Достапни линкови

Дали новообјавените „бомби“ се партиската метла во ДУИ?


Новите прислушувани разговори кои беа објавени на Фејсбук служат за внатрепартиска чистка и разголување на раководството на ДУИ, велат аналитичарите. СДСМ тврди дека партнерските односи со ДУИ се стабилни. СЈО ги анализира новите „бомби“.

Специјалното јавно обвинителство ги анализира новите таканаречени „бомби“ кои вчера одекнаа на социјалната мрежа Фејсбук, одговорија оттаму за Радио Слободна Европа. Десетина нелегално прислушувани разговори вчера беа објавени на приватен профил под името Ел Чека.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека секторот за компјутерски криминал работи на случајот и дека е детектиран објавувачот на прислушуваните разговори.

„Врз основа на постапките во јавното обвинителство преку меѓународна правна помош и меѓународна полициска соработка ќе побараме да се спроведат постапките против него“, изјави Спасовски.

Според она што се слуша во објавените разговори, станува збор за разголување на ликот и делото на дел од раководството на ДУИ со кое се покажува едно друго лице кое не е толку грижливо за патриотските чувства.

Објавувачот на својот Фејсбук профил тврди дека материјалите ги добил од групата осудени за случувањата во Диво Насеље и дека ќе продолжи со објавување на „бомби“. Во меѓувреме се појави и нов прислушуван разговор за случајот Монструм, односно за екстрадицијата на еден од обвинетите кој побегна во Косово.

Реакции

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не слушнал за новите „бомби“ и не може да коментира за нив и не знае дали се од материјалите кои што ги поседувала СДСМ или пак се некои нови.

„Дали има или нема индиции зависи од тоа колку е очигледна работата или не е. Кога јас ги објавував „бомбите“ на најтранспарентен начин, секогаш зборував за индиција. Затоа и беа процесуирани постапките, затоа беа предадени материјалите. Според датумите кога биле правени, по моја проценка, една третина од материјалите беа во наша сопственост, дел од тие што биле снимени во тогашната УБК една третина биле доставени до опозицијата. Добро е што денес има закони за тоа. Очекувам институциите да постапат, зашто финиширањето на Пржинската влада и договарањето беше и правна регулација на неовластеното пуштање во промет на снимки, особено во делот на приватноста“, изјави Заев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на новинарските прашања изјави дека за забранети работи нема што да коментира. Но, на инсистирање на новинарите ако случајно се објават бомби за него, дали ќе постапи по примерот на пратеникот Павле Богоевски, Џафери вели дека не сака да одговара на хипотетички прашања.

„Ти сакаш сега мене да ме споредиш со Павле Богоевски“, со прашање одговори Џафери.

Која е целта?

Аналитичарите велат дека политичкиот мотив за објавувањето на „бомби“ кои се однесуваат на раководството на ДУИ служат за внатрепартиска чистка.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека „бомбите“ кои ги слушаме последните неколку недели покажува дека следуваат политички раздвижувања и прегрупирања и дека објавувањето на прислушуваните разговори се во функција на внатрепартиски расчистувања.

„Но и да се намали влијанието на ДУИ внатре во сите овие соодноси, веројатно има и други заинтересирани да партиципираат во власта, таа внатрешно-албанска политичка борба во албанскиот политички блок и внатре има меѓусебни расправи и политички несогласувања и борба за гласови, затоа е тој процес на дискредитација, на дворски игри, на подметнувања и обелоденување на некои сензитивни разговори“, вели Трајанов.

Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека политичка корист од оваа ситуација може да имаат неколку групи кои се противници на ДУИ.

„Во моментот секако дека има неколку групации кои може да имаат корист од ова. Прво тоа е една група која нема да има корист од таканаречената „метла“ и од тој ефект што таа „метла“ треба да го има во политичкиот живот, втора категорија се тие што се политички противници на ДУИ и со политички интерес, а третата категорија може да бидат тие што имаат лични анимозитети на личностите кои тоа го прават“, вели Муслиу.

Во основа она што заплашува е делувањето на црниот пазар за кој власта не покажа капацитет да го спречи, велат познавачите.

Не е толку битна содржината, туку пораката која се испраќа со објавувањето на прислушувани разговори, дека сè уште ги поседуваат центри на моќ и можат да ги искористат за уценување на поединци, партии, па дури и на целото општество објаснуваат експертите. Последиците од однесувањето на безбедносните служби ќе се чувствува уште долго, вели Трајанов кој додава дека власта нема да може да се справи со контролата на црниот пазар на прислушувани разговори.

„Многу тешко ќе може власта да се справи тоа, затоа што сепак се работи за прислушувани разговори кои лесно се шират преку интернет, многу тешко ќе може тој процес да го контролирате затоа што многу масовно е раширено, но поединечни случаи каде што ќе се утврди дека тие се користат за уцена за материјален или финансиски, па и политички интерес тоа ќе треба да се расчисти“, објаснува Трајанов.

Не е јасно во кој период се одвиваат разговорите, но претпоставките се дека опфаќаат период од 2011 до 2014 година. Според објавените разговори, се чини дека станува збор за досега необјавени материјали. Ова не е прв случај на интернет да бидат пуштани прислушувани разговори на политичари од опозицијата или власта. Во медиумите се шпекулираше дека прислушувани разговори освен на домашниот црн пазар, може да се најдат и надвор од границите на земјата.

Само во изминатиов месец од непознати профили во изборниот циклус беа објавени десетина прислушувани разговори. Последниот случај со пратеникот Павле Богоевски резултираше и со најавена оставка.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG