Достапни линкови

Мицкоски и Ковачевски се договорија - опозициските предлози за кризата одат кај Бектеши


Мицкоски на средба во Владата
Мицкоски на средба во Владата

ВМРО-ДПМНЕ до Владата ќе ги достави своите контакти за наоѓање поевтини енергенси, а министерот за економија Крешник Бектеши во име на Владата ќе ги проверува нивните понуди, е епилогот од средбата во Влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со премиерот Димитар Ковачевски.

Загрижен излезе претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата. Тие два часа разговараа за енергетската криза и начините како да се надмине. Заедно со нив беа економските тимови и на Владата и на опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ на средбата понудиле помош при набавката на енергенси, односно гас и мазут. Притоа било договорено контактите што ги има партијата да ги даде на министерот за економија Крешник Бектеши, кој е определен од премиерот како лицето со кое ќе контактира партијата на Мицкоски во барањето излез од енергетската криза.

Меѓу предлозите кои ги претставило ВМРО-ДПМНЕ во Владата е да се обезбеди енергенс за работа на ТЦ Неготино по цени поевтини од берзанските, а струјата што ќе се произведе да се даде на стопанството, за да се зачуваат работни места.

Друг предлог е преку друга позиција да се обезбеди енергенс за ТЕ-ТО, која треба да произведува струја и топлина, при што струјата ќе биде за граѓаните и за индустријата на регулираниот пазар.

„Не може да се обезбедиме ресурс како што било во минатото, но може да обезбедиме драматично поевтин ресурс и цена на струја која ќе биде двапати поевтина од берзанската“, изјави Мицкоски по средбата.

Тој вели дека предлозите што ги дале делувало дека се прифатливи за луѓето со кои денеска седелe на иста маса.

Ковачевски пак, истакна дека средбата била закажана во дух на добра волја и во таква атмосфера се одвивала. Рече дека на неа ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза, при што ја информирале опозицијата за производството струја во домашните капацитетети, како и за процесите на обезбедувањето енергенси. Ковачевски истакна дека ја нагласиле и потребата што побрзо да се донесат во Собранието сите закони поврзани со надминувањето на енергетската криза, меѓу кои и Законот за задолжување од ЕБОР во износ од 100 милиони евра по поволна каматна стапка за поддршка на работата на ЕСМ, но и Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени резерви.

„Разговаравме и за префрлање на основните и средните училишта на регулираниот пазар, како и за префрлувањето на здравствените установи за снабдување кај ЕСМ продажба. Беше реафирмирано барањето на опозицијата за вклучување на јавните комунални претпријатија на регулираниот пазар, кое ќе биде разгледано од Министерството за економија во соработка со ЗЕЛС“, изјави Ковачевски.

Мицковски пак појасни дека неговата партија предложила измени на Законот за енергетика со кои сите јавни претпријатија, не само општинските, за комуналии и водостопанство, од слободен пазар да се префрлат на регулиран според тарифа на компании кои се на регулиран пазар. На прашањето на новинарите пак како ќе донесат гас во земјава, Мицкоски рече дека немаат намера да бидат трговци. Тој истакна дека позицијата не им е Гаспром, ама Гаспром е директниот извор за да дојде гас во Македонија, оти без да ја крене Гаспром рампата во Жидилово, гас во земјава нема да има.

„Поразот на сите влади е што сме дозволиле да имаме само еден влез на гас и дали ќе имаме гас или ќе немаме да зависи од некое трето лице. Гаспром е тој што ќе одлучи дали ќе се крене рампата. Позицијата со која јас разговарав обезбедува гаранција дека тоа ќе се случи“, истакна Мицкоски.

Инаку, Мицкоски и Ковачевски дадоа одвоени изјави по средбата. И самата средба се случува по повеќедневни партиски и меѓусебни обвинувања за справувањето за енергетската криза.

Така, преку медиумите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бараше дебата со Ковачевски и нудеше контакти и план за излез од кризата, додека пак претставниците од власта се правдаа дека и за време на короната им испраќале покани за економскиот совет, ама ВМРО-ДПМНЕ не покажала грижа. И сега тие го викнаа опозицискиот лидер и неговиот тим на економскиот совет во Влада, ама по одбивањето од опозицијата следеше покана за средба со премиерот во владината зграда.

Во меѓувреме, владиниот план за справување со кризата беше проценет на околу 300 милиони евра, а предвиде раст од 25% на производството на струја во домашните капацитети преку обезбедување јаглен и мазут за РЕК Битола, Осломеј и ТЕЦ Неготино, но и гас за производство на струја во ТЕ-ТО и во централата Когел во сопственост на ЕСМ. Дополнително, претставници на власта се обидоа да најдат струја по пониски цени од Бугарија и Турција, гас од Србија и јаглен од Грција, ама засега ништо од ова не е реализирано.

Македонската влада од 1 септември прогласи кризна состојба во снабдувањето со парно на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на национално ниво, која Собранието ја продолжи до крајот април, следната година. Во исто време на сила стапија и мерките за штедење, а јавните институции беа задолжени да ја намалат потрошувачката на струја во септември за 15% во однос на истиот месец ланската година. Истотото ова како препорака важи и за граѓаните и компаниите.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG