Достапни линкови

Ретроспективно-ретроактивна поставка на Дороти Пачкова во Куманово


Плакатот за изложбата на Дороти Пачкова во Куманово

Триесеттина дела акрил на платно, слики, фотографии и документи од сите творечки фази на уметничката ја чинат самостојната изложба „Retroactive retrospektive“ на Дороти Пачкова, што од 29 октомври ќе се одржи во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Ретроактивната, а не само ретроспективна изложба на Дороти Пачкова е резултат на нејзината внатрешна нужност да ја преобликува стварноста, да дејствува со повратна сила, па така наместо само да прераскаже и да се врати во минатото, во настаните што некогаш се случиле, таа длабоко понира во сопствените длабочини и ни открива еден нов момент во кој ги спојува сите нејзини напори да го визуелизира својот став во однос на наметнатите улоги утврдени по пол што ни ги пласира угнетувачкото општество. Во нејзините експресивни апстрактни дела се чувствува нејзината женственост што толку силно ја манифестира, но истовремено ја афирмира на еден сосем поинаков начин. Тоа не е женственост што неизбежно е суптилна, мека и нежна, туку е женственост која експлодира од страст и болка, женственост што создава движечка енергија и што побудува не само силни емоции, туку повикува на изразување на сопствен став.

Вака Билјана Исијанин ќе го отвори својот текст печатен во каталогот за изложбата „Retroactive retrospektive“ на Дороти Пачкова, што од петок 29 октомври ќе се одржи во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

На претстојната поставка уметничката ќе се претстави со триесеттина дела акрил на платно, згора слики, фотографии и документи од сите нејзини творечки фази. Од таму, не случајно Исијанин, подолу во текстот и со објаснување: Заменувајќи го терминот ретроспективно со ретроактивно таа себеси се квалификува како уметник што има влијание врз некое прашање што веќе се случило, односно се ангажира тоа нешто да се врати, па така создава еден наратив на активно, а не пасивно враќање. Дороти Пачкова верува дека преку промена на естетското може да се промени и колективното духовно, а со тоа и човекот и општеството. Нејзиниот општествен ангажман е резултат на нејзиниот став дека уметноста не е автономна, туку е резултат на етички и политички став и дека не треба да се создава уметност доколку таа не е резултат на нешто што сте го почувствувале на своја кожа.

А, историчарот на уметност Роберт Цветковски во своето обраќање за оваа изложба истакнува: Отворањето на егзистенцијални дискурси co силен акцент на перманентната ангажираност на уметникот, разбран како дежурен аналитичар и коректор на состојбите во општеството, дава едно сосема поинакво светло на уметничкото делување. Видено од ракурсот на Дороти Пачкова, акционото дејство и во сликарството и во животот му даваат една сосема нова улога на уметникот којшто треба да излегува се повеќе од ателјето на улицата и здружен co другите уметници но и co граѓаните да изрази став и да учествува во креирањето на својата иднина.

Од друга страна, Дороти Пачкова со свое емотивно видување на претстојната средба со љубителите на ликовната уметност. Таа нагласува дека „за неа ретроспективната-ретроактивна поставка, на нејзината возраст и од актуелната многуидентитетна позиција, зборува многу гласно и сликовито дека универзумот е пријателско место, како за неа така и за сите нас“.

Чувствата со кои стапив во контакт, за кои сум благодарна до сите неба, за време на подготовките за ретроспективната ретроактивна поставка, не може да бидат споредени со никаков земен предизвик

Ова е за мене сликовница на моето создаваштво. Можност да сублимирам што се сум направила, само во оваа животна гранка, и можам да потврдам, преку дела нели, дека изгледа како да имам 90 плодни години посветена работа и сериозен труд вложено во оваа моја автономна сликарска манџа.

Мора да повторам, универзумот е многу пријателско место, како за мене така и за сите нас, вели Пачкова.

Кон ова само уште благо навраќање на долгата биографија на уметницата.

Родена 1985 година во Скопје, Дороти Пачкова е академска сликарка и магистер по родови науки. Работи и твори инспирирана од реалниот живот, академските истражувања, професионалните искуства, но и од сонот за солидарен свет полн со еднакви можности и слободен избор.

Ја препознаваат како “trouble shooter“ во единствената “grass root“ невладина организација „Една може!“ (One can!) која се бори за унапредување на права на девојки и жени, со фокус на права на самохрани родители/ки и еднородителски семејства. Згора на ова таа е и жена борец за социјална правда и управителка на социјална компанија „Една прави“ и самостојна истражувачка.

Развива проекти од разни научни и општествено - хуманистички области, сите со трансверзалното прашање за родовата еднаквост.

Во однос на уметноста, Дороти создава феминистичка мултимедијална уметност во интердисциплинарни области, најчесто поврзани со родови проблематики, анулирање на класни разлики, феминизација на сиромаштија, пристапност до јавна сфера за девојки и жени, жени во политики, неплатен домашен труд, стеротипизација, позитивна дискриминација, демаргинализација, родово базирано насилство и слично.

Пачкова до сега има реализирано над 30 самостојни изложби и учествувала на уште толку групни во земјава и во странство.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG