Достапни линкови

Членството во НАТО-гаранција за мир и просперитет


Безбедносни гаранции, мир и стабилност очекуваат упатените од влезот на државата во НАТО. Тие велат дека НАТО не е само воена, туку и модерна организација која нуди низа политички, демократски, но и економски придобивки

Безбедносни гаранции од опасностите на современото време, гаранции за мир и стабилност, но и економски бенефит, добра инфраструктура и подобра позиција во меѓународната политика. Овие, според стручната јавност, би биле придобивките од членството на Северна Македонија во најмоќниот светски воен сојуз, НАТО.

„Алијансата е докажана како политичка и безбедносна сила така што и ние добиваме во делот на безбедноста како држава. Понатаму НАТО ќе биде ангажирана и во однос на гаранциите на границите и на небото на Северна Македонија и во ниту еден случај нема да биде загрозен безбедносниот интегритет на воздушниот простор на државата. Тоа значи многу, бидејќи дефинитивно во земјава нема да се размислува за дестабилизација на државата од страна на разни екстремни групи и деструктивци“, вели претседателот на Евроатланскиот Сојуз, Исмет Рамадани.

Но, покрај политичко-безбедносните гаранции за кои зборува Рамадани, мислењата на дел од економските аналитичари се дека НАТО мора да се разбере во еден поширок контекст, односно дека Алијансата развива земји со функционална пазарна економија, ги шири пазарите и ги прави новопримените земји членки на НАТО безбедна дестинација за странски инвестиции. И од НБРМ очекуваат со влезот во НАТО да има повисок прилив на странски директни инвестиции кај нас и дека тоа би довело и до бројни позитивни ефекти врз повеќе сегменти на економијата.

Долгогодишниот стопанственик Александар Панов се согласува дека Алијансата ќе понуди подобра заштита на странскиот и домашен капитал, но според него, тоа не е доволно за инвестициски бум во земјава.

„НАТО ќе помогне само во делот на заштитата на капиталот на тој што сака да вложи, но не и за домашните услови. Тоа е проблем на нашата држава, на луѓето кои се задолжени да створат добра бизнис клима за инвестирање. Инаку, приказната дека штом влеземе во НАТО веднаш ќе дојдат неброени инвестиции, не е точна“, вели Панов.

Панов укажува дека НАТО ќе донесе и нови поволности и можности за домашните фирми и нивниот развој. Но, сепак додава дека и за овој дел најважно ќе биде како ние внатре ќе се организираме, колку ќе знаеме и умееме да ги искористиме поволностите кои ни се нудат.

„Во ред е влезот на земјава во НАТО, но тоа не нѐ ослободува од одговорност и како поединци и како држава да се подготвиме за повисоките стандарди кои треба да ги достигнеме, сето друго е приказна“, изјави Панов.

Северна Македонија ја доби поканата за членство во Алијансата лани на Самитот на НАТО на 12-ти јули, односно откако беше потпишан Договорот со Грција во Преспа. Досега протоколот за членство во НАТО го ратификуваа сите земји членки со исклучок на Шпанија, чии пак изборни резултати дополнително го отежнуваат процесот за формирање на Влада, со што останува неизвесно кога ќе стигне на ред верификувањето на протоколот за НАТО во шпанскиот парламент.

На крајот на процедурата за ратификација од сите земји на Алијансата, Северна Македонија, која веќе има статус на „земја гостинка“, ќе стане 30-та членка на НАТО и ќе ги има истите права и обврски како и другите сојузници.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG