Достапни линкови

Претпазливост во Скопје за дијалогот меѓу Белград и Приштина


Архивска фотографија- Претседателот и врховен командант на Армијата Стево Пендаровски на Денот на армијата

Дел домашни аналитичари велат дека треба да се биде претпазлив и во однос на преговорите меѓу Белград и Приштина, но и во контекст на приближувањето на земјава кон ЕУ и НАТО. Сепак, тие не гледаат потенцијал за поголеми проблеми.

Ако од преговорите меѓу Белград и Приштина произлезе договор за размена на територии тогаш се можни, но не и сигурни импликации врз Македонија. Вакви се прогнозите на дел аналитичари по изјавата на претседателот Стево Пендаровски кој рече дека од влијателни меѓународни фактори пристигнуваат информации за можно заживување на дијалогот Белград-Приштина што може да влијае на состојбите на Западен Балкан.

„Република Северна Македонија граничи со двете држави и затоа треба да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално може да се случат во рамките на преговорите“, рече Пендаровски по Советот за безбедност.

Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи вели дека одамна е изградена оценката оти поделбата на Косово може да го иницира прашањето за голема Албанија и оти поради тоа може да дојде и до негативни процеси и во земјава.

„Тоа е поедноставена теза која долго време се пласира, но ако се случи тоа, да застанат на тој процес околу поделба на Косово, односно припојување на Прешевска долина со Косово, а горниот дел, Косовска Митровица со Србија, сепак со сите можни ризици, моја лична проценка е дека нема да има негативни импликации врз состојбите во Македонија“, вели Трајанов.

И политичкиот аналитичар Џељаљ Незири вели дека постои можност евентуално таквото решение меѓу Србија и Косово да се обиде да го промовира и за други земји, но смета оти тоа нема да било опасност и за државава.

„Има основа за претпазливост и за страв кај Кабинетот на претседателот, но и кај нашите институции, но земајќи го предвид форматот во кој се водат преговорите, меѓу двете држави, но и инволвираноста во нив на Соединетите Американски Држави и на Европската Унија, а и фактот дека има посебен американски советник за Балканот, Метју Палмер, мислам дека станува збор за сосема мирен процес, кој ќе заврши со договор кој ќе донесе добра иднина не само за Косово и за Србија, туку и за целиот Балкан“, вели Незири.

Покрај ова предупредување, претседателот Пендаровски рече и дека „во наредните 40 до 50 дена Северна Македонија влегува во еден период кој може да биде турбулентен и од политички и од безбедносен аспект„. Тој ова го поврза со очекуваното завршување на неколку битни ратификации за НАТО членството и очекуваната одлука на Европскиот Совет за отворање на пристапните преговори со Европската Унија.

Генерално државата треба да биде претпазлива, а службите активни, оценува Трајанов, додавајќи дека според досегашните искуства во други држави не треба да се очекува мирен период, но оти анализите покажувале поинаку.

„Последните анализи што ги прават и светските истражувачки центри е дека Русија нема да се вклучи во некаква офанзивна политика за да го спречи влезот на Македонија во НАТО. Тоа значи дека освен борбата што ќе ја води преку интернет не верувам дека ќе има некоја друга позасилена разузнавачка или агресивна активност за да го спречи влезот на Македонија во НАТО“, вели Трајанов.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по таквата изјава од Пендаровски која даде по Советот за безбедност на кој присуствуваше и таа, вели дека„има структури во и надвор од државата, коишто се противат на оваа стратешка цел“.

Во Црна Гора пред влегувањето во алијанса имаше обид за државен удар, а тамошните истражни органи тврдат дека имаат докази за вмешаност на руски националистички кругови, но и на некои руски државни органи во случувањата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG