Достапни линкови

„Рестартот“ на Борисов не поминува кај Бугарите


Бугарскиот премиер Бојко Борисов

Бугарскиот премиер Бојко Борисов предложи „рестартирање“ на демократијата со реформа на уставот на земјата. Но, неговото „рестартирање“ може да запре пред да започне. Независни експерти го сметаат повикот на Борисов за нов устав како алатка за одвлекување на вниманието од скандалите со корупцијата.

По неколку недели масовни демонстрации против олигархиската контрола врз бугарскиот владин и судски систем, премиерот Бојко Борисов се обидува да ги смири демонстрантите предлагајќи, како што рече, „рестартирање“ на демократијата.

Преземајќи го терминот „рестартирање“ од уличните протести, Борисов сака да го преработи бугарскиот Устав што беше донесен во 1991 година по распадот на комунистичката власт.

Борисов бара нов Устав и предвремени избори, па ќе си даде оставка

Владејачката партија на Борисов, ГЕРБ, достави нацрт-устав до парламентот на 17 август, на истиот ден кога белорускиот претседател Александар Лукашенко се обиде да ги смири протестите со разговори за нов устав.

Трета недела анти-владини протести во Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:01 0:00

Како и за нејасното ветување на Лукашенко во Минск, бугарските политички аналитичари и правни експерти велат дека нацрт-уставот од партијата на Борисов не ги исполнува барањата на демонстрантите или на политичката опозиција.

Опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП) сигнализираше дека нема да го поддржи предлогот на ГЕРБ. Претседателот Румен Радев, кој е во сојуз со БСП изјави дека „довербата во владејачкото мнозинство е неповратно изгубена“ и дека ГЕРБ нема мандат од бугарскиот народ да го преработи уставот.

Радев бара итна и безусловна оставка од Борисов

„Разговор за уставот и иднината на Бугарија е можен само по оставките што ги бара општеството и одржување фер предвремени избори“, рече Радев, кој го опиша кабинетот на Борисов како „мафијашка“ влада.

Организаторите на протестите, Арман Бабикијан, Велислав Минеков и Николај Хаџигенов - познати во Бугарија како „Отровно трио“ - рекоа дека препишувањето на уставот „ќе и овозможи на мафијата да создаде свој устав“, подготвен од пратениците на ГЕРБ.

Сето ова кажува дека веројатно таканареченото „рестартирање“ на Борисов ќе биде запрено уште пред да започне. За да се свика Големото национално собрание за да се преработи уставот, на Борисов му е потребна поддршка од повеќе од две третини од парламентот со 240 места. Тоа значи дека му требаат гласови од минимум 161 пратеник.

Николај Хаџигенов зборува за време на антивладиниот протест, Софија
Николај Хаџигенов зборува за време на антивладиниот протест, Софија

„Во моментов, парламентарната група на ГЕРБ ја сочинуваат само 95 пратеници“, вели Петар Чолаков, софиски професор по социологија од Бугарската академија на науките, додавајќи:

Бугарите бараат од Берлин и Брисел да не ги затвораат очите пред корупцијата

„Малку е веројатно дека ќе можат да ја најдат поддршката што им е потребна. Нацрт-уставот на ГЕРБ е „повеќе или помалку како да се фрла коска на општеството без никакво месо на неа. Промените што луѓето ги бараа на протестите низ целата земја се различни од оние што ги гледаме на овој нацрт. Тие сакаат оставка на Борисов, тие сакаат оставка од генералниот обвинител Иван Гешев и сакаат избори за нов парламент“ пред следното закажано гласање во март 2021 година“.

„Истурање бензин на огнот“

Димитар Бечев, директор на Софискиот институт за европски политики и постар колега во Атлантскиот совет со седиште во Вашингтон, вели дека нацрт-уставот на ГЕРБ е како „обид да се угаси оган со истурање бензин на него“.

„Во Бугарија, судството - вклучително и главниот обвинител - има премногу моќ и многу малку одговорност“, објаснува Бечев.

Димитар Бечев, директор на Софискиот институт за европски политики и постар колега во Атлантскиот совет со седиште во Вашингтон
Димитар Бечев, директор на Софискиот институт за европски политики и постар колега во Атлантскиот совет со седиште во Вашингтон

Според него, нацрт-уставот на ГЕРБ има само „козметички промени што не значат ништо“ за да се решат барањата за реформа на судството што би наметнало повеќе проверки и рамнотежи на независното јавно обвинителство.

„Овие промени немаат смисла и може да се каже дека може да направат уште поголема штета. Тоа ќе му овозможи на јавниот обвинител да подготвува закони и да ги донесува пред парламентот. Тоа едноставно нема смисла “.

Бечев додава дека другите предлози во нацрт-уставот на ГЕРБ се претставени како реформи, но всушност се обид за проширување на моќта на ГЕРБ.

Софија - И родителите на деца со посебни потреби на протест пред владата

Тие вклучуваат елиминирање на некои контроли што претседателот ги има над судството, како и намалување на големината на парламентот од 240 на 120 места - промена што би им одговарала на поголемите партии како ГЕРБ и БСП на сметка на помалите.

Овие помали партии вклучуваат групи во вонпарламентарната коалиција Демократска Бугарија - чиј ко-лидер, Христо Иванов, ги започнаа тековните антивладини протести на почетокот на јули на бугарскиот брег на Црното Море.

Христо Иванов
Христо Иванов

„Ние сме против намалување на бројот на пратеници затоа што тоа значи дека бугарските граѓани ќе добијат помалку застапеност во парламентот“, рече Иванов.

Според Чолаков, нацрт-уставот на ГЕРБ во суштина „ги брани интересите на ГЕРБ и ги ограничува овластувањата на претседателот уште повеќе“, што е дел од долготрајната борба за моќ меѓу претседателот и Канцеларијата на јавниот обвинител.

„Не мислам дека има значителни реформи во однос на главниот обвинител. Не мислам дека овие промени ќе го донесат она што го бараат демонстрантите“, вели Чолаков, кој наведува:

„Ако ГЕРБ навистина сака да воведе позитивни промени, тогаш судскиот систем треба да биде помалку зависен од политичарите и олигарсите. Тие не го сторија тоа. Главниот обвинител останува многу моќна фигура во судството и е неконтролиран“.

Подготвен сум да си заминам, изјави Бојко Борисов

Многумина мислат дека раширената корупција во Бугарија дозволи „мафијашки шефови“ и олигарси да ги контролираат наименувањата на судиите - па дури и на владините министри - од зад сцената.

Откако стана главен обвинител во ноември 2019 година, многу Бугари гледаа на Гешев како на политички зависна фигура, која ги занемари случаите на корупција, во владејачката партија ГЕРБ на Борисов и моќните олигарси зад ГЕРБ.

главниот обвинител Иван Гешев
главниот обвинител Иван Гешев

Се поголем број Бугари сметаат дека Гешев ги злоупотребил своите овластувања со покренување неоправдани кривични истраги против Радев, неговите помошници и неговите сојузници.

Во меѓувреме, најновите истражувања на јавното мислење од „Галуп Интернешнл“ покажуваат дека повеќе од 60 проценти од Бугарите ги поддржуваат барањата за оставка на Борисов и Гешев и за парламентарни избори.

Истражувањата на Галуп, исто така, покажуваат дека 68 проценти од Бугарите немаат доверба во Борисов.

Скриени мотиви

Чолаков заклучува дека Борисов знае оти нема да ја добие поддршка што му е потребна за да го преработи уставот, но ја предложи идејата заради други мотиви.

„Она што е навистина важно е дека тој се обидува да ја смени темата на јавна расправа во Бугарија - да го тргне наративот од повиците за негова оставка, отстранување на сегашниот јавен обвинител и фактот дека тој лично бил вмешан во многу скандали со корупцијата, откако првпат стана премиер во 2009 година.

Со шатори во центарот на Софија против Борисов

Во меѓувреме, Бечев вели дека кај Борисов веќе „лебди идеја за друг резервен план“ одделно од новиот нацрт-устав на ГЕРБ. Имено, еден од неговите политички сојузници ќе ја преземе функцијата премиер до следните парламентарни избори закажани во март.

„Кратка приказна - целиот нацрт-устав е маневар - безбедносен вентил за да се добие време и да се избегнат изборите сега, додека рејтингот на Борисов му е толку низок. Можеби тој смета дека ГЕРБ ќе има подобри шанси ако може да ги одложи предвремените избори за неколку месеци, вели Бечев.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG