Достапни линкови

Брзо возење или под дејство на алкохол ќе се казнува со затвор до три години


Полиција во Северна Македонија.
Полиција во Северна Македонија.

Стотици лица годишно гинат во сообраќајни несреќи во земјава. Министерството за правда предлага нов член 403 „Безобѕирно управување со моторно возило“ што ќе се води како кривично дело кое предвидува парични или казна затвор до три години. Дали ова ќе ги намали црните статистики на патиштата?

Возењето под дејство на алкохол со најмалку 1,50г/промили во крвта или пак под дејство на дроги и психотропни супстанци, возењето во забранет правец, претекнувањето на колона возила на непрегледно место и возењето над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина ако досега се казнуваше прекршочно, со новите предлог измени во кривичниот законик се планира да се казнува како кривично дело.

Притоа со новиот член 403 практично се вметнува ново кривично дело кое ќе гласи „Безобѕирно управување со моторно возило“, а за истото се предлагаат парични казни или казна затвор до три години.

„За ова ново кривично дело се предлага сторителот да се казни со парична казна или затвор до три години. Досега ова дело не постоеше во нашиот Кривичен законик, а наведените дејствија на извршување се пропишани како прекршоци и други прописи. Во периодот што следи ќе биде направена детална анализа на сите прекршоци од други закони кои би требало да се избришат или модифицираат во контекст на ова и други нови предложени кривични дела“, велат од министерството за правда.

Од министерството за правда кои се предлагачи на измените велат дека причините за ваквиот предлог се случувањата во изминативе години кога безбедноста на сообраќајот беше значително загрозена со многубројни дејствија наведени во членот 403, а сторителите одговараа само прекршочно.

„Оваа одредба, како и низа превентивни мерки сметаме дека ќе влијаат на сузбивање на ваквите појави кои ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот“, велат од правда.

Брзото возење главна причина за сообраќајките со жртви

Токму брзото возење и возењето во алкохолизирана состојба се најчестите причини за тешките сообраќајки кои завршуваат со изгубени човечки животи, велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Портпаролот на РСБСП, Дејан Андоновиќ вели дека во вакви случаи нема оправдување и треба да следат поголеми санкции.

„За некои стини прекршоци може да имате прекршочна пријава, но за трите најживотно загрозувачки и најкрупни сообраќајни прекршоци и инциденти, а тоа е возење под дејство на алкохол, возење со неприлагодена брзина и непочитување на прописите и сообраќајната сигнализација се најголеми прекршоци и оттаму за нив не може само превентивно туку мора репресивно да се приоѓа, бидејќи знаеме кој е резултатот од непочитување на овие мерки“, вели Андоновиќ.

Сообраќајна некултура во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:30 0:00


Тој очекува дека овие измени ќе ја зголемат свесноста и внимателноста кај граѓаните кога станува збор за почитување на сообраќајните правила и прописи.

„Само превентивни или само репресивни не носат никакви резултати. Комбинација на овие два приода кон казните досега се покажа како најделотвроно. Сето тоа се должи сепак на сообраќајната култура, а сообраќајната култура се базира врз културата на еден народ, какви сме дома, какви сме на работното место, во движење такви сме и зад воланот и на пешачкиот премин и генерално како учесници во сообраќајот и сообраќајната култура се подигнува“,додава Андоновиќ.

Стотина лица годишно гинат во сообраќајки

Податоците на МВР покажуваат дека во просек секоја година стотина лица животот го губат во сообраќајки.

Последниве години се бележи намалување на бројката, но сепак е далеку од задоволителна.

Според статистиките на полицијата, само лани 116 лица загинале во сообраќајки.

„Тоа е најмала бројка на жртви во последниве 15 години, но се уште оваа бројка е над европскиот просек и ние како МВР работиме и се надеваме дека и во соработка со другите институции и се разбира најмногу со помошта на граѓаните со нивното почитување на правилата фактички најдобро придонесуваат за безбедност во сообраќајот, затоа што ако сите ги почитуваме сообраќајните правила и прописи се разбира дека нема да има сообраќајни жртви“, вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Ангеловски потврдува дека брзото возење е најчестата причина за сообраќајките со тешки последици и токму поради тоа вели полицијата е најмногу насочена кон санкционирање на овој прекршок.

Во 2021 се напишани 240 000 казни, од кои половина се за брзо возење.

„Значи за брзо возење имаме 104.703 санкции во текот на минатата година, исто така имаме санкции за возење без возачка дозвола – 24.053, а за возење под дејство на алкохол напишани се 10.360 казни. Ова се главно прекршоците кои се најчесто санкционирани. Морам да потенцирам дека токму брзото возење е најчестата причина за сообраќајките со тешки последици и токму поради тоа ние најмногу се насочени кон санкционирање на овој прекршок, затоа што на тој начин придонесуваме за побезбедни патишта“.

Портпаролот на МВР вели дека измените со кои се планираат поригорозни казни во сообраќајот се нешто што веќе се применува и во голем број на држави и смета дека тоа ќе придонесе во зголемување на безебдноста на патиштата.

„Зголемувањето на казните е тренд, во изминатиов период истото се случуваше и во Босна и во Британија. Во повеќе држави веќе се зголемуваат овие санкции за да се придонесе за поголема безбедност, така што она што се предлага сега, зголемување на казните за оние прекршоци кои што се однесуваат на безобзирно однесување во сообраќајот како кога се вози под дејство на алкохол или над дозволената брзина значи дека апсолутно тука не станува збор за случаен сообраќаен прекршок туку свесно се прави со намера. И се разбира дека со зголемување на санкциите очекуваме и зголемување на безбедноста“, вели Ангеловски.

Џабе законски измени ако законите не важат за сите

Граѓаните кои што ги анкетиравме се согласни дека сообраќајната култура е на многу ниско ниво.

Се согласуваат и дека треба да има повисоки казни и кривични кога станува збор за сообраќајот, но се скептични дека истите доследно ќе се применуваат и ќе важат за сите подеднакво.

„Брзо се вози, не е безбедно, но џабе закони ако не се почитуваат, едно е на хартија друго е на дело“.

„Па можеби и ќе придонесат за поголема безбедност, но ако нема врски „вујко ми е ваму тетин ми е таму“, ако не биде така тогаш законите ќе важат само за сиромавите, ако нема доследност на спроведување на законите џабе“.

„Треба да бидат поригорозни казните и ова е добра измена“.

„Јас како пешак внимавам, има некои од возилата премногу брзо возат некои стабилно возат не се сите исти. Мислам дека е добро и треба да биде така, не е само да возам кола и да летам и да одземам нечиј живот“, велат граѓаните кои кои ги анкетиравме во центарот на Скопје.

Казните не допираат до совеста
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:56 0:00

Сообраќајната култура е одраз на целокупната култура на еден народ

Андоновиќ вели дека РСБСП во контитнуитет прави кампањи за превенција,но дека важна е и домашната едукација за да се превенираат сообраќајните незгоди.

„Ние како РСБСП низ цела година имаме кампањи. Секоја година од 1 септември имаме едукативни кампањи и за најмалите учесници во сообраќајот во училиштата, но мора да апелираме и до родителите, дека дете чие родител кој е нервозен додека го вози до училиште или до градинка и тоа утре ќе биде нервозен затоа и родителите треба да дадат пример“, вели Андоновиќ.

И покрај кампањите, податоците на МВР покажуваат дека во 2017 година во 137 сообраќајни незгоди биле одземени 155 човечки животи, во 2018 година се случиле 118 сообраќајни незгоди во кои загинале 133 лица, во 2019 има 132 загинати во 109 незгоди, вклучително и 15 лица кои загинаа во автобуската несреќа на автопатот Скопје-Тетово кај с. Ласкарци, додека во 2020 загинале 125 лица.

Измените во предложениот Кривичен законик, кој веќе е објавен на ЕНЕР, треба да бидат предмет на расправа, а донесувањето на законот се очекува да биде до крајот на годинава.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG