Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ - „да и се спротивставиме на мафијата на власт“


Илустрација- прес-конференција на Христијан Мицкоски, ден по предвремените парламентарни избори 2020

ВМРО-ДПМНЕ протестира поради поскапената струја. Александар Кржаловски од МЦМС смета дека периодот по изборите треба да се искористи за внатрешна интроспекција, а не за протести, а аналитичарот Џељаљ Незири вели дека ова е најава и за жестока опозиција.

„Мафија на робија“ и „Оставка“ скандираа демонстрантите на денешниот протест против поскапувањето на струјата во организација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Протестниот марш стартуваше од пред министерството за правда во центарот на главниот град до седиштето на Регулаторната комисија од која демонстрантите бараат оставка. На протестот се обрати лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој порача дека ова е првиот од серијата протести против ,како што вели, „неправдите од Илинденска бр.2“ и детронизирање на власта која дошла на позиција со „украдени и поткупени избори“.

Тој испорача три барања до власта, како враќање на цената на струјата пред августовското поскапување преку намалување на тарифата на универзалниот снабдувач;, професионализација на Регулаторната комисија за која обвини дека ја води „партиски полтрон “ и исполнување на владиното ветување „викенди без ДДВ“. „ Кога неправдата станува закон во оваа држава, тогаш пркосот и протестот е наша обврска, Мафија или Македонија. Изборот е јасен – Македонија,“ рече во својот говор Мицкоски пред насобраните граѓани и партиски членови. Главната парола на протестот беше „Скапа струја, сиромашен народ“. Протестот го водеа членови од високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ - протест против „неправдите на власта“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:06 0:00

Инаку само десет дена по изборот на новата влада предводена од Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ излегува на протест со главна порака против поскапувањето на струјата. Во партискиот повик за протест, сепак се продлабочуваат причините за револт кон владејачката гарнитура, која од ВМРО-ДПМНЕ ја нарекуваат мафија, а граѓаните ги повикуваат на активен отпор и протести на улица.

„Да протестираме за секоја тема која ги мачи граѓаните. И ова е отворен повик да се обединиме за да ја зачуваме државата и да ги заштитиме граѓаните. Не смееме да дозволиме богата влада а сиромашен народ. Мора да се избориме за систем, вредности и иднина. И како што реков, мафија не се руши со една битка, туку со многу битки и труд, а ова е почетокот на нивниот крај“, наведуваше ВМРО-ДПМНЕ во својот повик за протест во кој го цитира нивниот лидер Христијан Мицкоски.

Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС, смета дека доста е чудно, па вели и бесмислено да се прават вакви протести веднаш по изборите бидејќи граѓаните го кажале своето мислење со гласањето. Потсетувајќи на големата загуба на гласови на изборите кои ја доживеаа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, освојувајќи вкупно околу 250 000 гласови помалку од претходните избори, Кржаловски вели дека периодот од сто дена требало да се искористи на поинаков начин.

„Токму затоа треба интроспекција, односно поглед внатре, а не само да се повикува на нови протести колку да се капитализира на евидентното незадоволство на граѓаните. Но се уште повеќето граѓани сметаат дека тоа е подобро отколку вакво ВМРО-ДПМНЕ и наместо самите да се преиспитаат сега се оди на очекуваното зголемено незадоволство на граѓаните, пандемијата која се очекува да удри силно и врз економијата есенва“, вели Кржаловски.

Од друга страна, пак ВМРО-ДПМНЕ се соочува со незадоволство кај сопственото членство по поразот на изборите што се одржаа на 15 јули. На нив партијата што ја предводи Христијан Мицкоски освои 44 пратеници, за два помалку од СДСМ и нивната коалиција која доби 46 пратенички места. Во првите денови по изборите и Мицкоски тврдеше дека преговара за составување на владино мнозинство од 61 пратеник, но без да каже детали со кого преговара, ниту за можните комбинации.

Потоа Заев формираше владино мнозинство со ДУИ, а десетина поранешни државни функционери од таа партија, но и некои актуелни побараа оставка од Мицкоски. Тие формираа и иницијативен одбор за организирање на вонреднен конгрес и реформи во ВМРО-ДПМНЕ и бараат од него да преземе одговорност за поразот на изборите. Меѓу оние кои се против неговото раководство се поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, поранешната пратеничка, Весна Дамческа-Илиевска, поранешните градоначалници Ивица Коневски и Борче Стамов, актуелниот градоначалник на општина Илинден Жика Стојановски и други.

Новинарот и политички аналитичар Џељаљ Незири, кој со години ја следи домашната политичка сцена, смета дека зад повикот и најавата на ВМРО-ДПМНЕ за серија протести може да се препознаат неколку работи- и најава за жестоко опозиционо делување со кое партијата ќе се обиде да ја турне власта преку протести, особено бидејќи има тесно мнозинство од 62 пратеника, но и обид за прикривање на сопствениот неуспех на изборите.

„Истовремено, ова е и практично обид за зацврстување на позициите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по се понагласените барања за негова оставка. Со овој проект за протести, за борба против сите владини одлуки во наредниот период опозицијата ќе се обида да ја сруши власта“, вели Незири.

Инаку Мицкоски е на чело на партијата повеќе од две и пол години, односно во декември ќе бидат точно три години откако го презема партиското кормило од неговиот претходник Никола Груевски. Ова не е првпат да организира протести. Слично како и сега и во 2018 година, од партијата најавија протести во низа, односно дека ќе протестираат секоја среда на различни теми се до заминувањето на Зоран Заев од власт, но по неколку одржани протести во Скопје и во други градови тие престанаа. Последно, во февруари годинава, партијата организираше „протест против неправдата“, а лидерот Мицкоски испрати три барања- истрага за лидерот на СДСМ, Заев за злоупотреба на службена положба, итна реформа на Советот за реформи во правосудството и ревизија на работата на врховните судии и нивните одлуки.

Епидемијата со коронавирусот потоа ги сопре собирите, па дури и изборите што се одржаа на 15 јули, по инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ поради недобиениот датум за ЕУ по промената на името, се одржуваа без големи собири. ВМРО-ДПМНЕ и сега, за денешниот марш кој ќе биде од Министерството за правда до Регулаторната комисија за енергетика бара од своите поддржувачи да носат маска, да одржуваат дистанца, да ги дезифенцираат рацете и да не се групираат.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG