Достапни линкови

Ако не овој февруари, ќе се вакцинираме другиот март


Планот за вакцинација е направен, фрижидерите се набавени, недостигаат уште само вакцини. Властите постојано уверуваат дека вакцините само што не стигнале, но дел од граѓаните на социјалните мрежи иронично коментираат дека веројатно ќе пристигнат преку новата пруга до Бугарија.

По низата најави на стотици илјади вакцини против коронавирус и по контрадикторните изјави на властите за тоа кога и од каде ќе пристигнат првите дози, владата синоќа одлучи да започне постапка за набавка на 200 илјади кинески вакцини.

Ни ЕУ не се прослави со набавката на вакцини, а вакцинирање не оди со посакуваното темпо. Едноставно производителите не може толку брзо да ги произведат за да ја задоволат побарувачката, но земјава е една од ретките во Европа во која не пристигна ни симболичен број од неколку илјади дози, колку за вакцинирање на здравствениот персонал.

Министерка за одбрана Радмила Шекеринска синоќа за Сител рече дека прво сакале вакцините да бидат целосно регистрирани, за потоа да ги нарачаат.

Многумина на социјалните мрежи ја протолкуваа оваа изјава на Шекеринска во стилот „кисело е грозјето“. Додека Македонија чекала, други си нарачале со време.

Сепак, оваа изјава на Шекеринска може да има основа и во сè погласното антивакцерско лоби. Според анкетата на БИЕПАГ од октомври годинава, под 40 отсто од жителите на Западниот Балкан би се вакцинирале, а во Македонија само околу 35 отсто од граѓаните одговориле дека би се вакцинирале ако има достапна вакцина.

Во меѓувреме во земјава пристигна и британската мутација на коронавирусот, која се шири до 70 отсто побрзо, а работното време на кафеаните е продолжено до 21 часот. Не дел од луѓето им се чини како да си ја бараме бељата.

Можеби нема вакцини, ама планот за вакцинирање е спремен. Знаеме кој ќе се вакцинира. Ако преживее додека да стигнат вакцините.

Британски „Економист“ минатиот месец објави дека богатите западни земји ги купиле сите вакцини за годинава и оти Западниот Балкан ќе се вакцинира во текот на 2022 година.

Израел веќе има вакцинирано половина од своето население, Обединетите Арапски Емирати стигнаа до скоро една третина, во Велика Британија е вакциниран секој деветти човек,а во САД вакцинирано е над 7 отсто од населението. Во ЕУ стапката на вакцинација се движи меѓу 2 и 3 отсто. Од соседите, најдобро стои Србија која веќе има вакцинирано скоро 5 отсто од населението.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG