Достапни линкови

Бислимоски соопшти проценти, избегна да каже конкретни цени за поскапата струја


Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски

Струјата за најголем дел од домаќинствата ќе поскапи за 7,4 проценти, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, но не кажа колкава ќе биде цената за киловатчас што ќе ја плаќаат граѓаните.

Струјата од 1 јули поскапува, граѓаните ќе треба сами да си пресметаат колку. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски рече дека за 98,8 отсто од домаќинствата, струјата ќе поскапи во просек за 7,4 отсто, но не ја соопшти конечната цена што домаќинствата ќе ја плаќаат. Досега, Регулаторната комисија ја соопштуваше конечната цена за киловатчас што треба да ја платат граѓаните.

Од 1 јули за првпат се воведуваат четири блок тарифи во скапа струја. Првиот блок е до 210 киловатчаса, кој ќе биде најевтин, вториот од 210 до 630 киловатчаса, третиот од 630 до 1050 киловатчаса и четвртиот над 1050 киловатчаса, кој е најскап.

Бисмимоски рече дека струјата во првиот блок поскапува за 5,5 проценти, во вториот за 10,3 проценти, во третиот за 18,3 проценти и во четвртиот за 138,7 отсто. Евтината струја поскапува за 8,69 отсто. Регулаторната комисија на својот сајт ги објави само цените на струјата, но во сметките на граѓаните стигнуваат конечни цени во кои е пресметана и мрежарината.

досегашна цена цена од 1 јули 2022
евтина струја3,67 денари/kWhевтина струја3,92 денари/kWh
скапа струја7,32 денари/kWhI блок7,72 денари/kWh
II блок8,07 денари/kWh
III блок8,66 денари/kWh
IV блок17,5 денари/kWh

Досега вкупната цена на скапата струја беше 7,32 денари, а евтината 3,67 денари за киловатчас. Според нашите пресметки, сега скапата струја во прв блок ќе биде 7,72 денари, во вториот 8,07 денари, во третиот 8,66 денари и во најскапиот блок 17,5 денари. Евтината струја ќе биде 3,92 денари.

„За 98,8 отсто од домаќинствата, просечната цена ќе се зголеми за 7,4 проценти“, повтори неколкупати Бислимоски.

За тие што трошат помалку струја покачувањето нема да биде толку големо, но поголемата потрошувачка ќе значи и поголемо поскапување. Секој киловатчас над границата од 1050 киловатчаса скапа струја ќе се плаќа скоро 2,5 пати поскапо.

Регулаторната комисија за енергетика на почетокот на овој месец најави воведување нова методологија за тарифирање на струјата во скапа тарифа. Беше најавено дека тие што трошат помалку ќе плаќаат поевтина струја, а големите потрошувачи ќе плаќаат струја по цени слични на индустриската.

Претходно, Регулаторната комисија соопшти дека само 17 домаќинства, најголеми потрошувачи, трошат струја колку дури 80 илјади просечни семејства. Дел од нив загреваат огромни базени, а за дел постои сомнеж дека копаат криптовалути или ја користат струјата за бизнис. Затоа струјата за нив треба сериозно да поскапи.

Во првичниот предлог блоковите беа поставени на 210, 420 и 630 киловатчаса скапа струја месечно, но така испаѓаше дека тие што се греат на струја ќе добијат сериозно повисоки сметки. По бурните реакции во јавноста, висината на блоковите претрпе промени. Сега, првите 210 киловатчаса скапа струја ќе се продаваат по најниска цена, па потрошувачката меѓу 210 и 630 киловатчаса по друга цена, од 630 до 1050 по повисока, и потрошената струја над 1050 киловатчаса ќе се плаќа по цена слична на индустриската.

Просек по домаќинство

На пример, ако едно семејство потроши 1100 киловатчаса скапа струја месечно, тогаш првите 210 киловатчаса ќе ги плати по една цена, наредните 420 киловатчаса по повисока, третите меѓу 630 и 1050 по повисока цена, и оние 50 киловатчаса над границата од 1050 ќе ги плати по цена слична на индустриската.

Владата го задолжи АД ЕСМ да обезбеди 100 проценти електрична енергија за ЕВН Хоум за потребите на граѓаните и малите домаќинства во втората половина од годинава по цена од 48 евра за мегаватчас, информира АД ЕСМ. Ова е зголемување од 17 отсто во однос на досегашната цена од 41 евро за мегаватчас.
Според законот, државните електрани мора да обезбедат минимум 60 отсто од потребната струја, а другата да се набавува на слободниот пазар каде што се продава и до 360 евра за мегаватчас.

Директорите на АД ЕСМ одржале состанок на кој разговарале за планот за зголемување на домашното производство на струја. Домашното производство цела деценија паѓа, а производството во државните електрани е речиси преполовено во изминатата деценија. Затоа, струјата се купува во странство по многу повисоки цени од домашното производство.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG