Достапни линкови

Буџет без јасна визија


Ивана Велковска

Најпаметна фискална политика во моментот е онаа која гаси пожари таму каде што е најпотребно, а притоа не заборава на долгорочните заложби за раст, пишува во младинската колумна Ивана Велковска, докторанд по економски науки на Економскиот факултет.

Фискалната и монетарната политика се двете главни алатки за постигнување на макроекономска стабилност. Бидејќи стабилноста е нарушена поради надворешни шокови, војната во Украина и растот на цените на храната и енергенсите, фискалната и монетарната политика треба со усогласени напори да тежат кон враќање на балансот во економијата. Иако целта за постигнување економска стабилност е заедничка, усогласувањето на инструментите на овие две различни политики не е секогаш лесна задача.

Монетарните власти односно Народната банка со цел да се заузда инфлацијата, доминантно предизвикана од силни фактори на страната на понудата, интервенираше со мерки на рестриктивна монетарна политика како што се зголемување на каматната стапка и задолжителната резерва. Економските учебници велат дека во услови на инфлација фискалната политика треба да ја надополни рестриктивната монетарна политика и да придонесе кон намалување на паричната маса со тоа што ќе ги намали јавните буџетски трошења, а ќе ги зголеми даноците. Но, во пракса, не е секогаш така.

Опонентите на рестриктивната фискална политика пак сметаат дека ваквите мерки во услови на криза го постигнуваат спротивниот ефект. Типичен пример за тoа беше Еврокризата од 2010 година, кога наметнатото буџетско штедење придонесе за дополнително продлабочување на рецесијата на маргините на Европа. Друга причина зошто кратењето на буџетот во моментот не би бил добар чекор е тоа што економскиот дисбаланс не е предизвикан поради загреана побарувачка туку поради ограничената и нарушена понуда која прави притисок на цените.

Затоа најпаметна фискална политика во моментот е онаа која гаси пожари таму каде што е најпотребно, а притоа не заборава на долгорочните заложби за раст. Со други зборови, државата сега треба да се фокусира на расходите кои имаат доминантно социјален карактер и капиталните расходи.

Со ребалансот на буџетот вкупните планирани расходи се зголемија за 5,9% или околу 260 милиони евра. Од оваа сума, Владата планира да намени 76 милиони евра или 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите. Целта на овие антикризни мерки ќе биде да се амортизира порастот на цените на храната и горивата, но сè уште не е јасно како ќе бидат дизајнирани. Клучно прашање сега е дали тие навистина ќе го најдат патот до најранливите и дали овие средства се доволни за оваа намена.

Покрај овие средства, се планираат и дополнителни расходи кои имаат за цел подобрување на стандардот, а тоа се субвенциите за минимална плата и пензиите кои треба да се зголемат од септември оваа година. Дополнителна мерка која традиционално кај нас има повеќе социјален отколку развоен карактер се земјоделските субвенции, а со ребалансот ќе се обезбедат околу 52 милиони евра за директна финансиска подршка за земјоделскиот сектор. За гарантирана минимална помош наменети се дополнителни средства од 2,4 милијарди денари или околу 39 милиони евра.

Капиталните расходи кои се генератор на економскиот раст на долг рок, кај нас се редовно ниски, без да има некакви позначајни подобрувања повеќе од декада – а тоа се многу изгубени можности за раст и развој. Годинава реализацијата на капиталните расходи во првото полугодие изнесува само 23%. Со ребалансот средствата за капитални инвестиции се намалени за 6 милијарди денари, а инфлацијата и скапите инпути дополнително ќе ја отежнат нивната реализација.

Друг начин да се спаси растот е да се помогне на компаниите, но во оваа насока поддршката треба да биде изразено таргатирана и притоа треба да се внимава на кои компании им се дава поддршка. Секако, овие компании не треба да бидат оние најуспешните компании кои можат самостојно да го издржат товарот, а идеално тоа не треба да бидат ни оние најнеуспешните, за кои ќе биде тешко да се одржуваат во живот и во кои државата не треба да „инвестира“ сега кога фискалниот простор се стеснува.

Како ќе се распределат оние најавени 76 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството останува да видиме, но конечно за да видиме некој позначен ефект од истите, треба да бидат проследени со сериозен план за насочен учинок, отчетност и мониторинг. Искуството со антикризните мерки за време на ковид кризата е дека 1,2 милијарди евра се потрошија без посериозна анализа дали тие стигнале на вистинската адреса.

Во врска со овие мерки, Државниот завод за ревизија забележа ограничена транспарентност и нејасен систем за распределба и мониторинг на ефектите кои ги постигнаа. Добро е што со новиот Закон за буџети се најавува позначајна промена на целиот систем за управување со јавните финансии и пред сè засилен мониторинг и следење на ефектите и резултатите од јавните расходи. Сè уште се чека овој клучен закон да ја помине собраниската процедура и истиот би требало да стапи на сила од 2023-та година, а засега можеме само да се надеваме дека овие реформи ќе донесат суштински промени.

Кај тековните расходи на буџетот, освен кај ставките социјални трансфери и субвенции, големо зголемување се забележува и во ставката за стоки и услуги и покрај тоа што владејачката партија во мај оваа година најавуваше заштеди од 100 милиони евра. Меѓутоа, од мај до сега, се предомислија и наместо да ги намалат трошоците, тие ги зголемија и онака високите трошоци за околу 39 милиони евра, правдајќи се со зголемувањето на цените на енергијата.

Дополнително, буџетот за култура претрпе намалување од 35% од средствата за програмските активности и иако платите на уметниците во државните институции останаа исти, независните уметници кои по правило спаѓаат во ранливите категории се извисени од државата.

Младите како и секогаш се заборавени од буџетот. Буџетот на Агенција за млади и спорт е скратен за околу пола милион евра. Друг проблем е тоа што само 4% од буџетот на оваа агенција отпаѓа на ставката за младите. Според логиката на политичарите на младите им треба само спорт. Истовремено, во ставката за инвестиции во образованието се забележува намалување, а буџетот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови е преполовен во услови на енергетска криза.

Со реструктуирањето на буџетот се намали парчето колач наменето за културата и младите, но не се намали бројот на партиските луѓе во државната администрација. Сè уште не се појавила влада која се осудила да го направи тоа. Наместо да се мисли за доброто на граѓаните, визијата на владите за јавните финансии запира до добивање на следните избори.

Добар пример за мерка без визија која очекувано е популарна кај граѓаните е мерката Мој ДДВ. Во вториот квартал од годинава за исплати кон граѓаните се потрошиле 550 милиони денари. Тоа на годишно ниво би изнесувало околу 2,2 милијарди денари. Оправданието за оваа мерка е дека тоа се пари кои се враќаат кај граѓаните и дека ја намалува сивата економија.

Меѓутоа, ДДВ сметките ги скенираат и оние со минимална плата и оние со плата од 1500 евра и притоа вторите многу полесно доаѓаат до лимитот за поврат, додека најсиромашните најмалку добиваат. Оваа мерка не е социјална туку популистичка, а тезата дека мерката некако влијае на сивата економија е чисто теоретска и непроверена.

Буџетот се полни или од даноци или од задолжувања. Даночните приходи како изворни приходи на буџетот, со ребалансот се планираат да се зголемат за 5% како резултат на порастот на потрошувачката. За праведното оданочување, кој беше еден од концептите поради кои оваа Влада дојде на власт, одамна не се зборува или само срамежливо се спомнува.

Деновиве, наместо даночна реформа со промена на стапките од пропорционални во прогресивни, се зборува за зголемување на даночните приходи преку проширување на даночната основица со намалување на даночните ослободувања и олеснувања кај данокот на добивка, данокот на личен доход и кај ДДВ-то.

Се чини дека наместо да земат од најбогатите, властите сакаат да земат од секаде по малку. И од штедните влогови и од хонорарците и од реинвестираната добивка. Ефектот од овие реформи би изнесувал околу 0,2% од БДП за реформата на данокот на личен доход и околу 0,6% од БДП за реформата на данокот на добивка, а вкупно околу 54 милиони евра. Дебатите се одвиваат за време на летните одмори, а промените се очекува да стапат на сила од 2023 година.

Во меѓувреме, не ни бега задолжување на странските пазари и тоа со високи каматни стапки. Јавниот долг на Македонија како процент од БДП е над Мастришкиот критериум од 60%, а го надминува и критериумот за буџетски дефицит од 3% и годинава е проектиран на 5,3% од БДП.

Нема сомнеж дека во криза не е лесно да се мисли на фискална консолидација, но се чини дека напорите за истата веќе долго време лежат само на страниците на Фискалната стратегија. Доколку доминантните расходи не се наменети за капитални инвестиции, доколку не се инвестира во растот, а од друга страна трошоците со социјален карактер и понатаму се проследени со висока сиромаштија и економска нееднаквост, логично се поставува прашањето - каде ни одат парите? Сè уште чекаме на влада која доблесно штеди и доблесно троши.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG