Достапни линкови

„Јавното“ во контекст на светската пандемија на ПРВО ПА ЖЕНСКО 9


Плакатот за фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО 9

Со идеја да отвори дискусија и да се преиспита концептот на „јавно“ во контекст на светската пандемија, но и локално, на неколку одбрани локации во Скопје, од 10 до 16 јуни во организација на невладината Тииит! Инк, се одржува деветото издание на фестивалот за феминистичка култура ПРВО ПА ЖЕНСКО.

Деветото актуелно издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО, фестивалот за феминистичка култура и акција, чиј фокус е оградување и обезбедување на простор и платформа за сите оние кои активно се занимаваат со преиспитување и напуштање на доминантната и обременувачка патријархална култура, започна во режија на невремето и дождот. За жал, со откажување на „Гинеколошките приказни“, односно со Пич-Прич слемот , традиционалниот настан што со години успешно го мооделираат Румена Бужаровска и Ана Василева.

Така отворањето на Фестивалот на платотото пред Младински културен центар беше со промоцијата на деби албумот „Weird Fishesна младата Мартина Бараковска, авторка чиј инструмент се тапаните и до сега за својата инструменталистичка умешност има неколку значајни награди. Потем првата вечер продолжи во знакот на современата звучност и кулминира со концертот на групатаYÖU.

YOU - една од перјаниците на младата македонска музичка сцена

Станува збор за бенд формиран во октомври 2015 година под влијание на хардкор сцената и социјалното движење во 1980-те во Вашингтон (наречено Лето на револуција), DIY етикатa, бранот на француското „емо“ во 2000те и сивилото на Скопје. Нивната музика е вкрстување на емотивно меките вокали, со возечките гитари и гласните тапани, а YÖU моментално работат на нивниот втор албум кој се очекува да биде објавен во текот на оваа година.

А, по ваквиот почеток за отворање на вториот ден на ПРВО ПА ЖЕНСКО е планирана изложбата „Овцата, змијата, кучката и нивната свиња“ на визуелна уметница, кураторка и продуцентка од соседна Бугарија - Албена Баева (која фокусот на своето творештво го пронаоѓа на раскрсницата помеѓу уметноста, технологијата и општествените науки) во Галеријата на МКЦ. Следува театарскиот перформанс „Кожурец“ на АРТРОПИА, режисерката Билјана Радиноска и драматургот Верица Недеска кој ќе се игра во Денсинг салата на МКЦ, па концертот на Платото на кантавторката Димитра ( која досега има четири изданија за Шарла), проекцијата на филмот „Заедно (Сложни жени диско градат)“ на Калиа Димитрова, кој тргнува од претпоставката дека делувањето на жени и квир лица во доминатно машки простори може да ги промени постоечките услови и релации и да создаде нови... и за опуштачки крај е оставен ди-џеј сетот на NastasyaКish.

Дело од изложбата на бугарската уметница Албена Баева

Во сабота, на 12 јуни, програмата ќе започне во 13 часот во МКЦ со разговорот помеѓу Албена Баева и Станимир Панајотов во чиј фокус е фактот дека дигиталниот свет е еднакво вистински колку и реалниот. Потем ќе биде реализирана работилницата за деца „Платнени торби наместо пластични ќесички“ на Доротеј Нешковски, од 20 часот во Музеј на современа уметност е предвидено одвивањето на филмската програма „Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија“ чиј куратор е Кумјана Новакова.

Во понеделник, ПРВО ПА ЖЕНСКО ќе стаса на Летната сцена на Факултетот за драмски уметности за каде најнапред е предвидена дискурзивната програма „Бескраен попис на екофеминистичка мисла и практика“ која како кураторки ја потпишуваат Кумјана Новакова и Јана Старделова. Во продолжение ќе биде реализиран и разговорот насловен како „Против логиката на немаштија - обратен протест, протестирање и операции на милитантно изобилство“ а што го водат Валериа Грациано, теоретичарка на култура и практичарка, која моментално работи како истражувачка во Центарот за постдигитални култури на Универзитетот во Ковентри, Велика Британија и Џулијана Паладини, истражувачка и критичка теоретичарка која моментално работи како виша предавачка по драма, театар и перформанс на Универзитет во Роемптон.

Овој проект е дел од програмата на платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ, која произлегува од определбата на ПРВО ПА ЖЕНСКО за развивање феминистичка уметничка продукција практикувана низ солидарност, поддршка, заедничко учење и соработка.

И, конечно во среда на 16 јуни, најнапред во 13 часот во кафе книжарница Буква ќе се обистини промоцијата на книгата „Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата“, а потем следува и панел дискусијата „Издание на изоставените“ чија цел е да ја прошири дискусијата за новите феминистички читања. Дневната шема на ПРВО ПА ЖЕНСКО 9 во Буква е замислено со кулминира во 16 часот со современа музика. Со диџеј сет на Мариго, студентка по графички дизајн и водителка на емисијата „Млада на Македонија“ што се емитува на Канал 103.

Во пресрет на промоцијата, како една од трите авторки заедно со Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска, Ивана Драгшиќ најнапред со информација дека изработката на публикацијата е иницирана минатата година во рамки на партнерскиот проект „Жени за жени“ (Women on women – WoW Project), спроведен со сестринските организации од Љубљана (Mesto Žensk) и Загреб (VoxFeminae). Таа и со појаснување дека книгата претставува своевиден водич по географијата на нашата земја, но и низ темпоралните врвици на жените кои учествувале во нејзините главни историски текови.

Во подготовката на „Нашиот пат: 25 женски приказни од историјата“ ние откривме дека многу од биографиите и приказните коишто ги знаеме и ликовите и делата на жените со коишто се бавевме и ни се познати, се поставени низ една поинаква призма – призма на доминантниот дискурс и затоа ние се решивме овде да ги претставиме низ феминистичка призма. Така, со овој водич можат да се посетат некои познати и не толку познати локации во нашата земја, меѓутоа и да се дознаат многу познати и не познати приказни за жени пионерки и женски подвизи пионерски во нашата историја, вели Драгшиќ.

Плакатот за филмот „Заедно“ на Калиа Димитрова

По ваквото протрчување низ програмата на деветото издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО, сосема е логично што од Тиииит! Инк како организатори заклучуваат дека таа всушност „ја проблематизира и ѝ доделува централност на идејата за пристапност до она што се смета за јавно и за она што се гледа како приватно“. Дека го анализира јавниот дискурс во однос на она што се перцепира како јавно и расположливо средство за користење, ги разгледува јавните простори како оски за потенцијални алтернативни здружувања и дека „во прашање се доведува и безбедноста на сите жени и небинарни родови малцинства, еднакво под закана во и вон системите кои би требало да би требало да пружат заштита и грижа“.
Дека „програмата ќе се обиде да отвори и дискусии и погледи кон нови алтернативни начини на заедничарење и колективни пракси кои свесно ќе оставаат простор за пробивање на потребите на заедницата, а ќе ги истиснуваат и ќе се борат против исклучувачките и насилничките политики на привилегираните“.

Инаку, Фестивалот е поддржан од Програма Креативна Европа на Европска комисија, Фрида – фонд за млади феминистки (FRIDA | The Young Feminist Fund), Министерство за култура, Фондацијата Квина тил квина (Kvinna till Kvinna Foundation) и Град Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG