Достапни линкови

Берзата на пониско ниво од „црниот ден“ по рускиот напад врз Украина


Состојба на македонска берза 07. 10.2022
Состојба на македонска берза 07. 10.2022

Рестриктивните монетарни политики на глобално ниво и очекувањата од рецесија во европската економија се клучните причини за падот на вредноста на акциите на македонската берза, велат брокери за Радио Слободна Европа.

Околу илјада до две илјада евра изгубив во изминативе три дена на македонската берза со падот на цените на акциите, вели пензионираниот Благоја кој поседува акции во скопската фирма Гранит. Редовно ја проверува берзата и вредноста на акциите, па објаснува дека последниве три дена акциите нагло паѓаат, а неизвесноста расте. Тој е исплашен поради забрзаниот пад на вредноста на акциите од почетокот на месецов.

„Претходно моите акции се качија за 0,5 проценти, па за 0,3 отсто и завчера паднаа на минус седум проценти и тука изгубив , така што, тука изгубив од илјада до две илјади евра. А тоа не е мала пара за денешни услови“ , објаснува Благоја.

Македонската берза со рекордно голем профит

Тој вели дека сега стравува да ги продаде затоа што може да загуби повеќе пари. Но, се надева дека овој шок ќе измине набрзо.

Во петокот беше забележано најниско ниво на вредноста на акциите, пониско и од најлошиот ден за берза 24 февруари кога Русија ја нападна Украина. Берзанските брокери велат дека по економскиот шок од руската инвазија, берзата полека почна да закрепнува. Но, изминативе 6 месеци кои донесоа економска неизвесност во светски рамки се рефлектираше и врз македонскиот пазар на акции.

Негативните трендови на македонската берза се предизвикани од основниот фактор -рестриктивните монетарните политики на глобално ниво кои влијаат лошо на пазарите на капитал објаснува главниот извршен директор на КБ Публикум инвест, Горан Марковски.

„ И број два фактор е она што се очекува и има индикации првенствено во европската економија е дека ќе се случи рецесија во четвртиот квартал и првиот квартал од наредната година. Сето тоа допринесе инвеститорите да се прилагодат и да ги намалат очекувањата и соодветно на тоа се случи и овој пад односно корекција на македонскиот пазар,“ вели Марковски.

Македонската берза „заздравува“ од коронавирусот

Во септември најтргувани акции се на Комерцијална Банка,по неа следи Алкалоид АД и третото место го зазема Гранит АД. Вкупниот промет од трговијата со акции изнесува 7,7 милиони евра.

Прашањето за очекувањата за последното тромесечје од годинава кога на врата чука сериозна светска енергетска криза и војната во Украина на која не и се гледа крајот има многу политички компоненти, вели Марковски.

„Никој не знае како ќе се развива пазарот на енергенси соодветно на тоа и како ќе влијае на цената на енергенсите што е влезен инпут кај голем дел од компаниите и следствено тоа влијае на обемот на работа, на приходи односно и добивки, што прави потешко да се предвиди,“ објаснува тој.

Очекувањата на дополнителните зголемувања на трошоците на енергенси ќе се одразат врз економијата, но берзата ги впива во себе ваквите нешта однапред.

„На берза се случуваат работи кои најчесто имаат временска дистанца од 6 месеци пред да настане некое економско случување како рецесија на пример, и претпоставувам дека голем дел од тие негативни ефекти се веќе вклучени во ова ниско ниво на цените. Така што единствено дополнителни изненадувања би имале негативен тренд. Во спротивно очекувам во наредниот период од 3 до 6 месеци да дојде до постепено стабилизирање“, вели Марковски.

Дополнително врз акционерите влијание ќе има и инфлацијата која во септември достигна 18,7 проценти. Дел од брокерите велат дека можно е ова дополнително да предизвика страв кај инвеститорите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG