Достапни линкови

Делчев останува нерешено прашање за македонско-бугарската комисија


Гоце Делчев

По средбата на мешовитата комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија што се одржа во Охрид, директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓорѓиев изјави дека темите на разговорите биле учебниците за шести клас во Бугарија и за седмо одделение во Македонија, како и за Гоце Делчев.

"Во однос на учебниците во делот на средновековната историја направен е солиден чекор напред, oстанаа уште две забелешки што ќе бидат разгледувани на следната средба. За Гоце Делчев не постигнеме напредок во однос на претходната седница", изјави професорот Драги Ѓорѓиев.

На состанокот имало предлози како да се формулира текстот, со шест седум предлози околу одредени дефиниции за Гоце Делчев, но не била усогласена ниту почетна позиција.

Kопретседателот на бугарската група во комисијата Ангел Димитров, рече дека главното несогласување во разговорите било по однос на инсистирањето на македонската страна во преамбулата на текстот да биде внесено посодржинско појаснување за важноста на Гоце Делчев, како една од најважните фигури.

Бугарскиот претставник изјави дека прашањето по однос на Гоце Делчев бара јасен и недвосмислен одговор, односно дека одговорот на тоа прашање го дал самиот Делчев.

" Ние не тврдиме дека Делчев е Бугарин, тоа тој самиот го тврди. Ние само ги следиме фактите и ја гледаме документацијата во која не само тој туку и неговото семејство, најблиските негови соработници јасно го декларираат неговиот идентитет", рече Димитров.

Следната средба на комисијата треба да се одржи во Бугарија, кон крајот на идниот месец

XS
SM
MD
LG