Достапни линкови

Најскапи или најевтини горива во регионот?


Бензинска пумпа, бензин, горива

Цените на горивата, донирањето тенкови и авиони за Украина, како и анкетата на ИПСОС, најкоментирани теми на фејсбук страницата на Радио Слободна Европа. Пренесуваме дел од нив.

Нашите граѓани, барем оние што ја следат Радио Слободна Европа на македонски, како да не им веруваат на податоците на црногорското Министерство за капитални инвестиции дека Македонија и Црна Гора имаат најевтини горива во регионот – Црна Гора има најевтин бензин, а во Македонија најевтино е дизел горивото.

Мухамед Исмајили ја критикува нашата информација и напишал: „Со најскапи, САМО да лажете, бравоссс“. Марјан Јовановски постирал: „Ама и со најнизок стандард, така што испаѓа дека на граѓаните според платите им е најскап освен на политичарите и неколку компании кои земаат големи плати и според тоа кажуваат...“ Тони Павловски со цинична шега до властите на двете држави: „Дигнете тоа цената, што е ова горива за џабе се продаваат, ќе се обрукате пред Европа“. Исто како и Бобан Митевски: „Изгледа и највисоки плати во регионот“, завршувајќи ја објавата со три смешковци. И Ванчо Јованов ѝ наоѓа маана на нашата редакција: „Абе за платите ништо не кажаате, сигурно сте заборавиле да напишете“.

Посетителите на нашата ФБ страница се чини превиделе дека Македонија ѝ донираше тенкови на Украина, па по информацијата дека е испратен армиски хеликоптер за гаснење на пожарот што беснее помеѓу Дојран и Богданци, Станко Адвокат напишал: „Па нели ги пратија во Украина“, а Александар Китанов веројатно мислејќи на малкуте армиски хеликоптери како со подбив напишал: „Дури еден или два“.

Михајло Подољак, главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, преку објава на Твитер напишана на македонски јазик се заблагодари за помошта што од македонска страна пристигнува за Украина за време на руската воена инвазија врз таа земја, со зборовите: „Пријателот се познава во неволја“.

Петер Веселинов коментирал: „Немој да мислиш дека ние сме сакале да ви ги подариме тенковите и авионите што ни ги продадовте за пари... туку тоа е наредба од Калето...“ Гроздановски Рашо како налутено: „Ај бегај, а нас ни ги поклонивте - зинавте за пари...“ а Гоце Тасевски вели: „Точно, не ни ги поклонија авионите, туку ги купивме од Украина во 2001, таа беше единствената држава која ни продаваше оружје иако бевме под неформално ембарго за купување и никоја друга држава не сакаше дури ни да ни продаде. Патем, покрај купувањето, во 2001-та имавме и донација на оружје од страна на Украина, а ни испрати и пилоти за Сухоите“. Мирко Цветковски постирал: „Ги урнаа, џабе ги дадовме“ и објавил напис од некој српски портал дека руската војска соопштила дека урнала 2 украински Сухои, а Атанасиј Марио-Петар Методијевски Карадакоски го советува: „Ако читаш српски вести, ќе испадне дека и во Загреб влегле“.

„Единица за Ковачевски, ’НЕ‘ за францускиот предлог се резултатите од теренската анкета на агенцијата ИПСОС, а нарачана од ВМРО-ДПМНЕ, според која опозициската партија има двојна предност пред СДСМ. Веле Силјан постирал: „Одличен е. Можеше и нула да добие“. Но Живанка Трајкоска дури со потсмев: „Штом е нарачана од ДПМНЕ ’ептен е точна‘“. За Ристе Димитров анкетата е „фалш“, а Лазар Јордановски ја коментира објавената фотографија од некој од неодамнешните протести: „Телефоните се на сите овие завиткани со знамето на Вергина... и како нема да има...“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG