Достапни линкови

Ангеловски - Има наследници на Пандев


Ангеловски - Жално е што Вардар испадна од Прва лига
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:53 0:00

Ангеловски - Жално е што Вардар испадна од Прва лига

Фудбалската репрезентација е подготвена за ЕП и верувам дека фудбалерите може да ја поминат првата фаза, вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски. Сè уште не се знае во какви дресови ќе играат, вели тој. Селекторот додава дека има наследници на Горан Пандев, но дека младите треба да се потрудат да ги стигнат неговите резултати. Репрезентацијата е посилна ако има и силни клубови, вели Ангеловски, нотирајќи дека порано половина од репрезентацијата ја чинеле фудбалери од домашни клубови, а сега има еден или двајца.

Господине Ангеловски, какви ви се очекувањата од претстојното Европското фудбалско првенство. Ќе ја поминеме ли првата фаза?

Очекувањата, најнапред морам да кажам дека тоа е она што сите го чекавме 30 години. Среќен сум што наближува тоа Европско првенство. Посакувам фудбалерите да немаат проблеми од здравствен аспект, сите да можат, на оние на кои сметаме, да се стават на располагање и ако сме комплетни и јас самиот си поставив како цел, она што Вие го велите, да ја поминеме првата фаза, затоа што знам што можат овие фудбалери, верувам во нив и верувам дека може тоа да го остварат.

Подготвен ли е тимот?

Да, секако.

Доволен ли е еден подготвителен натпревар пред првенството?

Па добро, ние закажавме еден подготвителен од причина што долго време сме веќе заедно, оваа репрезентација е четири години заедно, добро се познаваме, добро сме воиграни, и да не ризикуваме од несакани повреди закажавме еден контролен натпревар со квалитетен противник, како што е репрезентацијата на Словенија и мислам дека потполно спремни ќе влеземе на Европското првенство.

Во какви дресови ќе играте, бидејќи во официјалниот албум на Панини за Европското првенство, репрезентацијата е во обични маици?

Тоа треба да ги прашате луѓето од Федерацијата, ние се уште не знаеме во какви дресови ќе играме. Мислам дека од производителот ЈАКО и луѓето кои раководат со Федерацијата ќе организираат промоција на новиот дрес, се надевам пред Европското првенство.

Познато е во јавноста дека вие го убедивте капитенот Горан Пандев да се врати во репрезентацијата, но како успеавте?

Горан премногу си ја сака Македонија, за да треба некој да го убедува. Тој не настапуваше за репрезентацијата затоа што не му се допаѓаа некои работи што се случуваа во Фудбалската федерација и јавно ги кажа причините. Јас сакав мојот прв ден како селектор да го поминам кај него во Џенова, да разговараме, да му ги кажам моите планови. Разговараме и добро се сеќавам му реков – Преголемо фудбалско име си вака недоречено да завршиш со репрезентацијата, имаме шанси да се пласираме на Европско првенство, ни треба еден лидер како што си ти“. Среќен сум од тој аспект што Горан и јавно кажува што сонот му е со Македонија, како и сите нас останати, да игра на Европско првенство, и покрај се што оствари на клубски план, еве ќе има можност да игра со Македонија и на Европско првенство и да ја изнесе македонската репрезентација како капитен.


Пандев е на залезот на кариерата, гледате ли меѓу играчите негов наследник?

Секако дека има, но треба да се потрудат да ги стигнат неговите резултати, имаат добар пример до нив. Има навистина прекрасни момци кои се доста млади и треба да го следат неговиот пример и дека можеме да кажеме дека Македонија има наследници на Горан.

Неимновно е дека ќе се случи и смена на играчи во националниот тим. Има ли во генерациите што доаѓаат потенцијални репрезентативци?

Секако дека има и среќен сум поради тоа, затоа што навистина доаѓаат млади и перспективни фудбалери, но и постоечката генерација мислам дека со два-тројца фудбалери кои можеби нема во иднина да настапуваат во репрезентацијата, сите останати може да играат најмалку два натпреварувачки циклуси и тоа е богатството на оваа репрезентација, надополнети со оние фудбалери кои доаѓаат од помладите генерации и Македонија ќе има еден силен, компактен тим и мислам дека веќе Македонија мора да се стреми да биде редовен учесник на сите големи натрпеварувања.

Се вложува ли доволно во млади кадри?

Мислам дека не и дека тука е проблемот на македонскиот фудбал и дека сите кои работат во фудбалот, сите авторитети, а посебно сега после еден ваков успех треба да го препознаат и искористат моментот. Ние како држава ќе настапуваме на Европско првенство, на еден од најголемите фудбалски настани и еве можност да сите авторите кои раководат со клубовите, со Фудбалската федерација да ги покажат своите капацитети и да го подигнат нивото на фудбалот.


Кога сме кај клубовите. Вардар по најголемиот успех, пласман во групната фаза на УЕФА Европа Лигата испадна од првата македонска лига. Можеме ли како земја со малку фудбалски успеси да си дозволиме еден клуб како Вардар да има неизвесна судбина?

Мислам дека е жалосно што Вардар испадна од првата лига, затоа што Вардар е нашиот бренд, гордост на фудбалска Македонија и сите оние што дозволија да се случи тоа треба да се запрашаат зошто дозволија тоа да се случи. За мене е несфатливо една екипа која пред три, четири години играше во групна фаза на Лига Европа и притоа оствари еден финансиски бенефит, прилив од 7 милиони евра и да дозволиш клубот да се распадне, тогаш тие што раководеле со клубот, мислам дека воделе погрешна политика и одговорноста треба таму да се бара. Жалам за Вардар и за огромната армија на навивачи. Секоја чест за навивачката група Комити кои не го оставија клубот и ја покажаа таа сплотеност помеѓу нив и најважно е Вардар организациски да застане на нозе. Мислам дека прашање на време е кога ќе се врати во првата лига. Јас би сакал да се врати силен, моќен, затоа што тој е локомотивата на македонскиот фудбал и сите и кога бев играч се споредувавме со Вардар и за квалитетно првенство потребен е силен Вардар, силна Шкендија, силен Работнички и останатите клубови за тој квалитет донесе интерес и го подигне нивото на фудбалот во Македонија.

Но, колку наместо финансиите, политиката повеќе игра улога во фудбалот и во клубот Вардар?

Никогаш не сакам да зборувам за политиката, така што нема и сега да го направам тоа. Од фудбалски аспект ми е навистина криво и ми е жал што Вардар дојде на ова ниво. Тука има многу луѓе коишто треба да дадат одговор, јас не сум компетентен за тоа, бидејќи тие што раководеле со клубот добро ги знаат приликите, и знаат дали тоа биле политички или други причини и треба да дадат одговор и мислам дека народот и навивачите заслужуваат да добијат одговор кој е виновен за тоа што денеска е Вардар.

Велите ни требаат силни македонски клубови. Колку без нив е можна квалитетна македонска репрезентација?

Репрезентацијата секогаш е поквалитетна кога клубовите се поквалитетни. Еве споменавте таа сезона кога Вардар играше во групна фаза, Шкендија беше во плеј оф, Работнички играше во плеј оф во Лига Европа и еве показател. Јас бев тогаш на чело на А репрезентацијата, 9 фудбалери беа од домашното првенство, четири фудбалери на Вардар, Бобан Николов, Стефан Спировски, Дарко Велковски беа повикувани тогаш како фудбалери на Вардар. Буба Хасани, Егзон Бејтулау, Маријан Радевски како фудбалери на Шкендија, значи 50 отсто од репрезентацијата доаѓаше од домашните клубови, сега имаме еден или двајца фудбалери од домашните клубови. Така што, што се поквалитетни, што бележат подобри резултати, нормално дека тоа е добро и за репрезентацијата.

По историскиот пласман на Европското првенство, ФФМ ви понуди договор на само шест месеци. Ако вашите резултати се неспорни, тогаш што е проблемот?

Тоа треба да ги прашате тие што ми понудија. Да, како награда за пласман на Европско првенство добив шестмесечен договор кој ќе го одработам максимално професионално.

Во какви односи сте со претседателот на ФФМ Муамет Сејдини?

Јас си ја работам мојата работа и сум одговорен за она што се случува во А репрезентацијата, тој ја работи неговата работа и е одговорен за она што се случува во Федерацијата.

По завршувањето на Европското првенство, очекувате ли нов договор и дали би го прифатиле?

Воопшто не размислувам на таа тема. Сега сум сконцентриран само на Европското првенство и Македонија таму да бележи добри резултати.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG