Достапни линкови

Економскиот фронт на војната


Слободата не е бесплатна, а првите жртви на економскиот фронт за жал се секогаш најранливите категории на граѓани кои се најмногу погодени од покачувањата на цените на енергенсите и храната, пишува во младинската колумна Ивана Велковска, докторантка по економски науки на Економскиот факултет.

После пет месеци од почетокот на руската воена инвазија во Украина, можеме да заклучиме дека Бајрактарите се прецизни при таргетирање на руските воени бродови, но колку е прецизно економското оружје на Западот? Победата на економската војна се цени преку силината на контракцијата на руската економија, но економските санкции не ја погодуваат само Русија, туку и глобалната економија.

Слободата не е бесплатна, а првите жртви на економскиот фронт за жал се секогаш најранливите категории на граѓани кои се најмногу погодени од покачувањето на цените на енергенсите и храната. Се уште нема рецесија ни во Европа, ни во САД, но прогнозите се се попесимистички од месец во месец, при што европската економија е повеќе на удар поради зависноста од руски гас.

Монетарните власти во западните земји се одлучни да ја зауздаат инфлацијата иако според многумина доцнат со зголемувањето на каматните стапки, а притоа се трудат тоа да го направат постепено и да постигнат таканаречено „меко слетување“ и да не придонесат за рецесија или пак стагфлација. Но, дури и најпесимистичките сценарија за Западот, се помалку негативни од прогнозите за руската економија.

Како и во повеќето земји, после укинувањето на рестриктивните мерки поврзани со корона кризата, Русија во вториот квартал од 2021 година забележа голем раст од 10%. На почетокот на оваа година, податоците за економски раст за Русија покажуваа бројка од 3,5%, која уште во март се намали на 1,5%. Ова намалување на растот беше иницијалната економска последица од економските санкции кои предизвикаа голем пад на побарувачката за производите и услугите на руските компании, пад на трговијата и сериозно отежнати синџири на добавување. Русија не е првпат таргет на економски санкции.

Блиската историја ни укажува на тоа дека Русија во 2015 година доживеа рецесија од -2% како последица на санкциите од Западот кои беа одговор на војната во Крим. Сега, очекувањата на економистите се дека руската економија ќе претрпи контракција од околу 10% до крајот на 2022 година.

Значителната разлика од тогаш до сега е во тоа што во 2015 година цената на нафтата беше ниска поради зголеменото глобално производство (претежно од страна на САД), а сега високата цена на нафтата и гасот ја полнат руската каса и ја финансираат руската воена машинерија. Друга значајна разлика е тоа што во 2015-та година рубљата доживеа колапс, а годинава се смета за најуспешната валута.

Иако на почетокот на инвазијата, рубљата изгуби околу 30% од својата вредност во однос на доларот, а во март падна на цена од дури 150 рубљи за еден долар, од март па наваму почна забрзано да расте и на крај на јуни достигна вредност од 51 рубља за еден долар, што е највисока вредност во последните седум години. Путин побрза да го изедначи овој успех на рубљата со успехот на руската економија, но за оние кои разбираат економија е јасно дека рубљата е на апарати за дишење, додека реалната економија тоне.

Вештите монетарни власти на Русија со низа трикови успеваат да ја одржат вредноста на националната валута. Како првичен одговор на падот на рубљата на почетокот на инвазијата, централната банка на Русија двојно ја зголеми каматната стапка на дури 20% со цел да ја заузда инфлацијата и заштити вредноста на валутата.

Поради намалените инфлаторни движења, каматната стапка во моментот е повторно намалена на предвоеното ниво од 9,5%. Меѓутоа, намалената инфлација не се должи на зголемената стабилност на економијата, туку на разорената потрошувачка и лошата состојба на реалната економија во Русија. Расположението на руските потрошувачи за големи набавки и инвестиции е намалено поради војната, санкциите и очекувањата за рецесија. Освен на страната на побарувачката, Русија има проблем и на страната на понудата. Руското производство се однесува како на почетокот на пандемијата поради тоа што недостасува широк спектар на инпути кои досега се увезувале – од италијански текстил до американски микрочипови.

Значително намалениот увоз од непријателските земји дополнително ја намалува инфлацијата, а ја јакне рубљата. Доколку една земја увезува повеќе од што извезува, тогаш побарувачката за нејзината национална валута паѓа, а со тоа паѓа и вредноста на валутата. Доколку една земја извезува повеќе од што увезува, тогаш побарувачката за нејзината валута расте, а со тоа расте и вредноста на валутата. Русија во моментот се наоѓа во второто сценарио, кога има и значително намалување на увозот и значително зголемување на извозот.

Друг значаен фактор за силната рубља се контролите на движење на капиталот. Имено, движењето на капиталот надвор од границите на земјата е дозволено само со претходно одобрување и за поединци и за компании со издавање посебни дозволи. Трет значаен фактор за силната рубља е фактот дека Путин оневозможи за непријателските земји плаќање за гас во било која друга валута, освен во рубљи. Иако Путин го претставува ова како економски успех, иронијата е во тоа што на Русија во моментот не и одговара силна рубља.

Силна валута значи поефтин увоз, а поскап извоз. Извозно ориентираните земји претпочитаат слаба валута за да ја зголемат конкурентноста на извозот. Најголем дел од извозот се однесува на гас, нафта, пченица, алуминиум и никел.

Дополнително, со силна валута јавните приходи чиј основ е извозот се намалуваат, а сега државната каса на Русија се полни токму од извоз. Од друга страна, со силна валута, јавниот долг во странска валута станува поефтин, но тешко дека Русија ќе може да се задолжи на странските пазари на капитал додека трае војната.

Гаспром пред десетина дена привремено „го затворија вентилот“ на Северен поток 1 од технички причини. Европјаните имаа неколку тешки денови на исчекување кои за среќа минатата недела завршија со повторно пуштање на гасот во Европа. Според некои анализи, доколку прекинот беше дефинитивен, европската економија ќе претрпеше штета од 4% пад на БДП. Европа зависи од руски гас, дури 40% од увозот на гас доаѓа од Русија.

Надежите на Ангела Меркел дека економската соработка со Русија ќе придонесе и за политичка соработка се промашени. Без разлика кој е крив за задоцнетите планови за диверзификација на добавувачите со гас, Европа за тоа ќе плати политичка, економска и еколошка цена оваа зима. Од друга страна, руската инфраструктура за пренасочување на гасот на други пазари е слаба и ќе треба време за истата да се развие.

Oсвен што Европа e зависна од руски гас, таа е голем увозник и на руска нафта. Со шестиот пакет санкции, земјите од ЕУ се договорија за парцијално нафтено ембарго на Русија. Пречка за целосно ембарго беше руски ориентираниот Орбан кој преку нафтоводот Дружба и понатаму ќе се снабдува со руски гас. Останатите земји членки се одлучија за намалување на увозот на нафта за две третини, но до крајот на годината, што и дава време на Русија да се преориентира кон други пазари.

Третиот стратешки извоз на Русија е пченицата, која достига вртоглави цени на светските пазари. Путин го уценува светот со глад со тоа што ја блокира испораката на Украинска пченица по водите на Црното Море, а први на удар се земјите од Северна Африка. Според Обединетите Нации, недостатокот на храна може да предизвика нов бран на миграции бидејќи 49 милиони луѓе во 43 земји се на раб на гладување. Западот и Русија треба да стават крај на меѓусебните обвинувања кој е крив за кризата со недостатокот на храна, дали западните санкции или пак руските блокади и да постигнат договор со кој ќе се овозможи проток на трговијата со пченица преку Црното Море.

Поделбата на светот на блокови, фрагментирање на пријатели и непријатели е погубно за здравјето на глобалната економија. Тоа не е спорно. Ако го гледаме пак економскиот двобој помеѓу Европа и САД наспроти Русија, можеме да кажеме дека главниот џокер на Западот е уништување на руската реална економија преку финансиски и трговски блокади, додека Русија може да одлучи да игра на картата со прекин на гасот, иако потенцијалниот прекин би значел и пониски приходи за руската каса. Несомнено е дека последици имаат и двете страни, но прашањето е кој повеќе ќе страда во периодот што следи. На крајот на денот, тоа секако ќе биде украинскиот народ и оние 49 милиони луѓе низ светот на кои им се заканува глад.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG