Достапни линкови

Вести

Ангеловска: Имаме три сценарија - Поволно, неповолно и најнеповолно

Министерката за финансии Нина Ангеловска
Министерката за финансии Нина Ангеловска

Поволно, неповолно и најнеповолно сценарио за справување со последиците што ги предизвика коронавирусот во економијата има Министерството за финансии, а најголемиот удар во сите се очекува во вториот квартал од годинава, изјави денеска министерката за финасии Нина Ангеловска.

„Многу е тешко за економските аналитичари, вклучително и за меѓународните финансиски институции, да ги предвидат случувањата. Имаме три основни сценарија: поволно, неповолно и најнеповолно. Кај првото сценарио – поволното, предвиден е пад од 20 отсто на вкупната приходна страна на консолидиран буџет во однос на планот. Тоа би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра, односно за толку би се зголемил дефицитот и потребите за финансирање“, рече Ангеловска на денешната прес-конфернција.

Кај второто сценарио – неповолното, потенцираше министерката, падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30 отсто со што потребите би се зголемиле за околу една милијарда евра. И кај третото најнеповолното доколку приходите паднат 40 отсто, дополнителните потреби би биле околу 1,3 милијарди евра.

„Кај сите сценарија најголемиот пад на даноците се очекува во вториот квартал од 40 до 65 отсто во однос на претхосната година, додека претпоставките за третиот и четвртиот квартал се разликуваат согласно кога би започнал периодот на економско заздравување и стабилизација. Важно е да сме подготвени и за најлошото сценарио, а секако да преземаме мерки и да повлекуваме соодветни чекори за да се случи најдоброто“, посочи Ангеловска.

Будното следење, агилноста и флексибилноста на владите, нагласи, се клучни за делување и справување со овој здравствено-економски шок.

„За секое од трите сценарија подготовуваме и сценарија за финансирање. Непредвидливоста и ранливоста на пазарите на капитал носи голем предизвик и при креирање на овие сценарија. Во тек е постапка за обезбедување на средства од Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и инструментот премостување до обврзница. Постапките се во тек и се очекува до мај да ги обезбедиме овие средства“, потенцира Ангеловска.

види ги сите денешни вести

Си: Кина мора да ги заштити правата на странските компании

Кинескиот претседател Си Џинпинг
Кинескиот претседател Си Џинпинг

Кинескиот претседател Си Џинпинг нареди поголема заштита на правата на меѓународните компании и интелектуалната сопственост, објавија во вторникот државните медиуми, додека Пекинг работи на привлекување странски компании кои се исплашени од построги мерки и нестабилна економија.

Американските и европските компании во Кина известуваат дека е се потешко да се води бизнис во таа земја од кога било поради геополитиката, антишпионските закони, акциите против мултинационалните компании и поволниот третман на домашните компании.

Пекинг, сепак, покажа знаци дека сега повторно се обидува да привлече странски компании.

Во писмениот говор на Самитот на извршните директори на АПЕК овој месец, Си ги повика компаниите да инвестираат, ветувајќи мерки за да им се олесни на странските компании да инвестираат и да прават бизнис во Кина.

На состанокот во понеделникот на Политбирото на кинеската Комунистичка партија - највисокото тело за одлучување во земјата, рече дека Кина мора да обезбеди „сеопфатен, отворен и транспарентен“ правен третман на странските субјекти, објави државната телевизија CCTV.

Правниот систем на Кина треба „да ја зајакне заштитата на правата на интелектуална сопственост“, рече Си, како и „да ги заштити легитимните права и интереси на странските претпријатија“.

Пекинг мора да „создаде пазарно ориентирана, легална и меѓународна првокласна деловна средина“, рече Си.

Странските компании долго време се жалат на нејасни и произволни прописи во Кина, пред се во врска со кражбата на интелектуална сопственост, на што укажаа и американски претставници при посетата на Кина оваа година.

Американските и европските бизнис лоби во септември предупредија дека довербата на странските бизниси во Кина паднала на најниско ниво во последните години, бидејќи забавувањето на растот и геополитичките тензии влијаеле врз изгледите за инвестирање.

Деловните лобија, сепак, гледаат знаци дека работите би можеле да се подобрат по зголемениот американско-кинески ангажман и средбата меѓу Си и претседателот Џо Бајден овој месец.

Продолжен притворот на американскиот новинар Гершкович во Русија

Американскиот новинар Еван Гершкович, на крајот на март беше уапсен во Русија под обвинение за шпионажа
Американскиот новинар Еван Гершкович, на крајот на март беше уапсен во Русија под обвинение за шпионажа

Судот во Москва во вторникот објави дека до јануари му го продолжил притворот на американскиот новинар Еван Гершкович, кој на крајот на март беше уапсен во Русија под обвинение за шпионажа.

Окружниот суд Лефортово сооошти дека на Гершкович, кој ги негираше обвинувањата, му бил продолжен „периодот на притвор“ за уште два месеци до 30 јануари.

Гершкович, известувач на „Волстрит џурнал“, беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ) на 29 март во градот Екатеринбург на Урал под обвинение за шпионажа, што се казнува со затвор до 20 години.

Тој е првиот американски новинар кој е уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна.

Русија објави дека Гершкович е фатен „на дело“. ФСБ, главниот наследник на КГБ, тврди дека новинарот се обидел да дојде до воени тајни.

Белата куќа ги нарече обвинувањата „смешни“, а претседателот Џо Бајден рече дека притворот на Гершкович е „целосно незаконски“.

„Волстрит џурнал“ ги негира обвиненијата и бара негово итно ослободување.

Русија сè уште не објави никакви докази за овој случај.

Гершкович, кој течно зборува руски, беше во Лондон во февруари кога Русија ја започна својата инвазија на Украина и се подготвуваше да се врати во Русија за да започне да известува за Волстрит журнал, откако претходно работеше за АФП.

Израел доби список на заложници кои Хамас треба да ги ослободи денеска

илустрација
илустрација

Израел доби список на израелски заложници кои денеска треба да ги ослободи Хамас, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

„Списокот на заложници во моментов се разгледува и „во моментов се доставуваат известувања до семејствата на оние кои ќе бидат ослободени по повеќе од 50 дена поминати како заложници во Газа“, се наведува во соопштението.

Бројот на заложниците што ќе бидат ослободени денеска како дел од продолжениот договор за прекин на огнот постигнат во понеделникот не е прецизиран, пишува Тајмс оф Израел.

Од петокот, 50 израелски заложници се ослободени како дел од првичниот договор за четиридневен прекин на огнот во борбите во Газа и ослободување на тројца палестински затвореници за секој израелски заложник.

Како резултат на паралелните преговори водени од Катар, Хамас ослободи и 17 Тајланѓани, еден Филипинец и еден руско-израелски државјанин.

Израел и Хамас вчера се согласија да го продолжат привременото примирје за два дена, отворајќи можност за ослободување на уште околу 20 луѓе кои се заложници на палестинската милитантна група.

Стејт департмент: Блинкен ќе ја истакне улогата на ОБСЕ во обезбедувањето безбедност во регионот

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен

Државниот секретар на Соединетите Држави, Ентони Блинкен ќе учествува на Министерскиот самит на ОБСЕ во Скопје каде ќе зборува за главната улога на Организацијата во промоција на продлабочената безбедност во регионот и ќе се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога, соопшти во понеделникот вечерта Стејт департментот.

Блинкен денеска учествува на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, а во посета на Северна Македонија доаѓа утре каде на 29 и 30 ноември се одржува состанокот на министрите на ОБСЕ, изјави портпаролот Метју Милер.

„Во текот на посетата на Северна Македонија, државниот секретар ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ за реафирмација на цврстите заложби на САД во ОБСЕ и главната мисија на организацијата да промовира безбедност, стабилност и соработка меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирно решавање на споровите, рече Милер.

„Блинкен исто така ќе ја истакне главната улога што ОБСЕ ја игра во промоција на продлабочената безбедност низ регионот и ќе се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога“, се вели во соопштението од Стејт департментот.

Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија вчера на брифинг изјави дека на состанокот Блинкен ќе зборува и за подршката на САД и сојузниците за Украина.

Од Скопје тој ќе опатува на Блискиот исток, во Израел и ОАЕ. Во Израел ќе разговара за правото на Израел да се одбрани од нападите на Хамас согласно меѓународните хуманитарни закони, како и за напорите да се обезбеди ослободување на останатаите заложници. Ќе се раговара и за идното создавање на палестинска држава.

Во Дубаи тој ќе учествува на Климатската конференција на ОН КОП28, каде со глобалните лидери ќе разговара за продолжување на борбата со климетските промени.

Бугарија го отвори воздушниот простор за авионот на Лавров

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров

Бугарија го отвори небото за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров доколку тој одлучи да присуствува на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, изјави за новинската агенција ТАСС руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова.

„Добивме позитивен одговор на нашата нота за летот на авионот на Лавров преку воздушниот простор на Бугарија. Бугарското Министерство за надворешни работи официјално не информираше дека нашиот министер може да лета во воздушниот простор на земјата“, вели Митрофанова за руската агенција.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека ќе учествува на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија доколку Бугарија ја промени одлуката.

Претходно, македонската Влада одлучи да се тргне забраната за прелет на рускиот авион со кој руската делегација, вклучително и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ќе може да слета во Скопје, откако претходно министерствата за одбрана и за надворешни работи ќе дадат одобрение за прелет и слетување.

Пред два дена министерот Бујар Османи рече дека се преговара со Бугарија и Грција да дозволат прелет, но, не гледа причина зошто да не го дозволат тоа.

Русија негира дека ќе има средба меѓу Лавров и Блинкен на самитот на ОБСЕ во Скопје

Американскиот државен секретар Антони Блинкен со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров (архивска фотографија)
Американскиот државен секретар Антони Блинкен со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров (архивска фотографија)

Американската страна не побарала средба меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Антони Блинкен на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ во Северна Македонија.

Ова во изјава за новинарите го кажа заменик-министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Рјабков, пренесува руската новинска агенција ТАСС.

„Не, (американската страна не побарала) и нема да бара. И нема да има средба“, посочи заменик министерот, одговарајќи на новинарско прашање од ТАСС.

Како што пренесува агенцијата, помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан се воздржал од коментари за можноста за релевантни контакти.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во понеделник (27 ноември) изјави дека ќе учествува на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор и дека некои западни земји веќе побарале средби со него.

Тој истакна дека веќе имал неколку барања за средби, вклучително и од западни претставници.

„Ако некој ни пријде, ние никогаш не бегаме и не се криеме“, додаде рускиот шеф на дипломатијата.

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен ќе ги претставува САД на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје оваа недела, објави денеска помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан.

Примирјето во Газа е продолжено за два дена, објавија Катар и Хамас

Палестинци се движат низ градот Газа во недела, 26 ноември 2023 година, на третиот ден од привремениот прекин на огнот меѓу Хамас и Израел
Палестинци се движат низ градот Газа во недела, 26 ноември 2023 година, на третиот ден од привремениот прекин на огнот меѓу Хамас и Израел

Посредникот Катар во понеделникот (27 ноември) објави дека е постигнат договор за продолжување на примирјето меѓу израелските и силите на Хамас во Газа за два дена, продолжувајќи ја паузата во седумнеделната војна во која загинаа илјадници луѓе и ја опустоши палестинската енклава.

„Постигнат е договор за продолжување на хуманитарниот прекин на огнот за дополнителни два дена во Појасот Газа“, изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи на платформата „X“.

Хамас, исто така, соопшти дека се согласил за дводневно продолжување на примирјето со Катар и Египет, што овозможило индиректни разговори меѓу двете страни. Немаше коментар од Израел.

„Постигнат е договор со браќата во Катар и Египет за продолжување на привременото хуманитарно примирје за уште два дена, под истите услови како и во претходното примирје“, изјави претставник на Хамас во телефонски разговор за Ројтерс.

Пред изјавите, шефот на египетската државна информативна служба, Диа Рашван, рече дека договорот за продолжување е близок и ќе вклучува ослободување на 20 израелски заложници меѓу оние кои Хамас ги зароби за време на нападот на 7 октомври на јужен Израел. Во замена, 60 Палестинци ќе бидат ослободени од израелските затвори.

Првобитното примирје требаше да заврши во понеделник навечер.

Бидејќи во понеделник се очекува ослободување на 11 израелски заложници, преговорите се уште траат за ослободување на 33 Палестинци, додаде Рашван.

Според израелските извештаи, примирјето договорено минатата недела беше првиот прекин на борбите во последните седум недели откако Хамас го нападна Израел, при што загинаа 1.200 луѓе и вратија околу 240 заложници во Газа.

Како одговор на тој напад, Израел ја бомбардираше енклавата и започна копнена офанзива на север. Околу 14.800 Палестинци се убиени, соопштија здравствените власти во Газа, а стотици илјади се раселени.

Огромните области на енклавата под контрола на Хамас се срамнети со земја од израелските воздушни и артилериски напади, со продлабочена хуманитарна криза, поради намалување на залихите со храна, гориво, вода за пиење и лекови.

Од фабрика во Гостивар украдени над половина тон марихуана

Марихуана во вреќи (илустрација)
Марихуана во вреќи (илустрација)

Министерството за внатрешни работи информира дека доцна синоќа (26 ноември) во 23.00 часот во ОВР Гостивар било пријавено дека во фабрика за марихуана за медицински цели во атар на с.Чегране, гостиварско, три лица физички нападнале вработен како обезбедување и му одзеле пари и лични предмети, по што со закана со пиштол го затвориле во една просторија.

Според пријавеното, откако крадците си заминале, тој излегол и забележал дека капијата од фабриката била отворена и дека две врати од внатрешниот дел биле искршени.

Во консултација и координација со јавен обвинител, увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар и било утврдено дека од внатрешноста на објектот лицата одзеле 41 вреќа со вкупно 552,85 килограми марихуана.

„Имено, на 04.10.2023 од страна на ОКП, по извршена вонредна контрола и претрес со судска наредба, во координација со Комисијата оценување исполнетост на условите во однос на просторот, опремата и кадарот за одгледување на канабис за медицински цели при Министерството за здравство, биле констатирани неправилности во работењето на фабриката. Одземените насади канабис биле предадени на Агенцијата за управување со одземен имот, по што била поднесена кривична пријава против правното и одговорното лице согласно Законот за контрола на опојни дроги и покрената постапка за одземање на лиценцата“, се вели во соопштението на МВР.

Маск и Нетанјаху посетија кибуц нападнат од Хамас

Сопственикот на платформата „Х“, Илон Маск
Сопственикот на платформата „Х“, Илон Маск

Илон Маск, кој се најде на удар на критики поради обвинувањата за антисемитизмот на неговата платформа „X“ (поранешен Твитер), го посети Израел и кибуцот нападнат од екстремистите од Хамас минатиот месец.

Милијардерот и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху заеднички го посетија кибуц Кфар Аза, кој беше нападнат од екстремистите на Хамас на 7 октомври. Маск, облечен во заштитен елек и придружуван од бројни чувари, користел телефон за да фотографира или да го сними уништувањето, според снимките објавени од канцеларијата на Нетанјаху.

Тие ги посетија домовите на некои од жртвите, вклучително и семејството на Абигејл Едан, четиригодишно девојче со двојно израелско и американско државјанство, кое Хамас го држеше како заложник откако нејзините родители беа убиени. Таа беше ослободена во неделата во последната рунда размена за време на прекинот на огнот во Газа, кој треба да истече по понеделник.

„Беше непријатно да се види сцената на масакрот“, рече Маск подоцна во разговор со Нетанјаху. Маск рече дека е вознемирен од видеата и фотографиите што премиерот му ги покажа за убиствата на цивили, вклучително и деца.

Маск и Нетанјаху разговараа за конфликтот и други поврзани теми, но, не го допреа антисемитизмот на интернет, пишува Асошиетед прес.

Нетанјаху рече дека се надева оти Маск ќе биде вклучен во изградбата на подобра иднина, на што милијардерот одговори: „Би сакал да помогнам“.

Владиниот портпарол Ајлон Леви одби да каже дали Маск бил поканет или дошол сам. Платформата „X“, порано позната како Твитер, не одговори на барањето за коментар.

Израелскиот министер за комуникации, Шломо Кархи, претходно во понеделникот објави на „Х“ дека е постигнат договор кој неговото министерство го склучило со сателитската интернет компанија на Маск -„Старлинк“.

„Како резултат на овој значаен договор, сателитските единици „Старлинк“ можат да работат во Израел само со одобрение на израелското Министерство за комуникации, вклучително и во појасот Газа“, напиша Кархи, без да наведе детали, пишува АП.

Израел објави дека понудил опција за продолжување на примирјето

Хила Ротем-Шошани, која беше киднапирана од вооружени лица на Хамас за време на нападот на Израел на 7 октомври, се среќава со член на семејството откако беше ослободена.
Хила Ротем-Шошани, која беше киднапирана од вооружени лица на Хамас за време на нападот на Израел на 7 октомври, се среќава со член на семејството откако беше ослободена.

Портпаролот на Владата на Израел, Ајлон Леви, денеска изјави дека земјата и понудила на палестинската милитантна организација Хамас да го продолжи четиридневното примирје коe истекува утре во 7:00 часот по локално време.

„Сакаме да примиме уште 50 заложници почнувајќи од вечерва“, рече портпаролот.

Извор од египетските безбедносни сили рече дека двете страни работат на деталите за продолжување на прекинот на огнот што започна минатиот петок.

Израел, наводно, инсистира примирјето да се обновува од ден на ден, додека странските посредници Катар, САД и Египет предлагаат прекин на конфликтот на „неколку дена“.

Двете страни повторија дека непријателствата се далеку од завршени.

Кампањата за уништување на Хамас и враќање дома на сите заложници ќе продолжи веднаш штом ќе заврши примирјето, објави портпаролот на израелската влада.

Израел, како што рече портпаролот, „целосно ќе продолжи да ги постигнува своите три цели - да го елиминира Хамас, да се осигура дека Појасот Газа никогаш повеќе нема да биде закана за израелската безбедност и да ги ослободи сите заложници“.

Военото крило на Хамас повтори дека борците се „подготвени“ доколку воените дејствија продолжат.

Од петокот се ослободени 58 заложници, меѓу кои 39 Израелци и оние со двојно државјанство и 19 странци надвор од договорот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG