Достапни линкови

Три години се градат два километри автопат кон Косово


Изградба на автопатот Скопје - Блаце
Изградба на автопатот Скопје - Блаце

Потребни се половина час возење за 20-тина километри од Скопје до границата со Косово, исто толку за 65 километри по новиот автопат од границата до Приштина. Првата, полесна делница од автопатот кон границата со Косово се гради скоро три години. Комплицираната допрва ќе се гради.

Од автопатот од Скопје кон Косово завршено е само промотивното видео како би изгледал. Веќе трета година се гради првата, полесна, делница од 2 километри, која според првичните најави веќе требаше да биде „разгазена“. За покомплицираната делница од 10 километри засега има само јавен повик.

Патот кон Косово има по една лента во двата правци, еден неосветлен тунел и е полн со крпеници и ѓубре од двете страни. Ограничувањето на брзината е од 60 до 80 километри на час. Поради многуте камиони, често се претекнува на недозволени места, па возењето е уште понебезбедно. Дневно просечно минуваат по околу 7000 возила.

Потребни се половина час возење за 20-тина километри од Скопје до границата со Косово, исто толку за 65 километри по новиот автопат од границата до Приштина.

Автопатот „Арбен Џафери“ во Косово, долг 65 километри, почнува веднаш по скромниот граничен премиер Блаце – Елез Хан. Поминува низ живописен терен во Качаничката клисура, а на одредени делници целиот е на столбови и е всушност над реката Лепенец. Таму се наоѓа и најдолгиот мост на Балканот од 6 километри.

Автопатот од Скопје кон Косово се планира веќе две децении, го ветуваат речиси сите влади, а во 2020 година почна да се гради првата, полесна делница од 2 километри. Според најавите, уште од лани требаше да се вози по неа.

Важноста за подобро поврзување со Косово ја нагласува и тоа што се работи за еден од најзначајните трговски партнери на Македонија и една од ретките земји во кои повеќе извезуваме отколку што увезуваме. Само во првите девет месеци од годинава, во Косово се извезени стоки во вредност од 290 милиони евра, а увозот бил 80 милиони евра.

Од автопатот кон Косово завршено е само промотивното видео
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:03 0:00

Граѓаните што ги анкетиравме на една од бензинските пумпи на излез од Скопје велат дека остареле чекајќи подобар пат.

„Мора да има автопат. Ти види го, дупка до дупка е. Патот е скроз за никаде до граница. Од тука до граница да отидеш. Поубаво одам после за Косово. Одам за Пеќ, натака полесно ми е, отколку до граница 15-20 километри“, изјави камионџијата Зијадин Зејнулаху.

„Како не треба автопат, треба нормално. Еднаш месечно одам за Косово“, рече Исуф Зимери.

„Да одите во Косово, во Приштина можеби. Автопат треба, ни треба и нам, но ви треба и вам“, изјави жителот на Косово Артан Азизи.

Но, за воопшто да се стигне до граничниот премин Блаце, прво треба да се помине под оштетениот надвозник кај скопското село Визбегово, на кој предупреди и директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

„За почеток има силни вибрации на овој мост. Човек не треба да биде градежен инженер за да го наведат да се запраша каква е стабилноста на овој мост. Вториот момент се овие бетонски плочи коишто се наоѓаат во арматурата и коишто може да паднат врз патот“, рече Ангелов.

Заради забрзување на градбата, автопатот од 12 километри, беше поделен на две делници. Една од граничниот премин Блаце до клучката Блаце од 2 километри, која се гради и другата од 10 километри до клучката Стенковец, за која допрва треба да се бира изведувач.

Изградба на автопатот Скопје - Блаце
Изградба на автопатот Скопје - Блаце

Автопатот требаше да биде готов уште лани

Вицепремиерот Артан Груби пред повеќе од еден месец, на Фејсбук, објави промотивно видео како би изгледал целиот автопат од границата до Скопје – овие два километри што се градат и 10-те километри за кои допрва е распишан тендер за изведувач. Тие 10 километри ќе чинат скоро 190 милиони евра, треба да имаат 11 тунели и 9 мостови.

Според планот треба да се градат четири години, но ако се следи динамиката на првите два километри, градбата може да потрае повеќе од деценија.

Првите два километри почнаа да се градат на почетокот на 2020 година. Ги гради скопската фирма Гранит за 14,3 милиони евра.

„Ќе започнат оваа пролет, а првите километри од автопатот ќе може да ги возиме веќе следното лето, во 2021 година“, рече тогашниот директор на ЈП за државни патишта Зоран Китанов на 16 јануари 2020 година.

„Немој да бидеш скептичен, за една или за 1,5 години ќе биде готов автопатот Скопје – Блаце“, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети во гостување на ТВ21 на 25 август 2020.

Работите на патот запреа зашто локалните жители ја блокираше механизацијата незадоволни од цените по кои им го откупуваат земјиштето.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во ноември 2021 година рече дека ескпропријацијата на земјиштето е целосно завршена и оти автопатот ќе биде готов до средината на годинава.

Сепак, директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми пред два месеци рече дека токму експропријацијата, но и дополнителни работи, ги забавиле работите. Рокот на изградба сега е поместен на март 2023.

„Секако дека имаме задоцнување на тие 2 километри, но тоа задоцнување произлегува од тоа што многу доцневме со експропријацијата на парцелите коишто беа во приватен имот“, рече Рустеми во септември годинава.

Aвтопатот Арбен Џафери во Косово, од границата со Македонија до Приштина
Aвтопатот Арбен Џафери во Косово, од границата со Македонија до Приштина


Скепса за изградба на нов автопат внесува и тоа што во меѓувреме почна реконструкција на постојниот.

За споредба, автопатот од 65 километри во Косово, од границата до Приштина, беше пуштен во 2019 година. Иако е на многу комплициран терен во Качаничката клисура, со многу мостови и потпорни ѕидови, целиот беше завршен за 5 години.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG