Достапни линкови

Обид за решавање на сообраќајниот хаос во Тетово


Гужва во сообраќајот во Тетово, сообраќаен хаос, улица, возила, автомобили
Гужва во сообраќајот во Тетово, сообраќаен хаос, улица, возила, автомобили

Од почетокот на годинава на повеќе улиците во Тетово се воведува еднонасочен сообраќај, се поставуваат нови знаци и лежечки полицајци во обид да се реши сообраќајниот хаос во градот. Преполните улици и возачи „легнати“ на сирените се честа глетка на градските улици.

Ќе се најде ли начин да нема сообраќаен хаос и метеж во Тетово е прашање кое си го поставува јавноста, како и секој пешак и возач кои се движат низ градот, особено во работни денови. Долги колони и нервозни возачи „легнати“ на сирените се сликата од градските улици.

Од новата општинска власт објаснуваат дека се прават напори за надминување на состојбите. Од почетокот на годината на повеќе улици се воведува сообраќај само во една насока, се поставуваат нови знаци и грпки на патиштата. За 2022 година се планираат и повеќе паркинг места и катни гаражи.

„Тетово веќе подолго време го чувствува недостигот на паркинзи. Урбаниот хаос и немањето паркинзи се проблеми кои Тетово ги има со години. Од времето кога сме на чело на оваа институција ги анализиравме сите можности да го направиме најдоброто за нашиот град, да го понудиме најдоброто решение за нашите граѓани“, најави градоначалникот Биљал Касами.

Од полицијата велат дека режимот на сообраќај на локалните патишта и градските улици е во директна надлежност на локалните самоуправи. Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски објаснува дека од кога ќе се донесат решенија, како на пример за еднонасочни улици, полиција ќе работи на санкционирање на прекршителите и воведување ред во сообраќајот.

Професорот по стручни предмети за сообраќај во средношколскиот центар „Моша Пијаде“, Тони Ласовски ја потенцира потребата и граѓаните да придонесат со тоа што при управување возила едноставно треба да ги почитуваат сообраќајните знаци и правила за да се избегнуваат метежи и проблеми.

„Тетово конкретно е град со голем број на моторни возила. Возачите, возилата ги паркираат на самиот коловоз надвор од површините предвидени за паркирање на возилата и со тоа го попречуваат одвивањето на динамичкиот сообраќај. Автоматски се намалува пропустната моќ на сообраќајницата и доаѓа до создавање на метежи“, објаснува Ласовски.

Самото непочитување на сообраќајните знаци доведува до создавање на опасни ситуации кои често завршуваат незгоди што дополнително влијае на создавање на метежи.

„Се создаваат колони, нервоза, свирење и така натаму, губење време, нервозни возачи, метежи-седат во место возилата со десетици и петнаесет минути и на тој начин имаме нефункционирање на сообраќајот во град Тетово“, вели Ласовски.

Професорот потенцира дека несоодветната сообраќајна сигнализација создава збунетост кај возачите, а со тоа и несоодветно однесување на улиците што исто така е причина за метежи и сообраќајни проблеми.

XS
SM
MD
LG