Достапни линкови

Партиски пресметки за криминалци со македонски пасоши


Илустрација - Пасоши

По приведувањата поврзани со издавање на македонски пасоши на познати криминалци, продолжуваат препукувањата меѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ. Министерот за внатрешни работи останувања на тврдењата дека опозицијата ја саботирала акцијата, а oд опозицијата тврдат дека зад се стојат министерот и премиерот.

Ден по приведувањата поврзани со издавање на македонски пасоши на познати криминалци од регионот, продолжуваат препукувањата меѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ. Министерот за внатрешни работи останувања на тврдењата дека опозициската партија ја саботирала меѓународната акција, а oд опозицијата тврдат дека зад се стојат министерот и премиерот Зоран Заев.

Случајот со издавање на македонски пасоши на познати криминалци од регионот од меѓународна истрага, спроведена со помош на Интерпол и Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД , како што тврди МВР, се префрли на меѓупартиски терен. ВМРО-ДПМНЕ на нова прес конференција изнесе тврдења дека и други криминалци добиле пасоши, а дека зад аферата стојат лично министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и премиерот Зоран Заев.

Во акцијата, која Спасовски тврди дека почнала во 2019 година е откриено дека вкупно 215 лица, од кои еден македонски државјанин, а сите останати странски се стекнале со македонска патна исправа со туѓ идентитет. Како осомничени приведени се девет лица вработени во МВР, а едно е во бегство. Тој не бил полициски службеник туку надворешен посредник.

Поинакво светло на случајот од онa во кое го презентираат надлежните се обидува да даде опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ ден пред МВР да ја информира јавноста за полициска акција, на брифинг со новинари информирале дека македонската полиција издавала пасоши на криминалци земајќи туѓ идентитет. И додека министерот Оливер Спасовски во ова гледа саботажа, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на прес конференција во партиското седиште рече дека до нив стигнале информации дека уште двајца познати криминалци добиле македонски пасоши. Тој го спомена водачот на албанскиот нарко картел Флорјан Мусај кој, како што рече, на 17 јули 2019 година добил македонски пасош со позајмен идентитет Наум Фило. Второто лице што го спомена е Стефан Џукиќ кој е осомничен за обид за убиство на еден од водачите на т.н. Кавачки клан, а добил македонски пасош како Каче Герѓи.

„Нема граѓанин кој верува во приказната дека мафијашки бос извадил легален пасош со украден или лажен идентитет кај обичен полициски службеник. Такво кривично дело е возможно најмалку со знаење на претпоставениот кој е поставен директно од Оливер Спасовски. Целта е ситните риби да одговораат за крупните да се спасат, но дел веќе виден“, вели Николоски.

Спасовски, пак, претпладнето во емисијата Утрински брифинг прстот го впери кон ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека во координација со партнерите, акцијата требало да ја спроведат за неколку дена, но поради обидот за сузбивање од опозицијата била спроведена сега. Министерот тврди и дека еден од уапсените бил во секојдневен контакт со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, што од партијата го негираа.

„Јас побарав во моето јавно обраќање од страна на Обвинителството да ги испитаме сите овие активности. Ако излегувате како опозициска партија со какви било обвинувања, нудења документи, докази итн., а тоа не го правите во надлежниот орган, тоа е Јавното обвинителство, се отвораат многу дилеми пред сите, па и пред мене. Затоа треба системот да функционира, затоа реков дека треба да се даде одговор. Меѓутоа, ако имаме предвид дека еден од уапсените е во тесна врска, непосредни и секојдневни контакти со лидерот на опозицијата тогаш се отвора сериозна дилема зошто тоа е направено", рече Спасовски.

Инаку, како што тврди МВР службените лица делото го извршиле на начин спротивен на одредбите за издавање на патни исправи. Поддршка било и лице, посредник, помеѓу барателите на патни исправи со лажен идентитет и службените лица. Од МВР велат дека било утврдено дека во еден дел станува збор за лица кои се дел од меѓународни криминални групи, нарко картели, лица инволвирани во кривични дела, односно лица со висок ризик за кои има и меѓународна потерница.Според ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа со конкретни имиња, со македонски пасош се стекнале и членовите на високи мафијашки структури од Србија и Турција, Јован Вукотиќ и Седат Пекер.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG