Достапни линкови

Непотребна дилема - Да има правда или неправда?


Премиерот Зоран Заев рече дека се откажал од ветингот во судството за земјава да не остане без судии, со што се отвора дилемата дали е подобро да нема правда, односно да нема доволно судии или да има неправда со лоши судии. Правниците, пак, велат дека во земјава има доволно правнички кадар.

Во Македонија има доволно чесни и квалитетни судии за соодветно функционирање на судскиот систем, само треба да се најдат и да се постават на вистинските места, велат правниците со кои разговаравме, откако премиерот Зоран Заев изјави дека ветингот, односно проверката, во судството е откажан за да не се дојде до ситуација да останеме без судии. Со тоа се отвори дилема дали е подобро да нема правда, односно да нема судии, или да има неправда со лоши судии.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека дилемата што ја отвори Заев е непотребна и стравот од ветинг е неоснован, затоа што Македонија и онака има повеќе судии од европскиот просек. Земјава располага со доволен правнички кадар за да може да се оствари правдата, вели тој, посочувајќи дека Академијата за судии и јавни обвинители не е соодветниот начин за создавање судии.

„Треба да се вратиме на стручните соработници во судовите, кои мора да поминат одреден период на менторство, движење низ судовите, да се остручат, а и сега, главниот товар и во највисоките судови паѓа на стручните соработници. Оние кои по 10-15 години се стручни соработници се печени за судии и од сите аспекти може да бидат номинирани веднаш. Замислете, имаме преку 4000 илјади адвокати во државата, од нив може да најдеме 200 добри судии ако е проблемот во кадарот. Мислам дека тоа е само извртување на тезите“, вели Илиев.

Адвокатот Александар Тортевски се согласува дека има доволно кадар, но оти треба да се впрегнат сите капацитети тој процес да се изведе како што треба. Според него, поголем проблем е кој ќе го спроведе ветингот и како, отколку прашањето дали има доволно квалитетен кадар.

„Ние за почеток треба да направиме еден добар Врховен суд, да го направиме најдобар можен. Кога на времето работев во Окружен суд, сегашен Апелационен суд, не се фаќаа врски поради тоа што знаеја дека во Врховен суд врската нема да помине. Таму има непоткупливи стручњаци и не се исплати. Не можеме одеднаш, треба да зацртаме дека за четири години ќе создадеме добро правосудство. Во првата година сега да се направи добар Врховен суд, па во наредните 2-3 години да се изберат добри Апелациони судови и веќе ако имате добар Врховен суд и добри Апелациони судови, Основните нема да прават збрки затоа што овие им дишат во врат. Вака, кога знаеш дека горе се неписмени, ти правиш пресуда каква сакаш“, вели Тортевски.

Премиерот Зоран Заев рече дека тој се залагал за распуштање на судството со право на реизбор, но се откажале од тоа за да не снема судии. Нам ни требаат 750 судии, а имаме 520, ако со процесот на ветинг отпаднат половина, ќе влеземе во други проблеми, рече тој. Заев вели дека не се откажува од Академијата за судии и јавни обвинители, затоа што тоа е европска пракса, но има обиди да се зголеми капацитетот на Академијата за да создава повеќе судии.

„Разговараме со ЕУ да дадеме и една брза трака на сите стручни соработници и адвокати со над пет години искуство, универзитетски професори, да можат после 2-3 месеци Академија и практично искуство да го полагаат испитот“, рече Заев.

Сепак, Македонија има повеќе судии од европскиот просек. Според студија на Советот на Европа од 2018 година, европскиот просек е 22, а Македонија има 27 судии на 100 илјади жители. Во развиените западноевропски држави има двојно помалку. На пример, Ирска има тројца, Данска 6, Франција 10, Италија и Норвешка по 11, Шведска и Шпанија по 12, а Белгија и Холандија по 14 судии на 100 илјади жители. Монако е рекордер со 99 судии на 100 илјади жители. По неа следуваат Црна Гора со 51, Хрватска и Словенија по 43 и Србија со 38 судии на 100 илјади жители.

Албанија почна ветинг на судиите и обвинителите по три критериуми: нивните приходи, врските со моќните организирани криминални групи и нивното професионално и етичко однесување во минатото. Тоа, пак, ја парализира работата на судскиот систем, затоа што на пример во Врховниот суд на Албанија останаа само двајца од 17 судии.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG