Достапни линкови

Малку се, многу се, но битно е за што ќе се троши финансиската помош од ЕУ


Претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајаен со македонскиот премиер Димитар Ковачевски

Парите од ЕУ, се добредојдени, се дел од коментарите по помошта од 80 милиони евра која ја најави претседателката на ЕК, Фон дер Лајен. Од една страна ќе придонесе за ублажувањето на енергетската криза, а од друга страна е сигнал дека евроинтеграциите продолжуваат.

Со помош од 80 милиони евра, ЕУ испрати порака дека земјава и Западен Балкан не се сами во справувањето со енергетската криза, ако се суди според изјавата на претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен за време на посетата на Скопје. Итната буџетска помош која ќе биде достапна од јануари, како што изјави Фон дер Лајен на заедничката прес конференција со премиерот Димитар Ковачевски, е сигнал дека ЕУ е заедно со Западен Балкан во енергетската криза.

Помошта иако е добредојдена, не е значајна како износ, а не знаеме ни детали за што парите ќе бидат искористени, вели поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.

„Јас не верувам дека ЕУ ќе дозволи да Владата одлучи како ќе се користат парите, затоа што и фондовите досега со години е констатирано дека Владите на Македонија дел од парите ги злоупотребуваат за корупциски намени и цели“, вели Хајредини.

Помошта е добредојдена, посебно што е неповратна и секако ќе придонесе за ублажување на последиците од кризата, вели директорот на МЦМС, Александар Кржаловски. Од друга страна, според него, износот е отприлика колку едногодишните ИПА фондови кои ЕУ ги издвојува за земјава, што значи дека сега помошта е дуплирана. Но, како што додава, ако се земе предвид дека помошта изнесува 2 отсто од Буџетот на земјата кој е 4 милијарди евра би требало и сами да можеме да се справиме со кризата.

„Од друга страна ЕУ конечно ги дава тие сигнали дека почнуваат да се придвижуваат работите во смисла на евроинтеграцијата откако се отвори процесот на скрининг“, вели Кржаловски.

Парите, според зборовите на Фон дер Лајен, треба да и помогнат на земјата да се соочи со влијанието што зголемените цени на енергијата го имаат врз граѓаните и бизнисите. Таа вети и дека за земјите од Западен Балкан ќе бидат дополнително обезбедени 500 милиони евра преку Европскиот инвестициски план за инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност со цел намалување на зависноста од руските енергенси. Фон дер Лајен додаде дека енергијата произведена дома која ќе создава добри работни места ќе не направи независни од руските фосилни горива.

„Со ова ќе ви овозможиме да учествувате во нашата европска заедничка набавка на гас и течен природен гас. Решивме дека сакаме да купуваме гас на глобалниот пазар заедно, затоа што тоа ќе ја зголеми нашата куповна моќ. Ве покануваме вас, Северна Македонија да ни се приклучите, да одиме на пазар заедно. Секако сите одлуки што беа донесени во изминативе неколку дена, предлозите кои ги донесовме за да ги намалиме цените на гас во ЕУ но уште поважно цените на електричната енергија, и вие ќе имате корист од сето тоа, затоа што и вие сте дел од оваа енергетска унија. Затоа што се правиме задно, како што единство и солидарност“ изјави таа.

Според Хајредини, помошта треба да се насочи кон најранливите слоеви на населението.

„Ама јас не сум сигурен, затоа што премногу искуство имаат нашите политичари на власт за парите да ги насочат како што нив им одговара за нивните партиски членови“, додава Хајредини.

Кржаловски вели дека не е поборник оти целта на нашето членство во ЕУ треба да биде финансиската поддршка од блокот. Иако, како што додава, тоа ќе биде една од поголемите придобивки и кај нас на тоа се гледа како спас, бидејќи Македонија нема од што друго да се развива.

„Всушност целта и на тие фондови е ние самите да се развиваме повеќе и да бидеме конкурентен член на ЕУ, а не некој што ќе очекува пари или не знам каква поддршка во таа смисла од самата унија“, смета Кржаловски.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека финансиските средства наменети директно за Буџетот ќе бидат достапни во најтешките месеци, односно јануари, февруари и март. Тој додаде дека тоа нема да биде единствената помош, туку ќе се финансираат и капитални проекти за поврзување со гас и за обезбедување на нови извори на електрична енергија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG