето полноправно членство се спроведуваше ваков вид на оценување речиси секоја година.

Падобранци на НАТО ќе спроведуваат обука во Северна Македонија

Во меѓувреме во Северна Македонија пристигнаа 1800 падобранци од 16-тата воздухопловна јуришна бригада на Обединетото Кралство за да одржат обука заедно со седум други земји на НАТО, вклучително и силите од Северна Македонија. Обуките ќе се одржат на четири различни локации низ земјата.

„Во текот на следните недели 2700 војници од Северна Македонија, Албанија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, САД и Црна Гора ќе спроведат обуки за боево гаѓање, како и дневни и ноќни скокови со падобран. На обуката ќе се демонстрира способноста на земјите-членки на НАТО да се распоредат насекаде низ светот и способноста на нивните војници да работат заедно професионално и успешно. Оваа годишна вежба, која годинава се случува во Северна Македонија, е клучен придонес за европската безбедност, која има за цел да испорача сили со висока готовност во низа улоги, да го зголеми го капацитетот и да ги дополни НАТО и другите европски и глобални безбедносни аранжмани“, соопштија од Британската амбасада.

Воздухопловната јуришна бригада вклучува падобранци, инженери, артилерија, логистичари, медицински лица, воено разузнавање, специјалисти за комуникации, армиски воздухопловен корпус, кралски воздухопловни сили, механичари и специјалисти за уништување на експлозивни смртоносни средства.

Бригадата се распоредува во вежби и операции на глобално ниво со сите возила и опрема потребни за самоодржливост, вклучувајќи хеликоптери, теренски транспортери на тркала и гасеничари, артилериски пушки и мноштво логистички и инженерски возила.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG