Достапни линкови

Владата приватно ќе се тестира на ковид-19


Влада на Република Северна Македонија

Владата за потребите на нејзините вработени од приватна лабораторија набавила 260 тестови за корона по цена од 1900 денари за тест иако со здравствено осигурување тестирањето не чини ниту еден денар. Владата е единствена институција која набавила тестови, освен здравствените институции во земјата.

Владата преку тендер си набавила 260 молекуларни тестови за детектирање на ковид-19 за потребите на своите вработени. За еден тест се издвоени 1900 денари, а вкупно тие чинеле околу 8000 евра. Договорот со приватната лабораторија Авицена е потпишан пред 12 дена.

За потребите на своите вработени досега тестови не набавила ниту една институција, настрана од здравствените институции. Ниту еден денар немало да ги чини тестирањето вработените во Владата доколку закажале термин преку нивниот матичен лекар за разлика од случајов, кога тестирањето чини околу 30 евра.

Зошто тестовите се набавени од приватна лабораторија, кога тие не се наплаќаат за осигурениците кои имаат здравствено осигурување од Владата избегнаа да ни одговорат. Оттаму само наведоа дека на тендерот се пријавиле 4 компании и избрана е најповолната понуда. Право, како што наведуваат, да учествуваат имале сите економски оператори, вклучително и Институтот за јавно здравје каде всушност тестот доколку се прави приватно е поевтин за 50 денари, од избраната сума на тендерот.

„Постигнатата цена за ПЦР тест е пониска од која било што ја наплаќаат приватните лаборатории, а набавката е направена за вработени во Владата кои имаат потреба од ПЦР тестови. Барањата на Договорниот орган во тендерските документации се во целост согласно неговите потреби, а се во насока на рационално и ефикасно искористување на средствата, утврдени врз основа на начелото на економичност, ефикасност и ефективност на користењето јавни средства“, велат од Владата.

Лош пример за здравствениот систем?

За тоа каков пример Владата им дава на граѓаните за јавното здравство со купување на тестови во приватни лаборатории, исто така, не добивме одговор. За жал Владата дава лош пример вели поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари кој сега е градоначалник на Гостивар. Според него, сите оние кои се дел од различни институции без разлика дали се на локално или на централно ниво треба да им покажат на граѓаните дека се подеднакво исти како сите други во земјата.

„Со ова фактички што една институција набавува тестови за своите вработени, да речам функционери или луѓе коишто раководат со одредени институции дава пример на недоверба на другите здравствени институции каде што се прегледуваме сите други граѓани. Така што мислам дека ова не е добар пример и не е добра работа. Тие треба да бидат првите кои ќе покажат дека им веруваат на институциите на системот како Инситутот за јавно здравје и Инфективната клиника. Значи тие треба да бидат први коишто ќе се тестираат таму и ќе кажат дека им веруваат на тие институции и се тестираат таму како сите други граѓани. Рефлектира негативно, со недоверба и како тие што се вработени во Владата да се посебни луѓе во однос на другите граѓани“, вели Таравари.

Во постапката се наведува дека Служба за општи и заеднички работи на Владата парите за тестовите ги обезбедила со ребалансот на буџетот за 2020 година, а причината е влошената ситуација со пандемијата.

„Со оглед на моменталниот огромен, неочекуван и непропорционален раст на бројките на новозаразени, хоспитализирани и смртни случаи и есенскиот бран на епидемијата со корона вирусот која не стивнува, а ги надмина во секој можен поглед очекувањата и проекциите на надлежните институции за справување со корона вирусот, Договорниот орган се соочи со потребата од непланирани, зголемени и дополнителни активности за превенција од ширење на болеста КОВИД-19 (корона вирус), а заради заштита на здравјето на луѓето“, се наведува во тендерската документација.

Таравари додава дека уште полош пример е што тестовите Владата ги набавила од приватна лабораторија.

„Секогаш за мене се привилигирани институциите на системот бидејќи сите ние кои раководиме со една институција треба да дадеме пример дека за нас поважни се државните институции.Со една цел да ја вратиме довербата во нив, бидејќи во повеќето институции луѓето не вевруваат. Кога еден функционер оди да се прегледува во приватно здравство, отколку во јавно здравство тоа рефлектира недеверба кај другите граѓани. Испаѓа дека тие не го користат здравственото осигурување и за себе и за сопствените потреби прават приватни и допоолнителни тестирања кои од една страна се луксуз“, смета Таравари.

Во Авицена молекуларен или ПЦР тест за граѓаните во моментов чини 2600 денари, а слични се цените и во другите приватни лаборатории и болници. Без здравствено осигурување или приватно, најевтино е тестирањето во Институтот за јавно здравје за кое еден граѓанин ќе треба да издвои 1850 денари.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG